Девствениот извор

(Пренасочено од Девствена пролет (филм))

Девствениот извор (шведски: Jungfrukällan) е шведски игран филм од 1960 година, во режија на Ингмар Бергман. Главните улоги ги толкуваат Макс фон Сидов (Max von Sydow), Биргита Валберг (Birgitta Valberg), Биргита Петерсон (Birgitta Pettersson), Гунел Линдблом (Gunnel Lindblom), Аксел Диберг (Axel Düberg), Тор Иседал (Tor Isedal) итн. Сценариото е дело на Ула Исаксон (Ulla Isaksson). Филмот, кој трае 89 минути, е снимен во црно-бела техника и моно звук, во продукција на Шведската филмска индустрија (Svensk Filmindustri).[1]

Во 1961 година, филмот ја добил наградата „Оскар“ за најдобар филм од неанглиското говорно подрачје, а филмот бил номиниран и за „Оскар“ за најдобра костимографија, дело на Марик Вос-Лунд (Marik Vos-Lundh ). Исто така, филмот бил добитник и на неколку други награди, како: „Златен глобус“ за најдобар странски филм (1961), а една година порано, Ингмар Бергман добил специјална награда на Канскиот фестивал, каде бил номиниран и за „златната палма“.[2] [3]

Еден од бројните биографи и аналитичари на опусот на Бергман, Хјуберт И. Коен, овој филм, заедно со уште неколку други, го става во категоријата на филмови на „тајните патишта божји“. Филмот е заснован врз средновековната шведска легенда „Торовата ќерка во Ванге“, но во него е ставен нагласокот не само врз љубомората меѓу двете ќерки на стариот Тор, туку врз судирот меѓу доминантното христијанство и сè уште присутниот паганизам.[4]

Содржина

уреди

Дејеството на филмот се одвива во 14 век. Родителите ја испраќаат својата единствена ќерка Карин (ја игра Биргита Петерсон) во една далечна црква каде треба да однесе свеќи. На патот, Карин е придружувана од бремената слугинка Ингери (Гунел Линдблом), која е љубоморна на неа. Во шумата, таа среќава тројца браќа кои пасат кози. Таа застанува и со нив го споделува својот ручек, но двајцата постари браќа (ги играат Аксел Дуберг и Тор Иседал) ја силуваат. Кога таа сака да си замине, едниот од нив ја удира со стап по темето и така ја убива девојката. Попладнето, браќата доаѓаат до домот на родителите на девојката, кои љубезно ги примаат и им даваат вечера и преноќиште. Кога еден од браќата ѝ нуди на мајката на девојката (ја игра Биргита Валберг) да ѝ продаде убава кошула, таа ја препознава облеката на својата ќерка и сфаќа дека тие се нејзините убијци. Тогаш, му кажува на таткото (го игра Макс фон Сидов), кој зема нож и ги убива тројцата браќа. Потоа, родителите одат на местото на злосторството, каде ја наоѓаат убиената девојка. Кога го подигнуваат нејзиното тело, од местото каде што лежела, почнува да тече вода. Иако во очај поради загубата на единствената ќерка, таткото ветува дека на тоа место ќе изгради црква.[5]

Наводи

уреди