Вилхелм фон Хумболт

Вилхелм фон Хумболт (22 јуни 1767- 8 април 1835) — пруски филозоф, владин функционер, дипломат и основач на Универзитетот Хумболт во Берлин, кој бил именуван во негова чест во 1949, и исто така по неговиот брат, Александар фон Хумболт, експерт во природните науки.

Вилхелм фон Хумболт

Тој е посебно запомнат како лингвист кој придонел значително за филозофијата на јазикот и во теоријата и практика во образованието. Конкретно, тој е признат како архитект на таканаречениот Хумболтов образовен идеал, кој бил применет од почетокот во прускиот образовен систем како модел за нивниот образовен систем, а потоа и во земји како Соединетите Американски Држави и Јапонија.

Неговиот помал брат, Александар фон Хумболт, бил славен како географ, експерт во природните науки и истражувач.

Животопис

уреди

Хумболт e роден во Поцдам, умрел во Тегел. Во јуни 1791, се оженил со Каролин фон Дахроден со која имал осум деца, од кои пет (вклучувајќи ја Габриеле фон Билов доживеале напредна возраст.[1] Неговата куќа во Рим станала културен центар, водена од Шарлоте Хумболт.[2]

Филозофија

уреди

Најважното философско дело на Хумболт е „Идеи за обидот да се определат границите на ефикасноста на државата“ (Ideen zu einem Versuch, die Gränzen der Wirksamkeit des Staates zu bestimmen), напишано во 1791-1792 (иако книгата не била издадена до 1850, по неговата смрт), една од најхрабрите одбрани на слободите на Просветителството. Книгата имала влијание врз есејот За Слободата на Џон Стујарт Мил, преку кој идеите на Хумболт станале познати во англиското-говорно подрачје. Хумболт скицирал рана верзија на тоа што Мил подоцна го нарекол принципот на повреда. Во ова дело, Хумболт најпрвин ги критикува другите мислители за нивната преголема концентрација на прашањето за тоа кој треба да владее и за нивното недоволно внимание врз соодветната сфера на власта. Тој тврди дека единствената легитимна област на државната акција е обезбедувањето безбедност на поединците од надворешните напади и од загрозувањето на нивните права од страна на сонародниците. Наспроти тоа, тој ја отфрла идејата дека државата треба да ја зголеми благосостојбата на поединците.[3]

Делот од книгата што се однесува на образованието бил издаден во 1792 во декемвриското издание на „Берлинише Монатшрифт“, под насловот „За јавното образование“. Со издавањето на овој извадок, Хумболт почнал да учествува во филозофската дебата за насоката на националното образование, којa по била во тек во Германија во периодот по Француската револуција.

Образовни Реформи

уреди

Хумболт бил образован дома и никогаш не ги завршил неговите релативно кратки универзитетски студии на универзитетите Франкфурт (Одер) и Универзитетот во Готинген. Сепак, станал еден од највлијателните лица во германското образование. Всушност, Хумболт планирал да стане Министер за Образование, но не успеал да ја добие позицијата. Прускиот крал побарал од него да го напушти Рим во 1809 и да го води директоратот на образование под Фридрих Фердинанд Александар цу Дона-Шлобитен. Хумболт не одговорил на барањето неколку недели и повеќе сакал да остане во амбасадата во Рим. Неговата жена не се вратила со него во Прусија; парот се сретнал повторно кога Хумболт дал оставка од позицијата во образование и бил назначен на чело на Амбасадата во Виена.

Хумболт вовел стандардизиран систем на јавно образование, од основно образование до средно образование, и го основал Берлинскиот Универзитет. Наметнал стандардизација на државните испити и инспекции и создал посебен оддел во Министерството за да го надгледува и дизајнира наставниот план, учебниците и помагала за учење.[4]

Плановите на Хумболт да го реформира прускиот училиштен систем не биле издадени долго по неговата смрт, заедно со дел од трактатот ‘Теорија на Образование на Човекот’, кој го напишал во околу 1793. Во него, Хумболт тврди дека ‘крајната задача на нашето постоење е да му се даде најцелосната можна содржина на концептот на човештвото во нашата личност […] преку влијаниeто на нашите дела во нашите животи’. Оваа задача ‘може да биде имплементирана само преку врските поставени меѓу нас како поединци и светот околу нас’. Хумболтовиот концепт на образование не може да се толкува исклучиво индивидуалистички. Точно е дека тој отсекогаш ја прифаќал важноста на животот на поединецот и ‘развитокот на богатство од поединечни форми’, но тој го нагласил фактот дека ‘ само-образованието може да биде продолжено само [ … ] во поширокиот контекст на развитокот на светот’. Со други зборови, поединецот не е само назначен, туку и приморан, да игра улога во формирањето на светот околу него.

Хумболтовиот образовен идеал бил целосно обележан од општествени размислувања. Никогаш не верувал дека ‘човечката раса може да кулминира во достигнувањето на општo совршенство во апстрактни термини’. Во 1789, тој напишал во неговиот дневник дека ‘образованието на поединецот бара неговото вклучување во општеството и неговите врски со општеството во поширока смисла’. Во неговиот есеј за ‘Теоријата за Образованието на Човекот’, го одговорил прашањето за ‘барањата што мора да бидат побарани од една нација, од една ера и од човечката раса’. 'Образованието, вистината и доблеста' мора да бидат распределени до таа мера така што 'концептот на човештвото' зазема голема и достоинствена форма во секој поединец. Меѓутоа, ова ќе биде постигнато лично од секој поединец, кој мора да ја 'апсорбира големата количина на материјал нему понудена од светот околу него и од неговото внатрешно постоење, користејќи ги сите можности на неговата рецептивност; тој мора тогаш да го преобличи тој материјал со сите енергии од неговата активност и да го присвои за себе за да создаде интеракција помеѓу неговата личност и природа во најопшта, активна и хармонична форма'.

Хумболтовиот образовен модел оди над практична обука. Во писмо до прускиот крал, тој пишува: "Има несомнено некои видови на знаење кои мора да бидат од општа природа и, уште поважно, да го култивираат умот и карактерот, знаење кое секој треба да го поседува. Луѓето очигледно не можат да бидат занаетчии, трговци, војници или стопанственици ако не се, без разлика на нивното занимање, добри, чесни и – во согласност со нивната состојба – добро информирани човечки суштества и граѓани. Ако оваа основа е дадена преку школување, професионалните вештини лесно се стекнуваат потоа, и личноста е секогаш слободна да преминува од едно занимање во друго, како што често и се случува во животот".[5] Филозофот Јулијан Нида-Римелин ги критикувал разликите помеѓу Хумболтовите идеали и современата образовна политика, која еднострано го разбира образованието како подготовка за пазарот на трудот, и аргументирал дека мораме да се одлучиме помеѓу МкКинзи и Хумболт.[6]

Наводи

уреди
  1. Mueller-Vollmer, Kurt, "Wilhelm von Humboldt", The Stanford Encyclopedia of Philosophy
  2. [1]
  3. James M. Buchanan, and Gordon Tullock, The Calculus of Consent: Logical Foundations of Constitutional Democracy. The University of Michigan Press, 1962, стр. 321.
  4. Clark, Christopher (2006). Iron Kingdom: The Rise and Downfall of Prussia. United States of America: Penguin Group. стр. 332.
  5. As quoted in Profiles of educators: Wilhelm von Humboldt (1767–1835) by Karl-Heinz Günther (1988), doi:10.1007/BF02192965
  6. Nida-Rümelin, Julian (29 October 2009). „Bologna-Prozess: Die Chance zum Kompromiss ist da“. Die Zeit (германски). Посетено на 29 November 2015.