Демократско-републиканска унија на Македонија

Демократско-републиканска унија на Македонија (ДРУМ) — поранешна македонска политичка партија.

Демократско-републиканска унија на Македонија
ВодачДоста Димовска
Генерален секретарАце Миленковски
ОсновачДоста Димовска[1]
Основана2004
Распуштена2006[2]
ШтабСкопје
Идеологијадесница
Политика на Република Македонија
Политички партии
Избори

Историја

уреди

ДРУМ била формирана при крајот на ноември во 2004 година, каде што на основачкото собрание присуствувале околу 500 основачи, членови на ДРУМ. Основачкото Собрание се одржало во Скопје во салата на тогашната општина Чаир. Претседавач бил тогашниот актуелен градоначалник на Чаир, Аце Миленковски. На собранието биле изгласани статутот и програмата на партијата.

За Претседател на партијата била избрана Доста Димовска, за потпретседател Ристо Тошев, а за генерален секретар Аце Миленковски, како и дванаесет членови на извршниот одбор.

Партијата остварувала средби со повеќе блиски партии од други земји како: ЦДУ од Германија, Народна партија на Австрија, СДС и ССД од Бугарија како и со претставници од Европската народна партија. Била воспоставена и соработка со Фондацијата Конрад Аденауер и нивно вклучување во обуката на млади политичари.

На 20 ноември 2005 година се одржал Првиот Конгрес на ДРУМ во Скопје. Од поканети 300 делегати учествувале 280 делегати од општинските одбори на ДРУМ. На конгресот бил избран нов претседател на партијата - д-р Горан Рафајловски, со 278 гласа ЗА, од вкупно 280 делегати. Од страна на Централниот одбор беа избрани: Мирослав Ризински и Дарко Арсов за Потпретседатели и Никола Поп-Илиев за нов генерален секретар на партијата.

Учество на избори

уреди

Партијата учествувала на локалните избори во 2005 година со свои кандидати за советници и градоначалници. Биле кандидирани советници во шест општини и кадидат за градоначалник во една општина. На овие избори ДРУМ добила осум советнички места во пет Општини или 6,6% од вкупниот број на излезени гласачи.

Во општините Зрновци и Кратово, ДРУМ учествувал со со свои советници во коалицијата на локалната власт и имала еден претседател на совет на Општина Зрновци.

Згаснување

уреди

По завршувањето на парламентарните избори во 2006 година, тогашниот претседател на партијата, Горан Рафајловски, поднел оставка поради лошиот изборен резултат. Демократско-републиканската унија на Македонија згаснува на 7 ноември 2006. На 11 ноември 2006 целото членство на ДРУМ, преминало во ВМРО-ДПМНЕ и со тоа Демократско-републиканската унија на Македонија престанала да постои.[3]

Наводи

уреди
  1. Димовска формира Демократско републиканска унија на Македонија, Утрински весник, 2004
  2. Доста се врати во ВМРО-ДПМНЕ, Вест, 07.11.2006
  3. ДРУМ се врати во ВМРО-ДПМНЕ, архива на time.mk, оригинална вест од Дневник, 07.11.2006