Банка на Канада
Банката на Канада е централна банка на Канада. Нејзиното седиште се наоѓа во Отава, а тековен гувернер е Стивен Полоз.
Историја
уредиДо Големата депресија, Канада немала своја централна банка, но кризата довела до промена во владата и голема критика на банкарскиот систем. Во 1933 година, премиерот Р.Б. Бенет формирал Кралска комисија за проучување на организацијата и работењето на банкарскиот и монетарниот систем и Кралската комисија, предводена од лордот Мекмилан, во својот извештај препорачала формирање на централна банка. Наскоро, новата влада донела амандман во Законот за Банката на Канада и во 1938 година, банката преминала во јавна сопственост. Законот за Банката на Канада, со кој се дефинираат функциите на Банката, бил изменет многупати од 1934 година, но преамбулата на законот не е променета и според неа, банката „ги регулира кредитите и валутите во најдобар интерес на економскиот живот на нацијата“.[1]
Управување и раководење
уредиБанката на Канада е предводена од Управниот совет, органот за создавање политики на банката, кој е одговорен за водење на монетарната политика и за промовирање на сигурен и ефикасен финансиски систем. Управниот совет го сочинуваат гувернерот, вишиот заменик-гувернер и четири заменици на гувернерите. Главната алатка на Управниот совет за спроведување монетарна политика е каматната стапка преку ноќ (позната и како клучна стапка на политиката) која вообичаено се одредува на осум фиксни дати во годината. Советот ги донесува своите одлуки за стапката со консензус, наместо со поединечни гласови, како што е случај кај некои други централни банки. Извршниот совет на банката е составен од Управниот совет и од главниот извршен директор. Заедно, тие ја градат стратешката насока на банката. Како главен извршен директор на банката, гувернерот е претседател на Одборот на директори и на Управниот совет на банката. Вишиот заменик-гувернер е заменик извршен директор на Банката на Канада. Тој го надгледува стратешкото планирање и работењето на банката; ја дели одговорноста за водење на монетарната политика како член на Управниот совет; тој е член на Управниот одбор.[2] Одборот на директори го назначува министерот за финансии за тригодишен мандат. Составен е од гувернерот, вишиот заменик-гувернер, 12 надворешни директори и заменикот на министерот за финансии. Одборот е надлежен за: општ надзор над управувањето и управувањето со банката, надгледување на општата политика на банката (одобрување на корпоративните цели, планови и годишниот буџет) и назначување на гувернерот и вишиот заменик-гувернер. Монетарната политика не е формулирана, ниту имплементирана од надворешните директори.[3]
Банката на Канада е посебен вид корпорација, во сопственост на федералната влада, но со значителна независност во извршувањето на своите одговорности. На пример, гувернерот и вишиот заменик на гувернерот ги назначува Управниот одбор на банката (со одобрение од владиниот кабинет), а не федералната влада.[3] Заменикот на министерот за финансии е член на Одборот на директори, но нема право на глас. Своите расходи банката ги доставува до Одборот на директори, а не до министерството за финансии. Вработените во банка се регулирани од неа, а не од федералните агенции за јавни услуги. Сметководствените извештаи на банката се ревидирани од надворешни ревизори назначени од кабинетот, по препорака на министерот за финансии, а не од генералниот ревизор на Канада.[4]
Монетарна политика
уредиБанката ја спроведува монетарната политика влијаејќи на краткорочните каматни стапки. Стапката преку ноќ е каматната стапка по која најголемите финансиски институции позајмуваат и позајмуваат еднодневни (или „преку ноќ“) средства меѓу себе. Во ноември 2000 година, Банката на Канада вовела систем од осум фиксни дати во годината кога објавува дали ќе ја промени каматната стапка. [5] Индексот на потрошувачки цени (CPI) се користи како индикатор за промената на општото ниво на потрошувачките цени или стапката на инфлација.[6] Исто така, банката ги користи и мерката на основната инфлација како и медијаната на CPI кои ги исклучуваат екстремните движења на цените што можат да бидат предизвикани од фактори специфични за одредени компоненти.
Монетарната политика за време на Глобалната финансиска криза
уредиВо 2008-2009 година, канадската економија западнала во рецесија пред сè заради проблемите на пазарот на хипотеки во Соединетите Американски Држави. На 8 октомври 2008 година, Банката на Канада ја намалила стапката на кредитите преку ноќ од 3% на 2,5%, а оваа акција била проследена со низа дополнителни намалувања на стапките. За разлика од САД и Велика Британија, Банката на Канада не се вклучила во квантитативното олеснување.
Девизни резерви
уредиКанада е 28-от најголем сопственик на девизни резерви во светот (83,13 милијарди американски долари).[7] Девизните резерви во Канада во просек изнесувале 21,32 милијарди американски долари во периодот од 1953 до 2019 година, достигнувајќи највисоко ниво во јануари 2019 година (87,87 милијарди американски долари) и најниско ниво од 1,68 милијарди американски долари во мај 1962 година.[8]
Банкноти
уредиБанката на Канада има тим од хемичари, физичари и инженери кои одредуваат потенцијални закани за фалсификување на банкнотите, ги проценуваат материјалите за подлогата и потенцијалните безбедносни одлики на банкнотите. Таа е дел од групата „Четири нации“ на централните банки, која ги вклучува Резервната банка на Австралија, Банката на Англија и Банката на Мексико, кои соработуваат во истражувањето, тестирањето и развојот на безбедноста на банкнотите. Сочинувајќи околу 2% од сите глобални резерви, канадскиот долар е петтата најголема резервна валута во светот, зад американскиот долар, еврото, јенот и фунтата. Сите банкноти се печатат во канадската компанија за банкноти, со седиште во Отава, којс има договор со Банката на Канада.[9]
Среднорочен план 2019-2021
уредиСреднорочниот план на Банката на Канада за периодот 2019-2021 вклучува три приоритетни цели:[10]
- унапредување на границите на монетарната политика
- вклучување на размислувањата за финансиската стабилност во монетарната политика
- обезбедување на здрави и ефикасни системи за плаќање.
Наводи
уреди- ↑ Официјално мрежно место на Банката на Канада (пристапено на 15.11.2019)
- ↑ Официјално мрежно место на Банката на Канада (пристапено на 15.11.2019)
- ↑ 3,0 3,1 Официјално мрежно место на Банката на Канада (пристапено на 15.11.2019)
- ↑ Официјално мрежно место на Банката на Канада (пристапено на 15.11.2019)
- ↑ Официјално мрежно место на Банката на Канада (пристапено на 15.11.2019)
- ↑ Официјално мрежно место на Банката на Канада (пристапено на 15.11.2019)
- ↑ „Официјално мрежно место на Банката на Канада (пристапено на 15.11.2019)“. Архивирано од изворникот на 2020-01-07. Посетено на 2020-07-06.
- ↑ tradingeconomics.com (пристапено на 15.11.2019)
- ↑ Официјално мрежно место на Банката на Канада (пристапено на 15.11.2019)
- ↑ Официјално мрежно место на Банката на Канада (пристапено на 15.11.2019)