Венцеслав Кафеџиски
Венцеслав Кафеџиски (Скопје, 1958) – универзитетски професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии.[1]
Венцеслав Кафеџиски | ||
Роден | 1958 Скопје | |
---|---|---|
Националност | Македонец | |
Занимање | универзитетски професор |
Животопис
уредиВенцеслав Кафеџиски е роден во Скопје во 1958 година. На Електротехничкиот факултет во Скопје дипломирал во 1982 и магистрирал во 1989 година, а докторирал на Државниот Универзитет на Аризона, Темпе, САД во 2000 година. Од 1983 до 1990 година бил вработен на Електротехничкиот факултет во Скопје како асистент, а во периодот 1990-2000 година престојувал на Државниот универзитет на Аризона во Темпи. Во 2001 година се вработил на Електротехничкиот факултет во Скопје како доцент. Во 2005 година бил избран во звањето вонреден професор, а во 2010 година во звањето редовен професор. Од 2001 година предава поголем број на предмети од областа на дигитални комуникации, безжични комуникации, обработка на сигнали и теорија на информации. Координатор е на студиската програма на магистерски студии Безжични и мобилни комуникации и на новата студиска програма на магистерски студии Безжични системи, сервиси и апликации. Тој е раководител на лабораторијата за обработка на сигнали во телекомуникациите.
Автор е на повеќе од 80 научни публикации, публикувани во престижни меѓународни списанија и зборници од конференции од областите на безжични комуникации, теорија на информации и обработка на сигналите. Бил рецензент за престижните списанија IEEE Transactions on Information Theory, IEEE Transactions on Wireless Communications, IEEE Transactions on Vehicular Technology, IEEE Communications Letters.
Учествувал во повеќе научни, апликативни и Темпус проекти. Бил корисник на Темпус грантови за индивидуална подвижност во 2003 и 2004 година на Politecnico di Torino, Италија и на Institute Eurecom, Франција. Во рамките на активностите на Темпус проектот „Master Studies in DSP Based on Blended Learning Approach“ престојувал на Универзитетот во Марибор во летото 2008 година. Од 1.04.2012 до 31.08.2012 престојувал на Институтот Јожеф Штефан во Љубљана, Словенија како визитинг истражувач. Од 1.06.2013 до 31.08.2013 престојувал на Институтот за теоретска информациска технологија при RWTH универзитетот во Ахен, Германија, а од 1.05.2016 до 31.07.2016 престојувал на Институтот за телекомуникациски системи при Факултетот за електротехника и информатика на Техничкиот универзитет во Берлин. Во 2006 година претседавал со работната група на Агенцијата за електронски комуникации на Република Македонија, која подготвила два документи за воведување на WiMAX во Република Македонија. Во 2007 и 2008 година учествувал во работните групи кои ги подготвиле документите „Национална стратегија за развој на електронските комуникации“ и „Национална стратегија за широкопојасен интернет“. Бил поканет предавач на 4 работилници организирани од Меѓународната унија за телекомуникации (ITU) со меѓународно учество од меѓународни регулаторни тела, академијата и индустријата, предавајќи за WiMAX, LTE, влијание на широкопојасниот пренос на медиумите и техники за мерење на спектарот. Бил член на Одборот на ЕТАИ од 2004 до 2008 година. Од 2008 година е претседател на Техничкиот комитет за електронски комуникации при Институтот за стандардизација на Република Македонија. Тој е сениор мембер на IEEE и организатор на Одделот за теорија на информации при Македонската секција на IEEE. Во мандатните периоди 2012-2013, 2014-2015 и 2018-2019 бил и претседател на овој оддел.[2]
Наводи
уреди- ↑ 50 ГОДИНИ ФАКУЛТЕТ ЗА ЕЛЕКТРОТЕХНИКА И ИНФОРМАЦИСКИ ТЕХНОЛОГИИ. Скопје: Факултет за електротехника и информациски технологии. 2009. стр. 222. ISBN 978-9989-630-58-3.
|access-date=
бара|url=
(help) - ↑ „Венцеслав Кафеџиски“. ФЕИТ. Посетено на 20 март 2021.