Адамовите јаболка (филм од 2005)
„Адамовите јаболка“ (дански: Adams Æbler) — данско-германски филм од 2005 година во режија на Андерс Томас Јенсен (Anders Thomas Jensen), кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги играат: Улрих Томсен (Ulrich Thomsen), Мадс Микелсен (Mads Mikkelsen), Николас Бро (Nicolas Bro), Паприка Стен (Paprika Steen) и Али Казим. Филмот освоил неколку награди, како: „Златен крик“ на Фестивалот на фантастичниот филм во Амстердам (2007), наградата на публиката на фестивалот во Хамбург, наградата на публиката на Меѓународниот филмски фестивал во Варшава, а бил номиниран и за најдобар европски филм.[1]
Синопсис
уредиАдам Педерсен (го игра Томсен) е неонацист, осуден на општокорисна работа во една црква, каде веќе се наоѓаат Халид (го игра Казим), разбојник по потекло од Саудиска Арабија и силувачот Гунар (го игра Бро), а подоцна во црквата пристига и бремената Сара (ја игра Стен). Со црквата раководи свештеникот Иван (го игра Микелсен) кој е е опседнат со мислата дека постојано го искушува Сатаната. Иван е наивен човек со неверојатна смиреност и добрина, секогаш подготвен да ги прифати сите лоши нешта што му се случуваат. Иван му предлага на Адам да си избере некаква цел за време на рехабилитацијата, а Адам на шега предлага да испече пита со јаболка. Меѓутоа, замислата на Адам е попречена од бројни случки: најпрвин, јаболкницата ја напаѓаат врани, а откако Халид го убива птиците, плодовите ги нагризуваат црви. Истовремено, Адам го иритира оптимизмот на Иван и затоа тој се однесува сурово кон него, со намера да му ја скрши верата. Притоа, тој дознава дека Иван имал огромни тешкотии во Животот: во детството, тој и сестра му биле постојано силувани од татко им, неговиот син е парализиран, жена му извршила самоубиство, а тој има голем тумор во мозокот. Во собата на Адам има примерок од Библијата која постојано се отвора на делот каде се наоѓа Книгата за Јов, па така, во една прилика тој ја чита приказната. Потоа, тој го убедува Иван дека него го мрази господ и Иван се онесвестува. Во меѓувреме, надвор беснее големо невреме и гром ја запалува јаболкницата. Сепак, Адам се враќа и го носи Иван во болницата. За време на отсуството на Иван, Гунар ја силува Сара, а Халид ограбува бензиска пумпа при што Адам едвај ги спасува вработените. Иван излегува од болницата како сосема нов човек, свесен дека ќе умре и без вера во господ. Кога во црквата пристигаат неонацистите за да му се одмаздат на Халид (кој претходно пука во нив и ги ранува), Иван бара да си одат зашто сака да умре во мир. Додека се обидува да им го одземе оружјето, водачот на неонацистите случајно пука со пиштолот и куршумот го погодува Иван во окото. Тој повторно завршува на болница, а Халид ја напушта црквата, решен да се врати во родната земја. Со единственото преостанато јаболко, Адам пече пита и утредента му ја носи на Иван, но неговиот кревет го затекнува празен. Тој помислува дека Иван умрел, но лекарот му кажуав дека Иван наеднаш се разбудил потполно здрав, зашто куршумот му поминал низ главата и му го отстранил туморот. Филмот завршува така што Адам останува во црквата како помошник на Иван. Тој го крштева детето на Сара, која заедно со Гунар решава да замине во Индонезија. Иван и Адам пречекуваат двајца мажи штотуку излезени од затвор, кои се упатени на рехабилитација во црквата.