Герман Чиковски
Отец Герман Дамјанов Чиковски ( 1865, Черешница, Костурско - 1908, Костур) — духовник и револуционер, костурски војвода на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација.
Герман Чиковски | ||
Роден | 1865 Черешница, Костурско | |
---|---|---|
Починал | 1908 Костур |
Животопис
уредиОтец Герман е роден во костурското село Черешница, денес Поликерасо, Егејска Македонија околу 1864 -1865 година.[1] Потекнува од големиот род Чиковски, чии поколенија се родовите Шкембови, Цинини, Шклифови, Пецови, Кириџиови. Завршил прогимназија во Битола, па потоа со своите браќа држел продавница за сирење во Цариград. Станал егзархиски свештеник и се вратил во родното село, за да се вклучи во црковно-просветната и политичка борба во Македонија.[2]
Станал член на ВМОРО и за време на Илинденското востание бил војвода на четата од Черешница. По задушувањето на востанието бил фатен од властите и лежел во затвор[3]. Во јануари 1904 година бил амнестиран.[4] Бидејќи имало опасност да биде убиен од грчки андарти, добил покана да се пресели и работи во Бугарија, но ја одбил со зборовите: „Јас станав свештеник за да им служам на Бугарите во Македонија“.[2]
Во јули 1908 година отец Герман бил отруен од Грци во костурската болница. Осум години по смртта, според локалниот обичај, коските му биле извадени и препогребани во малечко сандаче. Дел од нив имале зелена боја од отровот кој бил причинител за смртта. Подоцна името на надгробната плоча му било променето во „Германос Цикос“.[2]
Герман Дамјанов имал два сина (Кузман и Благој) и три ќерки (Софија, Јана и Василка).[5] Благој Германов емигрирал во САД и бил активен член на МПО „Борис Сарафов“, Кантон, Охајо, додека ќерката Софија била мажена за Андон Главчев, соосновач на МПО „Борис Сарафов“[6].
Наводи
уреди- ↑ Во регистар на венчаните од село Черешница, составен околу 1906-1907 година, забележано е дека отец Герман Дамјанов има 42 години - Централен државен архив (ЦДА), ф. 246 К, оп. 10, а.е. 28, л. 1.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 Шклифов, Благой. На кол вода пиехме, София 2011, с. 23-29. (Спомени на Яна Попгерманова-Гулева)
- ↑ Илюстрация Илинден, 1929, бр.4, стр.12.
- ↑ Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893-1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001, стр. 130.
- ↑ ЦДА, ф. 246 К, оп. 10, а.е. 28, л. 1.
- ↑ Македонски Алманах, издава ЦК на МПО, уредник Петар Ацев, издание на „The Macedonian Tribune“, Indianapolis, 1940, стр. 313, 315.