Григорије Ташковиќ

Григорије Ташковиќ или Глигорие Ташковиќ (Битола, 1901Њујорк, 1962) – битолски архитект.[1]

Григорије Ташковиќ
Роден 1901
Битола
Починал 1962
Њујорк
Познат реализирани објект:
Земјоделско училиште Битола
Сушење на Битолското Блато
Банската палата
Занимање архитект
Деца Ото и Вуко (синови)

Животопис уреди

Ташковиќ е роден во 1901 година во Битола. Иако во редовното школување не бил најдобар ученик (полагал математика и историја во еден од класовите), матурирал во 1919 година со многу добар успех. Дипломирал на Техничкиот отсек на Великата школа во Белград во 1925 година по што се вратил во Битола и веднаш се вработил. На 18 октомври 1928 година склучил тригодишен договор како градски архитект во Битолската општина со плата од 30.000 денари годишно и по неговото истекување, во 1931 година побарал и добил раскинување на работниот однос. Во општинското Техничко одделение извесно време вршел и функција на негов шеф. Како прво негово дело се смета Земјоделското училиште во Битола изградено во 1927 година. Следната година заминал на усовршување за изградба на автопати и високоградба во САД.

Имал бурен личен живот, се женел и разведувал неколку пати и имал повеќе деца. Се занимавал и со политика, станал сенатор во периодот 1938-1941 година, како и регионален претседател на Земјоделската партија. По ослободувањето бил затворен, успеал да побегне и животот и работата ги продолжил во Њујорк, САД.[2]

Од 1935 до 1946 година бил сопственик на градежна фирма со седиште во Скопје. Во тој период изградил многу објекти, како што се патишта, мостови, аеродроми, стоковни куќи и фабрики. Фирмата работела за Југославија, Бугарија, Турција во која биле вработени 3000-5000 работници за различни проекти. Тој го извршил сушењето на Пелагониското Блато околу Црна Река на површина од 30000 ха. [1]

Реализирани објекти уреди

Ташковиќ ги реализирал следните објекти:[1]

  • 1933 Меѓународниот автопат: Велес-Градско, Прилеп-Градско, Битола-Кичево
  • 1935 Мостовите на: Црн Дрим во Струга, Црна Река до Битола, Камениот мост на реката Црн Дрим во Дебар, бетонскиот мост во Велес над автопатот.
  • 1937 Земјоделското училиште во Битола[3]
  • 1938 Хидробиолошкиот институт на Охридското Езеро,
  • 1939 Банската палата (денешно Собрание на Република Македонија)
  • 1939 Железничката станица во Скопје

Авторски проекти уреди

Негови авторски проекти се:[1]

  • 1936 Индивидуална семејна куќа на Боро Николиќ на ул. 463 (Мишко Михајловски) во Скопје
  • 1940 Станбениот објект (П+3+По) на Глигорије Ташковиќ, на аголот од улиците Орце Николов и Ленинова во Скопје

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 „Глигорие Ташковиќ“. Посетено на 2021-05-15.
  2. Стерјовски, Александар (2020). Градби - Битола. Битола: Конзулат на Република Србија во Република Македонија. стр. 271–272. ISBN 978-608-65122-8-6.
  3. Според книгата „Градби“ од Александар Стерјовски, Земјоделското училиште е изградено во 1927 година и бил прв проект на Григорије Ташковиќ.