Бенчевски литургиски зборник
Бенчевски литургиски зборник — средновековен ракопис од првата третина на XVI век. Откриена е во 1988 година од археографот Михајло Георгиевски во поречкото село Бенче, Македонија, заедно со уште четири зачувани стари ракописни книги, датирани помеѓу XIV и XVI век. Денес тие се чуваат во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, под инвентарните сигнатури Мс 17, 167, 168, 169 и 171.[1]
Бенчевски литургиски зборник | |
---|---|
Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ | |
Страница од ракописот | |
Година на изработка | прва третина на XVI век |
Материјал | хартија |
Големина | 152 листа |
Писмо | кирилица |
Опис
уредиГолемината на ракописот е 21,5 x 15,5 см и содржи 152 листа. Листовите 2, 3, 7‛, 75‛, 100‛, 114‛, 149‛, 151‛ се празни. Има остатоци од оригиналната кирилична пагинација со кватерниони, но со подврзувањето е пореметена и недоследна. „Ракавица со петолист одозгора“ од првата третина на XVI век и круг со петокрака одозгора со иницијал внатре „ВМ“ од истото раздобје се водените знаци во зборникот. Орнаментиката е скромна, нема знаменца, а насловите и почетните букви се поголеми со извесна мала доза на иницијалност. Зачуван е изворниот повез од XVI век кој се состои од штици завиткани во црна кожа - орнаментирани со рамови, ромбови во коишто се наоѓаат розети и палмети. На аглите и на средината се наоѓаат метални топчиња. Има остатоци од копчиња и ременчиња за закопчување.[2]
Писмото е полууставно со облици од XV-XVI век, 22-23 реда на цела страница. Правописот е двоеров, со траги од ресавската правописна школа. Големиот ер обично се употребува во предлозите и претставките, а малиот на крајот. Употребена е буквата Ѕ (нose, sвѣзда, ѕиждителю и др.) Од надредните знаци се среќава кендемата, акценти и спиритуси, но доста ретко. Од интерпункцијата употребена е точка и две точки. Насловите и иницијалите се црвени.[2]
Наводи
уреди- ↑ Велев, Илија (2013). Средновековната духовна и книжевна традиција во Поречието, во: Луческа, Ели, Звонко Димоски, уредници. Сто години од раѓањето на Јозеф Обрембски. Прилеп-Poznan: Институт за старословенска култура - Прилеп, Институт за словенска филологија УАМ - Познањ. стр. 74. Посетено на 25 октомври 2024.
- ↑ 2,0 2,1 „Бенчевски литургиски зборник“. Средновековни словенски ракописи во Македонија. Посетено на 25 октомври 2024.