Воена заднина во НОВ
Воена заднина во НОВ (1941-1944) ― заднински органи, селски комитети (тајни воени комитети), кои биле формирани од почетокот на востанието (1941-1942 година), заради обезбедување на животните потреби на народноослободителните партизански одреди.[1]
Подоцна со првите ослободени територии, развојот на овие органи бил ускладен со развојот на НОВ. Со формирањето покрупни воени единици, баталјони и бригади, во 1943 година биле формирани и служби за снабдување - интендантура, со надлежност за набавка и распределба на разни материјали и животни средства. Паралелно со тоа биле формирани и военозаднинските органи, командите на места и командите на подрачја, во чијашто надлежност била ѝ грижата за болниците, работилниците, магацините и слично.[1]
Со создавањето на дивизиите и корпусите во 1944 година, се настојувало заднинските служби на тактичките и оперативните единици да се развиват посамостојно, но секогаш во соработка со военозаднинскиот систем на НОВ и ПОМ.[1]
Воени комитети на село во НОВ
уредиОвие комитети главно биле формирани по селата од крајот на 1941 година, а најбројни во 1942 година. Се појавиле како истурени органи на месните воени штабови со военозаднински задачи. Некаде ги среќаваме и како тајни воени комитети. Ги извршувале следните задачи:[1]
- собирање оружје, храна и опрема
- обезбедување исхрана за партизанските одреди
- одржување врски со партизанските одреди и со месните воени штабови
- разузнавачка работа и слично.
Според својот карактер и улога имале двојна улога: како военозаднински органи и како органи со задачи од доменот на народната власт. Подоцна со развојот на востанието и по создавањето на слободните територии, од некои од нив произглегле и народноослободителните одбори.[1]
Военозаднински органи на НОВ
уредиОвие органи се познати ѝ како команди на места и команди на подрачја, формирани на слободната територија во западна Македонија, во Кичево, Дебар и село Издеглавје, во септември 1943 година, а во 1944 година и во другите области на Македонија, со задача да ги преземат военозаднинските должности од штабовите на оперативните зони.[1]
Основни задачи
уредиОсновни задачи на командите на местата и на командите на подрачјата биле:[1]
- заштита на личната и имотната сигурност на жителите
- осигурување на прометот и сообраќајот
- борба против народните непријатели
- разузнавачка работа
- соработка со НОО за мобилизација на нови борци
- собирање оружје
- мобилизација на товарен добиток како и на запрежни и моторни возила
- обезбедување храна, облека, обувки и слично.
Сите команди на местата се грижеле и за заштитата на селата заради што формирале и селски стражи.[1]