Даниил (библиска книга)
„Книгата на пророкот Даниил“ — книга од Стариот завет во која се опишани пророштвата на пророкот Даниил.
Содржина
уредиЗа време на владеењето на јудејскиот цар Јоаким, вавилонскиот цар Навуходоносор го освојува Ерусалим. Меѓу Јудејците кои се преселени во Вавилон се наоѓаат Даниил (кого му го даваат името Валтазар) и тројца негови другари, кои царот Навуходоносор ги воспитува за да му служат. Тие се стекнуваат со големо знаење, а Даниил има и способност за толкување на соновите. По завршената обука, Даниил и неговите другари стапуваат во служба кај царот. По една година, царот сонува сон кој не можат да го протолкуваат вавилонските мудреци и гатачи. Даниил успева да го протолкува сонот, кажувајќи му на царот дека неговото големо царство ќе пропадне, а Бог ќе подигне вечно царство, а царот му укажува голема почест на Даниил за протолкуваниот сон. По некое време, царот Навуходоносор прави златен идол, барајќи од сите поданици да му се поклонат. Меѓутоа, Даниил и неговите другари одбиваат да го направат тоа, па царот ги фрла во печка со силен оган. Тогаш, во печката влегува божји ангел кој ги заштитува Даниил и другарите и тие излегуваат живи и неповредени, а царот ја признава моќта на Бога. По некое време, Навуходоносор повторно има сон кој не можат да го протолкуваат неговите мудреци, а Даниил повторно успева да даде толкување, советувајќи го царот да владее праведно за да му биде трајна власта. По една година, Навуходоносор се фали со својата власт и тогаш од небото се слуша глас, по што царот го губи разумот така што е тргнат од власта и однесен во полето, каде живее како животно, хранејќи се со трева. Дури откако го спознава Бога, нему му се враќа разумот и тој продолжува да владее со уште поголема слава.[1]
Валтазар, синот на Навуходоносор, приредува гозба на која се слават вавилонските богови. Тогаш се појавува човечка рака која самата пишува на ѕидовите нешто што не можат да го протолкуваат мудреците. Даниил му соопштува на царот дека неговото царство набргу ќе пропадне и истата ноќ е убиен царот Валтазар, а царството го презема Дариј, кој го поставува Даниил за еден од тројцата кнезови кои треба да ги надгледуваат сатрапите кои управуваат со царството. Меѓутоа, управителите на царството коваат завера против Даниил и го клеветат кај царот поради почитувањето на својот Бог наместо вавилонските богови. Поради тоа, царот Дариј е принуден да го фрли Даниил во јама со лавови, но во јамата влегува ангел кој го спасува Даниил. Така, царот сфаќа дека Даниил е праведен и ги фрла клеветниците во јамата со лавови. Еднаш, Даниил сонува сон со четири ѕвера, еден старец кој седи на престол и суди и со Синот Божји кому му е дадена валста над сите народи. Четирите ѕвера ги претставуваат царствата кои ќе владеат со народите пред да ги уништи Господ. Тогаш му се јавува архангелот Гаврил кој го најавува враќањето на Јудејците во Ерусалим, доаѓањето и смртта на Исус и опустошувањето на Ерусалим на крајот на времето. Потоа, Даниил има уште едно откровение за воздигнувањето и пропаста на идните персиски цареви.[2]
Во тоа време, во Вавилон живее Јоаким, богат човек кој ужива голем углед кај Јудејците. Двајца старци, кои служат како судии на Јудејците, ја посакуваат неговата убава жена Сузана. Во една прилика, додека таа се капе, старците се сокриваат во градината, а кога Сузана ги одбива, тие јавно ја обвинуваат за прељуба со некое момче. Сузана е осудена на смрт, но тогаш настапува Даниил кој одделно ги испрашува старците и ја разоткрива нивната лага и ја спасува Сузана, а народот ги погубува старците, додека Даниил стекнува голем углед. Подоцна, кога Даниил служи како советник на царот Кир, тој одбива да го почитува персискиот идол Вил и го советува царот да стави храна во храмот на Вил, а Даниил пак го посипува подот со пепел. Утредента, кога го отвораат храмот, храната е изедена, но по трагите на пепелта царот се уверува дека неа ја изеле жреците, а не божеството. Тогаш, царот наредува да се погубат жреците и му дозволува на Даниил да го урне светилиштето на Вил. Потоа, кога Даниил го убива змејот кој многу го почитуваат Персијците, народот крева бунт и царот Кир е принуден да го фрли Даниил во јама со лавови. Тогаш, во Јудеја, ангел божји му се јавува на пророкот Авакум кого го пренесува во Вавилон и тој му дава храна на Даниил. По седум дена, царот го посетува Даниил и, кога го наоѓа жив и здрав, поверува во моќта на Бога и наредува да го ослободат Даниил.<ef>Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 1099-1103.</ref>
Наводи
уреди- ↑ Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 1081-1089.
- ↑ Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 1089-1099.