Википедија:Избрана статија/2013/45
Храм на небото или Олтар на небото (кин. трад. 天壇, упр. 天坛; пинјин: Tiāntán; манџ. Абкај мукдехун) — светилиште во југоисточниот дел на центарот на Пекинг. Служел за државни обреди, каде царевите од династиите Минг и Чинг секоја година се помолувале на небото за добра жетва во царството. Светилиштето е изградено во периодот од 1406 до 1420 г., за време на царот Јунгле, кој го изградил и Забранетиот град. Денешното име го добил во времето на царот Џаџинг (XVI век). Царот изградил и уште три важни храма во градот: Храмот на сонцето (日壇) на исток, Храмот на земјата (地壇) на север и Храмот на месечината (月壇) на запад. Храмот на небото е реновиран во XVIII век во времето на царот Ченлунг — последен крупен зафат во царско време поради влошувањето на државните финансии.
Во Кина, царот се сметал за „син на небото“, кој раководел со овоземските работи како претставник на небесата. Како таков, имал задача да се моли за добра жетва за целата земја, притоа принесувајќи жртва.
Двапати годишно царот и неговата придружба доаѓале во светилиштето и се залогорувале. Царот носел посебно облекло и држел строг тридневен пост. На обичниот народ му било забрането да присуствува на обредот или подготовките. Потоа царот се молел за плодна година. На зимската краткодневица се вршел посебен обред, кој морал да се изведе совршено за да не се урочи земјата. (Дознајте повеќе...)