Дељо Марковски
Дељо Марковски — македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и војвода на Македонската револуционерна организација, деец на ВМРО (Автономистичка) [1].
Дељо Марковски | ||
Роден | 1871 Косинец, Костурско, Егејска Македонија | |
---|---|---|
Починал | 31 декември 1939 Софија, Бугарија |
Животопис
уредиТрговец во родното село и во гратчето Биглишта. Член е на ВМОРО од првите почетоци на револуционеризирањето на Костурско од страна на Лазар Поп Трајков. Во предилинденскиот период учествува во процесот за доставување на оружје заедно со Лазар Киселинчев и Васил Чакаларов, и соработува со познатиот Костурски војвода Атанас Кршаков кој исто така е родум од село Косинец. Учесник е во две битки во Илинденското Востание. При крајот на востанието е амнестиран и е еден од оние што останваат во своите реони.
Борба со андартите
уредиВистинската револуционерна дејност ја започнува после востанието кога активно учествува во ревитализирањето на организацијата во Костурско. Стапува во контакт со новоформираниот Албански револуционерен комитет и активно соработува со нив.
Кога во 1904 година Елиномакедонскиот комитет почнува да испраќа андартски чети во Македонија, Марковски е назначен за реонски раководител, целосно се оддава во оваа нова борба. Неговото име се овековечува за време на битката во селото Косинец на 3 мај 1907 година кога само со 6 души успева да порази 60 вооружени андарти. Потпомоната од турските власти, грчката чета на капетан Вардас со 60 вооружени Критјани го напаѓа село Косинец во момент кога скоро целото машко население е на печалба во Истанбул. Марковски навреме дознава за тоа и успева да ги подели 6-те пушки што се наоѓаат скриени во неговиот дом на 4 негови семејни бријатели и на неговиот малолетен брат. Се распределуваат во различни куќи и започнуваат престрелка со Грците. Во почетокот на престрелката загинуваат 6 андарти, а Грците не осознаваат од каде доаѓа огнот. Тоа создава конфузија во нивните редови, и започнуваат престрелка меѓу нив. Грците се повлекуваат од селото оставајќи околу 13 мртви.
Подоцнежна дејност
уредиПо младотурската револуција Дељо Марковски зема учество во политичкиот процес, а по Балканските војни останува во Костурско и се вклучува во новата борба на ВМРО (Автономистичка) под водство на Тодор Александров во Македонија. Во време на Првата светска војна е шеф на разузнавачка група на ВМРО (Автономистичка) и работи во тилот на сојузниците. Соработува со Константинистите кои сакат да направат државен удар во Атина за да ја бутнат владата на Венизелос, и да се сојузат со Централните Сили. Во 1918 година заедно со најблиските пребегнува во Бугарија, во град Софија каде што и починува во 1939 година [2].
Извори
уреди- ↑ Николов, Борис Й. Вътрешна Македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893-1934). Биографично-библиографски справочник, С. 2001, с. 99-100
- ↑ "Борбите в Македония - Спомени на отец Герасим, Георги Райков, Дельо Марковски, Илия Докторов, Васил Драгомиров" , Борис Йорданов Николов, ИК "Звезди", 2005 г., ISBN 9549514560
Надворешни врски
уреди- Спомени на Дељо Марковски Битката во село Косинец 1907 г.