Арбитража (економија)

Арбитража (англиски: Arbitrage) — синхронизирана трговија со цел да се искористат разликите меѓу цените на два или повеќе пазари. Лицето кое ја спроведува арбитражата се нарекува арбитражер.

Поим за арбитража

уреди

Арбитражата вклучува истовремено купување и продавање на некој производ на два различни пазара. Понекогаш, можноста за арбитража се открива лесно преку едноставно споредување на цената на производот на два пазара. На пример, курсот на доларот во однос на јенот може да се разликува на два различни пазара. Меѓутоа, понекогаш разликата меѓу цените мора да се пресмета посредно. На пример, ако се дадени два девизни курса: курсот на јенот во однос на швајцарскиот франк и курсот на франкот во однос на американскиот долар. Врз основа на овие два курса, трговецот треба да го одреди имплицитниот курс на јенот во однос на доларот и него да го спореди со стварниот курс на јенот во однос на доларот кој постои на некој пазар. Според тоа, арбитражата се спроведува не само во однос на еден производ, туку и во однос на некој производ и неговиот имплицитен (синтетички) еквивалент. Но, во секој случај, арбитражаат се спроведува според едноставното правило: „купи поевтино - продај поскапо“. Притоа, како резултат на различните цени на еден производ или финансиски инструмент, тој се купува на еден пазар по пониската цена и истовремено се продава на друг пазар по повисоката цена и така се остварува заработка. За да може да се оствари арбитражата, мора да се исполнети два услова: прво, трансакцијата мора да носи сигурна заработка, т.е. не смее да постои можност за загуба; второ, трансакцијата мора да биде самофинансирачка, односно арбитражерот не ангажира сопствен или позајмен капитал. Вториот услов ја претставува разликата меѓу арбитражата и безризичната инвестиција: во безризичната инвестиција, лицето остварува сигурна добивка така што вложува определен износ пари, додека во арбитражата се остварува добивка без никаква инвестиција. Арбитражата има пресудно значење за ефикасно функционирање на пазарите, зашто овозможува брзо изедначување на цените на еден производ на сите пазари (со одредена разлика заради трансопртните или другите трансакциски трошоци).[1]

Видови арбитража

уреди

Постојат два основни вида арбитража: локациска (locational) и триаголна (triangular) арбитража.

Локациска арбитража

уреди

Локациската арбитража претставува купување на некој производ на еден пазар и истовремено продавање на друг пазар. На пример, ако курсот на еврото во Њујорк изнесува 1,584 долари, а во Париз 1,589 долари, очигледно е дека еврото е поевтино во Њујорк, а поскапо во Париз. Оттука, арбитражерот ќе купи евра во Њујорк и истовремено ќе ги продаде во Париз, па на тој начин ќе оствари загарантирана добивка без притоа да ангажира капитал. На пример, по дадените курсеви, арбитражерот може да купи милион евра во Њујорк и истовремено да ги продаде во Париз, со што ќе оствари добивка од 5 000 долари (1 589 000 - 1 584 000 долари). Како што може да се забележи, арбитражерот не се соочува со никаков ризик, зашто двете трансакции (купување и продавање) ги извршува истовремено, и то по однапред дадени, познати девизни курсеви. Исто така, арбитражерот не мора да вложи свој капитал (ниту да позајми), зашто двете трансакции се спротивни и меѓусебно се поништуваат.[2]

Триаголна арбитража

уреди

Триаголната арбитража претставува само посложена верзија на локациската арбитража, зашто вклучува три цени. На пример, дадени се следниве девизни курсеви: 1 евро = 1,50 долари, 1 долар = 100 јени и 1 евро = 155 јени. За да се утврди дали постои можност за арбитража, треба да се пресмета имплицитниот курс на еврото во однос на јенот и тој да се спореди со стварниот курс меѓу овие две валути. Притоа, имплицитниот курс на еврото во однос на јенот се пресметува врз основа на другите два курса. Така, курсот на еврото во однос на доларот ќе се помножи со курсот на доларот во однос на јенот (1,50 х 100) и ќе се добие имплицитниот курс 1 евро = 150 јени. Овој курс уште се нарекува и вкрстен курс (cross rate) и покажува колку би требало да изнесува курсот евро-јен при дадени други курсеви. Како што се гледа, на пазарот едно евро се продава за 155 јени, додека вкрстениот (имплицитниот курс) изнесува 150 јени. Тоа значи дека еврото е преценето во однос на јенот, а тоа отвора можност за арбитража. Арбитражата би се спровела така што еврото ќе се продава по повисокиот курс. Во овој случај, триаголната арбитража се извршува во неколку чекори: со 15 000 долари ќе се купат евра и ќе се добијат 10 000 евра; потоа, еврата ќе се продадат за јени со што ќе се добијат 1 550 000 јени; најпосле, јените ќе се претворат во долари и така ќе се добијат 15 500 долари. Според тоа, арбитражерот започнал со износ од 15 000 долари, а завршил со вредност од 15 500 долари, односно остварил заработка од 500 долари. Како што се забележува, триаголната арбитража вклучува три трансакции кои се извршуваат истовремено при што се почнува со еден производ (во примерот - една валута) и се завршува со истиот производ, само што се добива поголем износ. Притоа, во триаголната арбитража воопшто не е важно со кој производ се започнува. Така, во горниот пример не мора да се започне со долари, туку може и со некоја од другите валути, само што секогаш треба еврата да се продадат за јении.[3]

Покриена каматна арбитража

уреди

Покриената каматна арбитража (Covered Interest Arbitrage) претставува арбитража која се спроведува истовремено на пазарот на пари и на девизниот пазар. Таа вклучува земање заем во една валута, наречена „валута на финансирање“ (funding currency), и давање заем во друга валута, наречена „целна валута“ (target currency). Притоа, за заштита од девизниот ризик се употребува девизен курс со идна испорака (forward rate). На пример, ако денешниот курс на фунтата изнесува 1,50 долари, а курсот со идна испорака изнесува 1,46 долари; ако каматната стапка на доларите изнесува 4 %, а на фунтите 8 %, тогаш може да се спроведе покриена каматна арбитража со цел да се искористи разликата меѓу каматните стапки на двете валути. На пример, се позајмуваат 1 500 долари по каматната стапка од 4 %; доларите веднаш ќе се претворат во фунти по сегашниот девизен курс, со што се добиваат 1 000 фунти (15 000 долари / 1,50); фунтите веднаш се даваат на заем по каматната стапка од 8 % и за една година се остваруваат 1 080 фунти (првичниот износ плус каматата); по истекот на рокот, фунтите се претвораат во долари по курсот со идна испорака, со што се добиваат 1 576,80 долари (1 080 х 1,46); на тој начин, се почнува со 1 500 долари, а се завршува со 1 576, 80 долари, што овозможува да се врати земениот заем заедно со каматата (1 500 долари плус 60 долари на име камата, т.е. 1560 долари) и да се оствари чиста заработка од 16,80 долари. Овие сложени трансакции целосно ги задоволуваат условите на арбитражата: сегашниот и идниот девизен курс, како и двете каматни стапки се познати однапред, т.е. нема никаков ризик, сите трансакции се извршуваат истовремено и меѓусебно се пребиваат и инвеститорот не ангажира никаков капитал. Притоа, ако се земе на заем домашната валута, заработката од покриената каматна арбитража може да се пресмета на следниов начин:[4]

заработка = 1S x (1 + rf) x F - (1 + r), каде: S - сегашен девизен курс, F - девизен курс со идна испорака, r - домашна каматна стапка, rf - странска каматна стапка

Ако, пак, најпрвин се зема заем во странската валута, заработката од арбитражата се пресметува со следнава формула:

заработка = S x (1 + r) x 1F - (1 + rf), каде: S - сегашен девизен курс, F - девизен курс со идна испорака, r - домашна каматна стапка, rf - странска каматна стапка

Наводи

уреди
  1. J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, стр. 114.
  2. J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, стр. 114-115.
  3. J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, стр. 115.
  4. J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, стр. 116-118.