Дамата од Шангај (филм)
„Дамата од Шангај“ (англиски: The Lady From Shanghai) - американски филм од 1947 година, во режија на Орсон Велс (Orson Welles), кој е автор и на сценариото, засновано врз романот „Ако умрам пред да се разбудам“ (If I Die Before I Wake) на Шервуд Кинг (Sherwood King). Главните улоги ги толкуваат: Рита Хејворт (Rita Hayworth), Орсон Велс, Еверет Слоун (Everett Sloane), Глен Андерс (Glenn Anders) и Тед ди Корсија (Ted de Corsia). Филмот е одлично снимен, со импресивни експресионистички кадри и со одлична глума, така што се смета за ремек-дело кое ги воодушевува гледачите до ден-денес. И покрај поделените ставови на филмската критика, филмот доживеал бројни превреднувања кои сè повеќе му ја зголемувале вредноста.[1] Оттука, во 2018 година, филмот бил сочуван во Националниот филмски регистер на САД како „културно, историски или естетски значаен“.[2][3]
Синопсис
уредиИрскиот морнар Мајкл О'Хара (го игра Велс) е воодушевен од убавината на русокосата Елса Банистер (ја игра Хејворт) која случајно ја запознава една вечер, откако ја спасува од грабнувачите. Таа му признава дека е омажена за богатиот адвокат Артур (го игра Слоун)и дека само што пристигнале во Њујорк од Шангај. Така, таа го вработува на јахтата на нејзиниот сопруг, зашто таа и сопругот планираат да заминат за Сан Франциско преку Панамскиот канал. Патем им се придружува и деловниот соработник на Артур, Џорџ (го игра Андерс), кој на Мајкл му предлага да му помогне да ја одглуми сопствената смрт, а со цел да добие многу пари од животното осигурување. Најпрвин, Мајкл се колеба, но потоа се согласува при што потпишува изјава дека тој е убиецот. Меѓутоа, еден приватен детекив дознава за планот на Џорџ да го убие Артур, а за убиството да го намести Мајкл. Тој му се спротивставува на Џорџ, кој го убива детективот. Мајкл не знае за настанот и се среќава со Џорџ на морскиот брег при што пука во воздух, а Џорџ бега со моторен чамец. Во меѓувреме, непосредно пред да умре, детективот ја предупредува Елса за планот на Џорџ да го убие нејзиниот сопруг. Набргу доаѓа полицијата и Мајкл е уапсен. На судењето, него го брани Артур Банистер, кој дознава за врската на Елса со Мајкл и намерно дозволува да го осудат Мајкл, а тој кажува дека знае кој е вистинскиот убиец. Пред да биде зиречена пресудата, Мајкл успева да побегне и заедно со Елса се кријат во кинески театар и тогаш Мајкл сфаќа дека таа го убила Џорџ, но тогаш се онесвестува. Пријателите на Елса го носат Мајкл во празен салон за забава. Тој сфаќа дека Елса и Џорџ планирале да го убијат Артур, а за убиството да го наместат него, но потоа таа го убила Џорџ за да се заштити себеси. На крајот, во собата со огледала доаѓа до вооружена престрелка во која Елса е смртно ранета, а Артур е убиен. Мајкл ги игнорира повиците на Елса за помош и си заминува...
Наводи
уреди- ↑ HRT, Dama iz Šangaja, američki film (пристапено на 17.2.2021)
- ↑ „National Film Registry Turns 30“. Library of Congress, Washington, D.C. 20540 USA. Посетено на 2020-11-18.
- ↑ „Complete National Film Registry Listing | Film Registry | National Film Preservation Board | Programs at the Library of Congress | Library of Congress“. Library of Congress, Washington, D.C. 20540 USA. Посетено на 2020-11-18.
Оваа статија филм е никулец. Можете да помогнете со тоа што ќе ја проширите. |