Белото Циганче

роман за деца од Видое Подгорец (македонски писател)

„Белото Циганче“роман за деца од македонскиот писател Видое Подгорец. За првпат, книгата била издадена во 1966 година. Исто така, таа била екранизирана во ТВ-серија со истиот наслов, од страна на Македонската радио-телевизија.[2]

Белото Циганче
Изработувач на
корицата
Александар Сотироски
ISBN9989-32-242-2

Содржинa

уреди

Романот се состои од пролог и 27 глави, а дејствието го раскажува главниот лик, во прво лице еднина. Еден ден, во училиштето доаѓа нов ученик - Циганчето Таруно. Учениците се однесуваат лошо кон него и постојано го задеваат, а по една невкусна шега, учителот го кани Таруно да им се претстави на учениците. Така, тој започнува да ја раскажува својата животна приказна: Таруно бил сираче кое живеело со група Цигани, а за него се грижел старецот Мулан. За време на војната, Таруно бил оставен во некое село, а додека бегале од окупаторот, група Роми го пронашле детето и го одгледале. Потоа, Таруно ги научило нивните обичаи и научило да заработува за живот, плетејќи кошници. Неговите најдобри пријатели биле слепото дете Рапуш со голема дарба за свирење и девојчето Насиха, која се грижила за Рапуш. Еден ден, кога караванот застанал на една ливада, Таруно ја слушнал кавгата меѓу Мулан и злобната Хенза, која се заканувала дека ќе го избрка, отруе или ослепи Таруно затоа што тој не бил вистинско Циганче. Таруно бил преплашен од нејзините закани, но Мулан застанал во негова одбрана и ја избркал Хенза од караванот. По неколку дена, караванот повторно застанал крај едно село и Циганите им помагале на селаните во жетвата. Таруно, Рапуш и Насиха отишле да се капат во реката и сретнале група деца од селото, кои ги навредувале Циганчињата. Кога селските деца забележале дека Таруно нема темна кожа, тие го исмејувале и го нарекле Белото Циганче. Еден ден, кобилата на Мулан, Белка родила црно ждребе, со бел белег на предната нога. Таруно, Рапуш и Насиха се договориле да му изберат име на ждребето, а Рапуш им раскажал за еден убав коњ со грива како пламен и брз како молња. Коњот се викал Бреско и Таруно го прифатил тоа име за своето ждребе. По некое време, кобилата Белка умрела, а без мајчинската грижа, Бреско се претворил од убаво и пргаво во краставо и болно ждребе кое постојано тагувало по мајка си. Кога дошла зимата, Бреско исчезнал, а Циганите помислиле дека бил растргнат од волците или убиен. Мулан му предложил на Таруно да ја помине зимата во куќата на некој селанец, а Таруно не бил согласен со идејата, но сепак прифатил. Утредента, Циганите си заминале, а Таруно побегнал од куќата на селанецот и заминал во потрага по својот караван. Циганите ја минале зимата во една напуштена штала, а пролетта повторно се вратиле во полето. Таруно слушнал за некој див коњ во блиската шума, а една ноќ ненадејно се појавил Бреско. Утредента, во полето дошла полицијата, зашто еден селанец пријавил дека коњот е негов и дека му го украле Циганите. Иако Таруно ги молел полицајците, сепак тие му го одзеле Бреско, а тој тагувал по него. Еден ден, додека собирале прачки за кошници, Мулан застанал со израз на голема болка, му кажал на Таруно дека го каснала змија, апред да умре го посоветувал да замине во градот. Таруно бил потресен од смртта на својот старател, но тогаш повторно му се вратил Бреско. Утредента, Базел, братот на Рапуш, го однесол Таруно во градот.[3]

Изданија на книгата

уреди

Романот „Белото Циганче“ има доживеано голем број изданија, како:

  • Издание од 1969 година: Во 1969 година, романот бил објавен од издавачката куќа „Наша книга“, како четврта книга во рамките на избраните дела на Видое Подгорец. Книгата има 189 страници, а била отпечатена во тврд повез во графичкиот завод „Гоце Делчев“, во тираж од три илјади примероци.[4]
  • Издание од 1993 година: Во 1993 година, книгата била објавена како заедничко издание на неколку издавачки куќи: „Наша книга“, „Македонска книга“, „Култура“, „Мисла“ и „Детска радост“. Таа била отпечатена во печатницата на НИП „Нова Македонија“, како задолжителна лектира за петто одделение во основните училишта. Книгата има 141 страна, а покрај главниот текст, содржи и илустрации, кои се дело на Томе Филипов. Нацртот на корицата и графичкото уредување се дело на Димче Исаиловски.[5]

Наводи

уреди
  1. „Книжарница.мк“. Посетено на 2009-10-05.[мртва врска]
  2. „Белото Циганче Подгорец, Видое Вид граѓа - роман ; детски, 9-14 години Издавање и производство - Скопје : Нова Македонија, 1966“. cobiss.mk. Архивирано од изворникот на 2021-09-16.
  3. Видое Подгорец, Белото Циганче, Наша книга, Македонска книга, Култура, Мисла, Детска радост, Скопје, 1993.
  4. Видое Подгорец, Белото Циганче, Наша книга, Скопје, 1969.
  5. Видое Подгорец, Белото Циганче, Наша книга, Македонска книга, Култура, Мисла, Детска радост, Скопје, 1993.