Википедија:Избрана статија/2008/37
Ден на независноста на Македонија — државен празник кој се празнува во Македонија на 8 септември. Празникот популарно е наречен и 8-ми Септември. Празникот ја означува сувереноста, независноста и самостојноста на Македонија и македонскиот народ.
Референдумот во Македонија се одржал во предвечерјето на распадот на СФРЈ, на 8 септември 1991 г. Врз основа на плебисцитот од декември 1990 година на кој словенечкиот народ со уверливо мнозинство се определил за градење суверена држава и Декларацијата за независност, на 24 јуни следната година Словенија прогласила независност. Веднаш по тој чин дошло до оружени конфликти меѓу ЈНА и словенечката територијална одбрана. Воениот судир завршил за триесетина дена со Брионската декларација и повлекување на единиците на ЈНА од Словенија во Србија и во БиХ.
Денот на независноста како државен празник е неработен ден во Македонија. Претседателот и Владата на Македонија организираат разни свечености. Претседателот традиционално го доделува Орденот „8 Септември“. Народот традиционално оди на излети во познатите излетнички места. Македонскиот олимписки комитет организира спортски пикници, а додека Мотоциклистичката федерација на Македонија го организира Меѓународното мото рели „Македонија 2008“ во Скопје. Сите македонски амбасади, конзулати и претставништва приредуваат пригодни коктели и свечености во земјите во кои се наоѓаат. (Дознајте повеќе...)