Википедија:Избрана статија/2007/33
Вилијам Блејк (англиски: William Blake; 28 ноември 1757 - 12 август 1827) — англиски поет, визионер, сликар и бакрорезец. Сосема непознато во текот на неговиот живот, делото на Блејк денес се смета за единствено, оригинално и особено значајно во историјата на поезијата и ликовната уметнос. Прогласен е за 38-ми најголем Британец во историјата, според анкетата направена од страна на Би-Би-Си во 2002 година.
Според Нортроп Фрај, кој е еден од најзначајните истражувачи на целокупниот поетски опус на Блејк, неговите пророчки книги се "обратно-пропорционално на нивното значење, најнечитаните дела во историјата на англиската литература." Многу ја имаат величано Блејковата оригинална работа во рамките на ликовната уметност и барем еден критичар има речено дека Блејк е „убедливо најголемиот сликар што го има дадено Британија.“ Долго време сметан за несекојдневен лудак поради неговите идиосинкратични и ексцентрични идеи, денес Блејк се цени поради неговата експресивност и креативност, како и поради философската визија која го дефинира целокупното негово дело. Како што и самиот еднаш има речено, „Фантазијата не е состојба: тоа е самото човеково постоење“.
Без разлика на тоа што денес неговата ликовна уметност и поезија се разгледуваат одделно, Блејк најчесто двете ги поврзува во една целина на тој начин формирајќи еден прекрасен склоп кој истовремено им се противи и ги надминува сите конвенции. Иако целиот живот верува во својата способност да зборува со библиските пророци, и и покрај неговата работа во однос на илустрирањето на „Книгата на Јов“, Блејковата несомнена приврзаност кон Библијата е постојано придружена со анимозитет спрема востановената црква, а самите негови верувања се обликувани преку неговата фасцинација со мистицизмот, кој пак ќе биде еден од столбовите на новороденото романтичарко книжевно движење. Конечно, неможноста да се смести Блејк во ниту една хронолошки одредена фаза од развитокот на уметноста, е можеби одликата која најлесно го дефинира.