За османлискиот генерал од Кримската војна, видете Абдулкерим Надир-паша

Абдул Керим-паша, познат и како Абдул Керим-паша Бурсали (1835 или 1839 - 1910 или 1912) — османлиски дивизиски генерал и управител, битолски валија во времето од 1895 до 1901 година[1], познат по своите прогресивни идеи и креативност.

Животопис

уреди

Роден е во 1835 или 1839 година во Бурса. Бил валија на Скадар од 1891 до 1894 година.

Со доаѓањето за битолски валија, Абдул Керим-паша започнал да ги средува меѓуетничките односи. Бил европски ориентиран и веднаш по преземањето на должноста валија започнал со реформи, ги сменил сите мудури, кајмаками и други чиновници, кои се покажале со лоши односи, зафаќајќи се притоа и со средување на меѓуетничките односи во градот, со закана дека ќе бидат строго казнети нарушителите. Втората акција му била обезоружување на селската жандармерија, па сменување на бекчии (полјаци) и нивно заменување со христијански. Забранил да се носи оружје во градот и да се врши погубување на македонски револуционери, забранил да се врши погребување низ градот, ами тоа да се прави надвор на одредено место. Се грижел да воспостави ред и мир во Битола. Во 1901 г. се ангажирал со материјална помош да ја санира елементарната непогода во вилаетот, а најмногу во Прилеп каде биле срушени 500 куќи. Покрај другите реформи, се ангажирал против пљачкашките банди кои вршеле грабежи, колежи и палежи по селата. Во 1901 г. се случил познатиот бунт на воените старешини за поголема плата, кој валијата го средил преку задоволување на нивните барања. Во 1901 г. самоволно заминал во пензија, напуштајќи ја засекогаш Битола.

Заслугите на Абдул Керим-паша за Битола биле големи. Во своето владеење тој се прочул со осовременување на Битола како град, организирајќи и вршејќи комунални дејности, изградба на зданија, одржување хигиена итн. Најпрво тој го регулирал коритото на реката Драгор. Исто така го уредил и Булеварот, со засадување високостеблени дрвја. Околу Драгорот биле изградени дуќани, кои биле сопственост на Општината. По негова наредба во близината на градот се дренажирало местото и засадил високо стеблени дрвја и го оформил познатиот парк во Битола. Го изградил „Тумбе Кафе“ како излетиште, со засадени дрвја и поставени столици. Наспроти „Тумбе Кафе“ ја обновил и преуредил кафеаната и ѝ дал име „Единство“.

Градењето на театарот во Битола е исто така поврзано со неговото управување. Во 1897 година решил да се изгради голема зграда во која требало да биде сместена тутунската режија и ѓумрукот за вино. Приходот кој би се добивал од овој објект би бил наменет за градската болница „Гураба Хаста Хане“ (Болница за сиромашни) изградена две години претходно.[2] На местото каде требало да се изгради објектот се наоѓале турски гробишта, па на изградбата се противело турското население. Со наредба на валијата, во текот на една ноќ турската полиција ги довела сите затвореници со задача до утрото местото да биде рамно како „тепсија”.[2] Градбата била завршена во 1905 година.

Тој изградил и болница за бедните во Битола, како и лудница. Изградил Дом за старци, изградена била кожарница под градот, како и рибен пазар. Во централното градско подрачје изградил високи зданија. Меѓу другите го изградил и хотелот „Марк“ („Ориент“).[3]

Наводи

уреди
  1. „Worldstatesmen/Macedonia“. Посетено на 8 февруари 2023.
  2. Отиди кај: 2,0 2,1 „Стариот театар во Битола“. Bitola.info. 23 јануари 2019. Посетено на 1 септември 2021.
  3. „Значајни личности за Битола“, Битола, 2007, 91-92 стр.

Надворешни врски

уреди