Депс (филм)
„Депс“ — хрватски и југословенски филм од 1974 година, во режија Антун Врдољак, кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги играат: Беким Фехмиу, Милена Дравиќ, Фабијан Шоваговиќ, Реља Башиќ, Звонко Лепетиќ, Мато Ерговиќ, Зденка Хершак и Крешимир Зидариќ. Снимен во ноќен градски амбиент (пусти улици, зачадени барови, полициска чекалница итн.) со одличната камера на Вјенцеслав Орешковиќ и со џезерската музика на Алфи Кабиљо, „Депс“ со својата тематика бил атипичен филм за своето време и претставува социолошка критика на општеството и на репресивните органи кои не трпат поинакво мислење. За својата улога, Милена Дравиќ била наградена со „Сребрена арена“ на Пулскиот филмски фестивал.[1]
Синопсис
уредиВо центарот на Загреб е ограбена Кредитната банка. Полициските инспектори се сомневаат дека грабежот е дело на 36-годишниот криминалец Депс (го игра Фехмиу). Ноќта кога Депс пристигнува во градот, полицијата го следи неговото возило, но тој успева да им побегне на двајцата инспектора, а потоа прави неред во еден ноќен клуб. Сепак, најпосле, тој е уапсен и одведен во полициската станица каде не го признава грабежот. Депс е сомнителен зашто има богато криминално минато: тој бил повеќепати осудуван и бил в затвор дури 15 години. Во меѓувреме, тој ја запознава убавата девојка Лела (ја игра Дравиќ), се заљубува во неа и набргу тие почнуваат заеднички живот, но тие немаат мир од полицијата, која често го посетува нивниот стан. За време на идентификацијата, банкарската службеничка не го препознава Депс, па полицијата е принудена да го ослободи, а главниот полициски инспектор (го игра Шоваговиќ) сфаќа дека Депс навистина се обидува да започне чесен живот и му нуди работа како возач на камион. На крајот од филмот, Депс ја продава семејната куќа и заедно со Лела заминува на пат со својот камион.