Александар Лурија

Александар Романович Лурија (руски: Алексáндр Ромáнович Лýрия; 16 јули 190214 август 1977) — истакнат руски невропсихолог, еден од најпознатите невропсихолози на XX век. Негов примарен интерес било проучувањето на локализацијата на психолошките функции во мозокот, но учествувал и во бројни истражувања од областа на развојната психологија, повредите на предниот мозочна половина, афазиологијата, културните аспекти на когнитивното функционирање, невропсихолошките рехабилитациони програми, интервенциите во образованието итн. Пишувал и лични биографии на луѓе со необични когнитивни одлики.

Александар Лурија
Роден(а)16 јули 1902
Казањ, Руско царство
Починал(а)14 август 1977
Москва, Советски Сојуз
Полињапсихологија
невропсихологија
Влијание одЛав Виготски

Животопис

уреди

Роден е на 16 јули 1902 година во Казањ, Русија. Како дете растел во културна средина и научил да зборува германски, француски и англиски јазик. Покажувал интерес кон филозофијата, историјата и книжевноста. Во 1917, се запишал на Универзитетот во Казањ. Како студент во новоформираниот Оддел за социјални науки останал до 1921 кога и дипломирал. Бил активен студент, па проучувањето на социологијата му побудило интерес и во психологијата. По дипломирањето, се вработил како асистент во Институтот за научна организација на трудот, а продолжил да студира и во Казањ на Педагошкиот институт и медицинското училиште. Рано во својата кариера Луриа увидел дека валидниот приод во психологијата бара инкорпорирање на динамските аспекти на однесувањето и го вклучува како биолошкото така и културното влијание. На крајот од 1921, се преселил во Москва и многу набрзо толку многу се заинтересирал во психоанализата што основал и претседавал со психоаналитички кружок, а се ангажирал и околу издавање на важни психоаналитички трудови. Преку кореспонденцијата со Сигмунд Фројд, кружокот добил право да направи превод на руски на некои негови важни психоаналитички дела.

Во 1922, Лурија започнал да работи на Московскиот институт по психологија каде што своите истражувања ги фокусирал на пообјективни методи за проучување на афективните процеси наместо посубјективните кои се користеле во психоанализата. Ова му помогнало да го развие ‘комбинираниот моторен метод’ со кој Луриjа ги мерел моторните реакции од афективните дразби кај различни клинички, криминални и студентски групи со хроноскоп - апарат сличен на детекторот на лаги. Идеите што ги развил со овие истражувања веројатно ќе претставуваат рана еволуција во неговиот интерес кон саморегулаторните механизми кои ќе станат водечки во неговите подоцнежни проучувања на предната половина. Во 1923, кратко работел во Крупскаја академијата за комунистичко образование. Таму иницирал ново истражување каде ги анализирал вербалните асоцијативни реакции кај децата со цел да го проучува говорот и когницијата.

Животот на Лурија се менува во 1924, кога се запознал со Лав Виготкси на вториот серуски конгрес по психоневрологија во Ленинград. Бил толку импресиониран од приодот на Виготски кон психологијата што помогнал во организирањето покана за Виготски да работи во Москва. Од моментот кога се запознале, па сè до смртта на Виготски во 1934, тие двајцата заедно со Алексеј Леонтјев, нивен истомисленик, работеле на создавање на практична и марксистички ориентирана советска псхологија позната како ‘културно-историски приод’. Главниот принцип кој ги обединил Луриа и Виготски во оваа нова теорија била идејата дека психологијата би можела да гледа на вишите психолошки функции (свесната активност) само во контекст на нивниот развој во историските и културните процеси, а тие да се прикажат преку објективни принципи на мозочната функција. Тројката соработувала на еден обемен истражувачки програм во Москва кедешто проучувале што стои посреди психолошките функции кај децата и возрасните како и организацијата на психолошките функции кај пациентите со афазија, паркинсонизам и тешкотии во учењето. Централно место во теоријата имала улогата на културното посредство во конституирањето на човековите психолошки процеси и улогата на социјалната средина во структурирањето на овие процеси. Истражувачите верувале дека вишите ментални процеси се формираат првично помеѓу луѓето, во социјалната интеракција, а дури подоцна се повнатрешнуваат (интернализираат) како внатрешен говор и други когнитивни структури. Затоа, сите виши ментални функции прво се културно детерминирани и посредувани. Иако понатамошната елаборација на оваа теорија од страна на Виготски е прекината заради неговата прерана смрт, Лурија останал верен на динамската, културно-историска теорија до крајот на својот живот дури и во неговата невропсихолошка пракса.

Културни експедиции

уреди

Во двете лета 1931 и 1932 година, Лурија организирал две психолошки експедиции во Средна Азија во обид да најде понатамошна поддршка на културно-историската теорија. Истражувањето било планирано да вклучи повеќе познати научници вклучувајќи го и Виготски кој, за жал, бил премногу болен за да им се придружи во патувањата. Целта на истражувањата била да го проучува влијанието на културната и социјалната средина врз развојот на психолошките процеси во време кога во селата во Узбекистан и Киргистан се одвиваат брзи социјални промени. Поконкретно, истражувачите се интересирале за промените во перцепцијата решавањето проблеми и меморијата и нивната поврзаност со историските промени во економската активност и школувањето. Биле спроведени и бројни природни експерименти со писмени и неписмени луѓе. Научниците користеле опсервациски и клинички методи за да ја тестират нивната хипотеза дека структурата на човековите когнитивни процеси се разликува во зависност од начинот на живот на различните социјални групи. Откриле дека кај луѓето во чиишто животи доминираат конкретни, практични активности имаат различен начин на размислување од лужето во чиишто животи се бара абстрактен, вербален и теоретски приод кон реалноста. И покрај некои проблеми во толкувањето на податоците, истражувачите заклучиле дека културните фактори влијаат на менталните процеси и дека овие разлики исчезнуваат како што луѓето се изложуваат на поиндустриализирани ситуации. За жал, резултатите од овие културни истражувања не биле целосно анализирани или веднаш објавени, бидејќи сталиновата влада ги сметала таквите студии расистички. Дури по 40 години, записите од Лурија се објавени во книга.

По смртта на Виготски во 1934, Лурија се вратил во Москва каде се приклучил на Медико-Генетичкиот институт и го проучувал психолошкиот развој кај близнаците фокусирајќи се на релативниот придонес на биолошките и социјалните детерминанти во когницијата. Овие истражувања ги продолѓил сè до 1936, кога ваквиот тип истражувања биле прогласени за илегални од страна на владата. Тогаш тој го одбранил својот труд за комбинираниот моторен метод како докторска теза во Тбилиси и повторно го продолжил школувањето во медицинското училиште каде што во 1937 година дипломирал како лекар. Со тоа, Лурија станал еден од најмладите лекари и психолози во земјата.

Придонесот во невропсихологијата

уреди

Во годините пред Втората светска војна, Лурија главно работел на полето на невропсихологијата во невролошката клиника при Државниот институт за експериментална медицина. Работејќи со најразлични невролошки и неврохируршки случаи, Лурија прво го развил својот личен, креативен, детективски пристап кон невролошките дијагнози кој вклучува трагање по оштетените психолошки способности во рамки на функционалните психолошки системи. Пристапот на Лурија кон невропсихолошките дијагнози бил квалитативен по природа и користел мноштво ‘едноставни’ задачи за пациентот сè додека не се идентификувал некој заеднички дефектен когнитивен фактор кој укажувал на оштетениот церебрален регион. Доста го заинтересирала и церебралната организација на говорните механизми како и ефектите од афазијата врз волевите дејства.

Како што војната напредувала, Лурија бил повикан да организира рехабилитациона болница во јужен Урал. Реновираниот санаториум се претворил во специјализирана рехабилитациона установа за војниците кои се опоравувале од дисфункциите предизвикани од мозочните повреди. Напоредно со медицинскиот и рехабилитациониот третман кој го добивале таму, Лурија особено се интересирал за рехабилитација на менталните активности кај пациентите со локализирано мозочно оштетување и ја применувал неговата теорија за динамска, системска локализација на вишите психолошки функции. Наспроти тесните локализационистички и неспецифични еквипотенционалистички теории за церебрална организација, системската теорија на Лурија тврдела дека вишите ментални функции треба да се поимаат како функционални системи на различни мозочни региони кои работат заедно со цел да се извршат социјално детерминираните активности. Лурија бил еден од првите психолози во светот кој се обидел да ги интегрира водечките невропсихолошки гледишта и многу го сметаат за основач на невропсихологијата во Советскиот Сојуз. На крајот од војната, Лурија се вратил во неврохируршкиот институт Бурденко и почнал да држи часови на московскиот државен универзитет со кој бил во близок контакт до крајот на својот живот.

Заедничата сесија на Академијата на медицински науки и Академијата на науките која се одржала во Москва во 1950 година, резултирала со прекин на неговата невропсихолошка работа и затворање на неговата лабораторија на неврохируршкиот институт. Средбата претставувала идеолошки пораз на Советските биолошки и медицински науки, освен оние засновани на принципите на Павлов, и го натерала Лурија да најде прибежиште во пониска позиција на Институтот по дефектологија при Руската Федеративна Академија по Педагошки Науки. Во ваквата тешка политичка клима, било неопходно тој да направи измени во природата на своите истражувања. Се вратил кон користење на комбинираниот моторен метод и го применил во проучување на развојот на вербалната регулација кај нормални деца и деца со ментална ретардација. Врз основа на претходната работа иницирана со Виготски, продолжил да ја проучува онтогенезата на регулаторните функции кај усниот и пишаниот говор. Лурија ги модификувал своите клинички методи и создал дијагностички тестови и методи за едукациски инструкции со овие деца.

Во 1959 година, лабораторијата во Неврохируршкиот институт Бурденко била повторно отворена и му било дозволено да продолжи со истражувањата во невропсихологијата. Во преостанатите 18 години од неговиот живот, лабораторијата на Лурија ќе стане водечка невропсихолошка институтција во Советскиот Сојуз. Покрај неговата клиничка активност и растечките одговорности како предавач на Московскиот Државен Универзитет. Лурија продолжил да ги развива и проширува своите идеи за церебралната организација на психолошките процеси. Особено го интересирала анализата на говорните и јазичните нарушувања и спровел истражувања за афазијата и невролингвистиката, регулаторната улога на говорот и јазикот во работата на предната поливина и дијагностицирање на локалните мозочни повреди - теми кои го интересирале уште во пораните години.

Еден од најважните придонеси на Лурија во невропсихологијата е неговата концептуализација за трите функционални единици на мозокот. Тој сметал дека при секоја ментална активност учествува целиот мозок при што секоја од единиците (блоковите) придонесува во тоа на свој специфичен начин. Па така, првата единица која е сместена во мозочното стебло е одговорна за општата церебрална активност и побуденост и учествува во будноста и вниманието; втората фунцкионална единица која е сместена во постериорните (задните) церебрални региони има задача да ги обработува сетилните информации и да помага во анализата, кодирањето и складирањето на информациите; третата пак функционална единица која се наоѓа во антериорните особено фронталните региони на мозокот е одговорна за развивање и извршување на намерите, плановите и движењата. Во зависност од тоа кој дел од мозокот или фунцкионална единица е засегната од мозочната повреда, ќе се појават и различни фунцкионални психолошки нарушувања.

Студии на случаи

уреди

Во подоцнежните години од својот живот Лурија особено многу пишувал на најразлични теми од психологијата. Навраќајќи се на својот ран идеал за создавање унифицирана психологија, напишал два важни труда за уникатни поединци со цел да понуди посинтетичка, поромантична перспектива за психологијата наспроти класичните, аналитички приоди.

Во првата студија на случај го опишува Соломон Шерешевски, руски новинар и мнемонист кој бил обдарен со такаречи неограничена меморија. Неговите анализи се изнесени во книгата Умот на еден мнемонист каде не само што ги разгледува уникатните одлики на меморијата на Шерешевски туку разоткрива и некои важни аспекти на неговиот ум, однесување и личност. Со него Лурија работел над 30 години и ги разоткривал не само неговите исклучителни надарености туку и уникатните хендикепи кои Шерешевски ги имал во својата личност и секојдневното живеење. Во втората студија Човекот со поклопен ум го опишал младиот војник Засетски. Тој имал повреда од пиштол во левата полутопка која прдизвикала оштетување на многу виши когнитивни способности што изискувало од Засетски да преучува многу од овие способности со цел да ги компензира оние изгубените обидувајќи се повторно да живее нормален живот. Цели 25 години, користејќи го пишувањето како единствен начин на изразување, Лурија му помогнал на Засетски да ја врати меморија и контактот со реалноста. Овие два случаи го илустрираат интересот на Лурија да развие личносно-насочена психологија која би ја синтетизирала класичната и романтичната наука.

Поодоцна во животот Лурија добива бројни награди и признанија како во Советскиот Сојуз така и меѓународно. Долги години останал професор по психологија и претседател по невропсихологија на Московскиот Државен Универзитет и имал долга соработка со Неврохируршкиот Институт Бурденко каде бил директор на невропсихолошката лабораторија.

Приватен живот

уреди

Во 1933 година Лурија се оженил со Лана Липкина и со неа имал една ќерка. Починал од срцева слабост на 14 август 1977 година.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди

Користена литература

уреди

Надворешни врски

уреди