Покриена каматна арбитража
Покриена каматна арбитража (англиски: Covered Interest Arbitrage) претставува арбитража која се спроведува истовремено на пазарот на пари и на девизниот пазар. Таа вклучува земање заем во една валута, наречена „валута на финансирање“ (funding currency), и давање заем во друга валута, наречена „целна валута“ (target currency). Притоа, за заштита од девизниот ризик се употребува девизен курс со идна испорака (forward rate).
Спроведување на покриена каматна арбитража
уредиНа пример, ако денешниот курс на фунтата изнесува 1,50 долари, а курсот со идна испорака изнесува 1,46 долари; ако каматната стапка на доларите изнесува 4 %, а на фунтите 8 %, тогаш може да се спроведе покриена каматна арбитража со цел да се искористи разликата меѓу каматните стапки на двете валути. На пример, се позајмуваат 1 500 долари по каматната стапка од 4 %; доларите веднаш ќе се претворат во фунти по сегашниот девизен курс, со што се добиваат 1 000 фунти (15 000 долари / 1,50); фунтите веднаш се даваат на заем по каматната стапка од 8 % и за една година се остваруваат 1 080 фунти (првичниот износ плус каматата); по истекот на рокот, фунтите се претвораат во долари по курсот со идна испорака, со што се добиваат 1 576,80 долари (1 080 х 1,46); на тој начин, се почнува со 1 500 долари, а се завршува со 1 576, 80 долари, што овозможува да се врати земениот заем заедно со каматата (1 500 долари плус 60 долари на име камата, т.е. 1560 долари) и да се оствари чиста заработка од 16,80 долари. Овие сложени трансакции целосно ги задоволуваат условите на арбитражата: сегашниот и идниот девизен курс, како и двете каматни стапки се познати однапред, т.е. нема никаков ризик, сите трансакции се извршуваат истовремено и меѓусебно се пребиваат и инвеститорот не ангажира никаков капитал. Притоа, ако се земе на заем домашната валута, заработката од покриената каматна арбитража може да се пресмета на следниов начин:[1]
заработка = 1⁄S x (1 + rf) x F - (1 + r), каде: S - сегашен девизен курс, F - девизен курс со идна испорака, r - домашна каматна стапка, rf - странска каматна стапка
Ако, пак, најпрвин се зема заем во странската валута, заработката од арбитражата се пресметува со следнава формула:
заработка = S x (1 + r) x 1⁄F - (1 + rf), каде: S - сегашен девизен курс, F - девизен курс со идна испорака, r - домашна каматна стапка, rf - странска каматна стапка
Наводи
уреди- ↑ J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, стр. 116-118.