Алдеберт
Алдеберт или Адалберт - галски свештеник и проповедник и од VIII век, прогласен за лажен светец и изопштен од Католичката црква.
Како што ссведочи протоколот на Римскиот синод, Алдеберт бил по потекло Гал. Тој успеал да привлече голем број приврзаници во својата секта, особено жени и селани кои биле убедени дека тој бил „маж со апостолска светост“, способен да прави чуда. Тој успеал да поколеба и некои неуки епископи, кои го ракоположиле. Неговата популарност била толку голема, што неговите нокти и косата биле делени како свети реликвии, а луѓето паќале на колена пред него. Самиот Алдеберт за себе тврдел дека уште пред да се роди бил обележан со божјата милост, т.е. додека бил во мајчината утроба, мајка му имала визија. Исто така, тој тврдел дека ангелот божји му донел бројни свети реликвии од најоддалечените краишта на светот, поради што можел да го замоли Господа за сè што ќе посакал. Освен тоа, тврдел дека поседува послание од самиот Исус Христос кое паднало од небото во Ерусалим, а го пронашол архангелот Михаил. Текстот на ова послание делумно е цитирано во актите на Римскиот синод. На синодот, исто така, била прочитана и молитвата која ја составил Алдеберт во која тој им се обраќа на Господ и на Исус Христос, но исто така и на ангелите Уриел, Рагуел, Тубуел, Михаил, Адин, Тубуас, Сабаок и Симиел. Тој и неговите следбеници се собирале околу крстовите кои, по неговата наредба, биле поставени на ливадите и крај изворите, ги одвраќал луѓето од посетата на црквите и градел мали капели во полињата кои му биле осветувани во негова чест. Исто така, тој ја отфрлал црковната исповед, велејќи: „Ги знам сите ваши гревови, затоа што ми се познати вашите тајни. Нема потреба од исповедување, ви се простуваат претходните гревови. Спокојно во мир вратете се во вашите домови.“[1]
Епископот Винфрид-Бонифациј го прогласил Алдеберт за „лажен свештеник“, „еретик“, „шизматик“, „слуга на Сатаната“ и „претеча на Антихристот“. Поради својата дејност, Алдеберт бил осуден, најпрвин на собирот на франкиските епископи во 744 година, а следната година и на Римскиот синод, предводен од папата Захариј. На синодот била прочитана молитвата која ја составил Алдеберт, а епископите побарале таа да биде запалена, зашто во неа се споменуваат ангелите кои само што не ги признава црквата, туку се имиња на ѓаволите. Всушност, оваа молитва била главната причина поради која Римскиот синод го осудил Алдеберт, прогласувајќи го за „безумен“ и „непресметлив“. Притоа, тој бил расчинет, осуден на црковно покајание и предупреден дека ќе биде анатемисан, ако продолжи со своите заблуди и гревови и со заведувањето на народот.[2] Потоа, неговото име повеќепати било застапено во преписката меѓу папата и епископот Бонифациј, што потврдува дека тој не се покајал, туку продолжил со својата дејност. Подоцна, Бонифациј го затворил Алдеберт во еден манастир поради што имал бројни неприлики, зашто приврзаниците на Алдеберт го напаѓале и навредувале, а Алдеберт го нарекувале „најсветиот апостол“, „покровител и заштитник, поборник на праведноста и творец на чудесни знаменитости“.[3]