Википедија:Избрана статија/2023/04
Пере Тошев (1865 — 1912) — македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и раководител на Македонската револуционерна организација, апостол и совеста на револуционерна Македонија и национален херој.
Пере Наумов Тошев е роден 1865 година во Прилеп, во семејство на богати и видни иселници од Дебарско. Основното образование го завршил во Прилеп, а потоа продолжил да се школува во Солунската машка гимназија. Во 1884 година завршил VI клас во Пловдиската гимназија. Од 1892 до 1901 година учителствувал во гимназиите во Прилеп, Скопје, Битола и Солун, сè до Солунската афера во 1901 година, кога заедно со повеќе истакнати револуционери бил уапсен. Бил осуден на 101 година затвор и бил затворен во Подрум кале (Бодрум кале) во Мала Азија, но во 1902 година бил амнестиран. Во 1903 година учествувал во Илинденското востание, каде што раководел со Мариовскиот револуционерен реон. По востанието тој е еден од главните претставници на Реформската струја и се залагал за широка децентрализација на Организацијата. Бил делегат на Прилепскиот конгрес во 1904 година, а во 1905 година на Рилскиот конгрес на ВМОРО бил избран за член на Централниот комитет на Организацијата.
Од 1910 до 1911 година бил училиштен инспектор на училиштата во Солунскиот округ. Во 1911 година заминал да се лекува во Софија, во клиниката на Стефан Сарафов. На 29 февруари 1912 година ја примил веста за склучувањето на сојузен договор меѓу Бугарија и Србија, каде што Македонија ја делат на спорна и беспорна зона. Пере Тошев побарал да биде примен во Народното собрание и ислушан, при што бил уапсен. Пере Тошев бил убиен во заседа на 4 мај 1912 година, на патот за Прилеп, во Дреновска Клисура. По неговоѕо убиство, Турците го исекле на парчиња и го закопале во каналот покрај патот. По 5 денови роднините го нашле телото на Пере Тошев, но Турците им забраниле телото да биде погребано во Прилеп. Под засилен надзор на Турците, Пере Тошев бил погребан во дворот од црквата во село Фариш. Во 1996 година, неговите посмртни останки се префрлени во дворот на црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп. (Дознајте повеќе...)