Бенчевско четвороевангелие
Бенчевско четириевангелие — средновековен илуминиран ракопис, копија на четвороевангелијата од почетокот на XVI век. Откриено е во 1988 година од археографот Михајло Георгиевски во поречкото село Бенче, Македонија, заедно со уште четири зачувани стари ракописни книги, датирани помеѓу XIV и XVI век. Денес се чуваат во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, под инвентарните сигнатури Мс 17, 167, 168, 169 и 171.[1]
Бенчевско четворотевангелие | |
---|---|
Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ | |
Страница од ракописот | |
Година на изработка | почеток на XVI век |
Материјал | хартија |
Големина | 360 листа |
Писмо | кирилица |
Опис
уредиГолемината на ракописот е 21,5 x 15 см и содржи 360 листа. Размерот на текстовното поле е 15 х 8,5 см. Тетратките се по осум листа, нумерирани со кирилски броеви во почетокот и на крајот од секоја свеска. Хартијата е дебела. Во 18 век оштетените листови се извадени и заштитени, направена е еден вид на примитивна конзервација. Водени знаци во ракописот се „кардиналска шапка“ од типот Бриќе бр. 3457 со контрамарка „V“ од 1504 година и „камбана“ од типот Бриќе бр. 3405 од 1518 година. Сочуван е изворниот повез. Две даски обложени со орнаментирана кожа. Се среќаваат правоаглести рамки со крукчиња на аглите. Во средината има орнаментиран крст со постамент. Има остатоци од копчиња за закачување.[2]
Писмото е убаво полууставно писмо, со 18 реда на полна страница, во една колона. Правописот е двоеров со ресавски принципи. Големиот ер обично се употребува во предлозите и претставките, а малиот ер на крајот. Употребена е фонемата ѕ. Од интерпукциските знаци употребена е точката и запирката. Застапени се доста напредни знаци како акцентот којшто е недоследен, потоа кендемата, паерокот и разни знаци за скратување. Насловите и почетните букви се напишани со црвено мастило, а останатиот текст со црно мастило.[2]
Ракописот е богато орнаментиран, пред секое евангелие се наоѓа минијатура на евангелистот, вметнати отпосле во ракописот. Така на листот бр. 7 се наоѓа минијатура на Матеј, на листот бр. 102 на Марко, на 163 на Лука и на 264 на Јован. Минијатурите се изработени со врвна мајсторска прецизност и имаат голема уметничка вредност. После листовите на коишто се застапени минијатурите има големи знаменца во неовизантиски и балкански стил. На листот бр. 8 се наоѓа големо правоаголно знаменце со преплети и флорални елементи што излегуваат надвор од правоаголната рамка. Знаменцето е нацртано со бледозелена, црвена и кафена боја што ближи до позлата. Во ист стил и колорит е нацртана и почетната буква „К“. На листот бр. 103 големо правоаголно знаменце со преплет и флорални елементи, како во рамка така и надвор од неа. Употребена е бледосина, црвена, зелена и кафена боја што ближи до позлата. Во ист стил и колорит е нацртана и почетната буква „З“. На листот бр. 169 се наоѓа големо правоаголно знаменце со преплети и флорални елементи. Употребена е црвена, зелена и кафена боја што ближи до позлата. Во сличен стил и колорит е нацртана и почетната буква „П“. На листот бр. 265 има големи правоаголни знаменца со преплети и флорални елементи. Употребена е бледозелена, црвена и кафена боја што ближи до позлата. Во ист стил и колорит е нацртана и почетната буква „В“. Освен четирите минијатури на листовите. 7, 102, 163 и 264, како и големите правоаголни знаменца, се среќаваат и помали знаменца нацртани со преплет и тоа на листот бр. 2, потоа на листот 9 тесно знаменце во балкански стил со кругови и преплет. Слично се среќаваат и на листовите 98, 100, 159, 161, 261 и 262.[2]
Наводи
уреди- ↑ Велев, Илија (2013). Средновековната духовна и книжевна традиција во Поречието, во: Луческа, Ели, Звонко Димоски, уредници. Сто години од раѓањето на Јозеф Обрембски. Прилеп-Poznan: Институт за старословенска култура - Прилеп, Институт за словенска филологија УАМ - Познањ. стр. 74. Посетено на 25 октомври 2024.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 „Бенчевско четвороевангелие“. Средновековни словенски ракописи во Македонија. Посетено на 25 октомври 2024.