Градиште (Дебреште)

археолошко наоѓалиште во Македонија
Градиште

Карта

Местоположба 41°28′46″N 21°18′55″E / 41.47944° СГШ; 21.31528° ИГД / 41.47944; 21.31528
Основни податоци
Место Дебреште
Општина Долнени
Тип

 населба


Период неолитско време
бронзено време
среден век
Портал „Археологија“

Градиштеархеолошко наоѓалиште во прилепското село Дебреште. Претставува населба од неолитското време па сè до средниот век. Се наоѓа под селото, на околу 26 км северно од Прилеп и западно крај патот Прилеп-Македонски Брод. Ги опфаќа културните слоеви од преминот од IV во III век пред н.е. па сè до XIV век. Поточно, регистрирани се остатоци од населби од доцнонеолитското, бронзеното, железното, хеленистичкото, римското и доцноантичкото време, сè до XII-XIII век.[1]

Праисториските периоди обилуваат со голем број фрагменти, а се среќаваат и антропоморфни фигурини. Многу е богат населбинскиот слој од III-II век пред Христос. Се издвојуваат остатоци од згради, чии ѕидови од внатрешната страна имаат фини премази од кал, кои се украсени со линеарни композитни орнаменти. Има цврсти градби покрај самата тврдина, а малку понаисток од нив овални градби-куќи од плет. По големата преселба на Словените, на овие простори на крајот од VI век се присутни припадниците на словенското племе Брсјаци, кои организирале своја населба и овде, во средишниот простор на наоѓалиштето. Досега целосно е откопан долниот дел од словенска куќа, од кругот на прашко-пенковската култура. Тоа е тип на куќа полуземјанка со правоаголна основа и со покрив на две води, кој со долниот раб лежел на земјата. Источниот и западниот ѕид биле изработени од плет, влезот се наоѓал на западниот ѕид, а во југоисточниот агол имало масивна печка од кршен камен. Во нив имало и јами за складирање на жито. Југоисточно од источната порта на тврдината има некропола со гробови од хеленистичкото, хеленистичко-римското време и од IV век. Од римското време има гробови и североисточно од оваа порта. Некропола од VII и евентуално од VIII век има западно од западната порта на тврдината, во наоѓалиштето Млака. Некропола од VI век има во составот на христијанскиот сакрален комплекс, што се состои од трикорабна базилика со синтронос и тронос, крстилница и мартириум. Во составот на овие старохристијански објекти се наоѓа и некропола од IV до VI век, со накит карактеристичен за овие времиња. Северозападно од нив има некропола од VII и VIII век, со многубројни примероци на накит од бронза и бакар.

Во рамките на некрополата се пронајдени остатоци од мала крстообразна црква со припрата на западната страна. Во овој комплекс од слоеви посебно е значајна тврдината. Последната фаза на тврдината потекнува од времето на Јустинијан I. Во времето на своето функционирање била опколена со вода. Нејзините ѕидови се од кршен камен. Најдебели се ѕидовите на оние страни, каде што водата не била пречка за напаѓачите. Има пет кружни кули и три петоаголни. Најраната тврдина потекнува од времето на Првата македонска војна (215-205). Токму од оваа тврдина раководел Персеј, синот на кралот Филип V. Се чини дека тврдината во последните децении на V век била надвор од својата основна функција, на што особено укажува откритието на голема масивна зграда–форталициум, со дебели ѕидови од кршен камен и варов малтер што ја изградиле источните Готи во времето на својот престој во Пелагонија. Тврдината ја губи својата основна функција на одбрана во последните децении на VI век. Сè до XIV век ова наоѓалиште имало населбински карактер, а од тоа време па натаму се користи исклучиво за земјоделство.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. II. Скопје: Македонска академиjа на науките и уметностите. ISBN 9989649286.