Википедија:Избрана статија/2015/04
Ница (француски: Nice; окситански: Niça [класичен облик] или Nissa [нестандардно], италијански: Nizza или Nizza Marittima, грчки: Νίκαια, латински: Nicaea) — петти најнаселен град во Франција, по Париз, Марсеј, Лион и Тулуза. Урбаната област на Ница се протега надвор од административните граници на градот со население од околу еден милион и зафаќа површина од 721 км². Сместен на југоисточниот брег на Франција на Средоземното Море, Ница е вториот најголем француски град на средоземниот брег, веднаш зад Марсеј.
Градот е наречен Nice la Belle (Nissa La Bella на окситански), што означува Убавата Ница, што исто така е името на неофицијалната химна на Ница, напишана од Меника Рондели во 1912. Ница е главен град на департманот Приморски Алпи и втор најголем град во регионот Прованса-Алпи-Азурен Брег по Марсеј.
Површината на денешна Ница се протега на „Тера Амата“, археолошко наоѓалиште во кое се најдени докази за многу рано користење на оганот. Околу 350 п.н.е., Грците од Марсеј основале постојана населба и ја нарекле Никаја, по божицата на победата Ника. Низ вековите, градот бил заземан многу пати од разни освојувачи. Неговата стратешка местоположба и пристаништето значајно придонеле за неговата поморска сила. Низ вековите бил владение на Савоја, потоа станал дел од Франција помеѓу 1792 и 1815, кога бил вратен на Пиемонт-Сардинија до неговото повторно припојување кон Франција во 1860.
Природната убавина на Ница и нејзината умерена средоземна клима им го привлекло вниманието на богатите Англичани во втората половина на XVIII век, кога голем број на благороднички семејства ги поминувале нивните зими овде. Главното градско шеталиште крај морето, Англиската променада (Promenade des Anglais) го добило своето име во име на посетителите на градот. (Дознајте повеќе...)