Владимир Серафимовски
Владимир Серафимоски (роден на 3 јуни 1948 година во Гостивар) — македонски лекар, професор и научник од областа на гастроентерохепатологијата и медицинските науки. Член на МАНУ.
Владимир Серафимоски | |
---|---|
Владимир Серафимоски | |
Роден(а) | јуни 3, 1948 Гостивар, Македонија |
Живеалиште | Скопје |
Националност | Македонец |
Полиња | Медицина, гастроентерохепатологија |
Установи | Здравствен дом - Скопје, Клиника за гастроентерохепатологија |
Образование | Медицински факултет во Скопје |
Теза | (1983 докторска дисертација) |
Образование
уредиВо родниот град Гостивар ги завршил основно и средно образование. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје во 1971 г. По завршување на четвртата година од студиите бил испратен во Полска (Варшава), каде што ја изведувал задолжителната практична работа no хирургија на II хируршка клиника. Стапил на работа во Здравствениот дом во Скопје. По приемот на Клиниката за гастроентерохепатологија добил решение за специјализација по интерна медицина и активно се вклучува во научно-истражувачката работа. Во 1977 г. е избран за помлад асистент, а во 1981 година за асистент на Катедрата за интерна медицина на Медицинскиот факултет во Скопје. Редовен професор е по предметот интерна медицина.
Работeн век и стручна дејност
уредиУште како млад асистент од Стручниот колегиум на Клиниката за гастроентерохепатологија добива задача да ја воведе рутинската ехотомографија во абдоминалната дијагностика. Испратен е во Париз, Амстердам, Нирнберг и Филаделфија на професионална едукаинја и постдипломско усовршување. Во 1983 година ја брани докторската дисертација на тема „Ехотомографски придонес во дијагностиката и диференцијалната дијагностика на опструктивниот иктерус“. Рутинската ултрасонографија како дијагностичка метода прв ја воведува на просторите на поранешна Југославија и на Балканот. Во оваа област е пионер. Клиниката за гастроентерохепатологија претставувала референтен центар за образовање на кадри од оваа област, особено од поранешна Југославија.
Акад. Владимир Серафимоски престојувал во повеќе центри во светот, и тоа: Амстердам, Ротердам, Париз, Нирнберг, Филаделфија, Сан Диего, Копенхаген, Лондон и како резултат на тие престои ја воведува интервентната ултрасонографија во поранешните простори на СФР Југославија и во нашата земја. Тој прв ги изведува насочените биопсии водени под ултразвук на црниот дроб, на панкреасот, на туморите во абдоменот, на ретроперитонеалните лимфни жлезди, дренажите на црнодробните апсцеси, билијарните патишта и други манипулации кои го скратуваат времето на дијагностицирање и на лекување на гастроентерохепатолошките болни. Овие методи денес се рутински процедури што се изведуваат на Клиниката за гастроентерохепатологија.
Акад. Серафимоски во нашава земја ја воведува ендосонографијата, која во денешно време е незаменлива за одредување на стадиумот на туморите на хранопроводот, желудникот, колонот и панкреасот. Изведувачот на оваа метода мора многу добро да ги познава ендоскопијата и ехотомографијата, бидејќи методата е синтеза на двете техники. Интерпретацијата на резултатите од оваа метода е многу тешка и одговорна работа, бидејќи со неа се одредува степенот. на операбилноста на болниот. Исто така ги воведува доплер и колор доплер ултрасонографијата и интраоперативната ултрасонографија. Акад. Серафимоски работи на Клиниката за гастроентерохепатологија и е редовен професор на Катедрата по интерна медицина на Медицинскиот факултет во Скопје. Носител е на бројни научноистражувачки проекти и членува во повеќе научни друштва и асоцијации. Претседател е на Научното здружение на гастроентерохепатолозите на Македонија и организатор на три научни симпозиуми за ултразвук и на Меѓународниот хепатолошки симпозиум (1966).
Научна дејност
уредиДобитник е на бројни награди и признанија, меѓу кои „Наградата 11 Октомври“, највисоко општествено признание за долгогодишни значајни остварувања во Република Македонија од областа на науката и образованието. Акад. Серафимоски учествувал на бројни научни собири, конгреси и симпозиуми. Како професор по покана одржал околу 40 предавања. Своето богато научно искуство го има презентирано во повеќе од 230 научни и стручни трудови објавени во странски и домашни списанија. Неговите трудови се објавени во реномирани списанија од областа на гастроентерохепатологијата, а особено во областа на ехотомографијата. Автор и соавтор е на повеќе изданија, и тоа: Ехотомографски пристап кон иктеричниот синдром, Гастроентерологија, Етиопатогенетска фармакотерапија на гастроентерохепатолошките заболувања и др. Од особена важност е изданието Пропедевтичка и клиничка гастроентерохепатологија, за која акад. Исак Таџер, меѓу другото, вели „мојата оценка е највисоко можна, посебно поради тоа што авторот научно и со знаење ја изложува материјата усвоена преку своето лично искуство со болниот човек“. За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 10 мај 2000 година.