Алфред Адолф „Ал“ Ертер (19 септември 1936 – 1 октомври 2007) — американски атлетичар кој се натпреварувал во дисциплината фрлање диск. Тој бил четирикратен Олимписки шампион, како и првиот спортист воопшто кој успеал да освои златен медал во една иста дисциплина на четири последователни изданија од Олимписките игри. На 8 март 2012 година, Ертер бил примен во куќата на славни на ИААФ.

Ал Ертер
Лични податоци
Полно имеАлфред Адолф Ертер[1]
НационалностАмериканец
Роден(а)19 септември 1936(1936-09-19)[1]
Асторија, Њујорк, САД
Починал(а)1 октомври 2007(2007-10-01) (возр. 71)[1]
Форт Мајерс, Флорида, САД
Висина&100000000000001920000001,92 м[1]
Тежина125 кг[1]
Спорт
Земја САД
СпортФрлање диск

Кариера

уреди

Ертер ја започнал својата олимписка кариера на игрите во 1956 одржани во Мелбурн. Тој не бил сметан за фаворит, но уште во првата серија префрлил 56.36 метри — со што до крајот на натпреварувањето останал на првото место и го освоил златниот медал.

Изгледало дека кариерата на Естер ќе заврши на 20-годишна возраст, кога во 1957 година, автомобилска несреќа за малку не му го одземала животот. Тој закрепнал на време за да учествува на Летните олимписки игри 1960 во Рим, каде бил благ фаворит пред светскиот рекордер Ринк Бабка.

По првите четири серии од финалето, Бабка бил во водство. Во петтата серија, Ертер префрлил 59.18 метри, поставувајќи нов олимписки рекорд, со што го преземал водството. Тој останал на првото место по шестата серија, со што успеал да го одбрани златниот олимписки медал.

За време на раните 1960-ти, Ертер продолжил да бележи успех, поставувајќи нов светски рекорд во 1962 година. Тој станал првиот фрлач на диск кој ја пробил границата од 200 чекори (60.96 метри). Тој бил сметан за голем фаворит за освојување на олимпиското злато пред Летните олимписки игри 1964 во Токио.

Пред почетокот на игрите, Ертер се здобил со повеќе повреди. Тој имал повреда на вратот а непосредно пред натпреварувањето се здобил со повреда на грбот. И покрај силните болки, Ертер успеал да го освои својот трет златен олимписки медал, притоа поставувајќи нов олимписки рекорд од 61.00 метар во петтата серија.

На игрите во 1968 во Мексико, Ертер кој имал 32 години, фаворитската улога ја префрлил на својот тимски колега Џеј Силвестер. Но сепак во финалето, во третата серија Ертер префрлил 64.78 метри, повторно поставувајќи нов олимписки рекорд. Тој го зачувал првото место, запишувајќи се во историјата како првиот спортист кој освоил златни медали на четири последователни Олимписки игри во една иста дисциплина.

Ертер ја завршил својата неверојатна кариера по игрите во Мексико. Обидувајќи се да направи враќање во атлетиката, во 1976 година тој земал анаболични стероиди под лекарски надзор со цел да ја зголеми мускулната маса. Сепак, тој прекинал да зема анаболични стероиди бидејќи тие влијаеле на неговиот крвен притисок и не му овозможиле подобрување на теренот. По ова, тој ги советувал атлетичарите да избегнуваат вакви лекови и да се фокусираат на тренингот и техниката.

Ертер се обидел да се квалификува во американскиот тим за Летните олимписки игри 1980 но завршил на четвртото место. Сепак тој поставил личен рекорд од 69.46 метри таа година на 43-годишна возраст. При снимањето на телевизиски отсечок, тој неофицијално го фрлил фискот околу 75 метри, резултат кој и ден денес би бил светски рекорд. Во понатамошните години, Ертер го носел олимпиското знаме на Летните олимписки игри 1984 во Лос Анџелес, и го донел олимпискиот факел на стадионот на Летните олимписки игри 1996 во Атланта.

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 „Al Oerter“. sports-reference.com. Sports Reference LLC. Архивирано од изворникот на 2009-01-20. Посетено на 12 June 2015.

Надворешни врски

уреди
Рекорди
Претходник
  Џеј Силвестер
  Владимир Трусењев
Светски рекордер во фрлање диск
18 мај – 4 јуни 1962
1 јули – 2 август 1964
Наследник
  Владимир Трусењев
  Лудвик Данек