Џелатот - (шведски: Bödeln) - новела на шведскиот писател Пер Лагерквист од 1933 година.

Содржина

уреди

Во една меана, на масата седел џелатот, а околу него присутните разговарале за работата на џелатите. Еден човек раскажувал за следнава случка од неговото детство: Еден ден, отишол во шумата и таму влегол во куќата на џелатот. Штом го допрел мечот, се чуле плач и воздишки, а тоа било знак дека, во иднината, тој ќе биде погубен од џелатот. Жената на џелатот го вратила детето дома, а неговите родители паднале во очај. Еден ден, мајка му го однела во куќата на џелатот, кој му дал на детето да се напие вода од блискиот поток и така се поништила судбината. Друг човек ја раскажал приказната за џелатот кој се вљубил во проститутката која требало да ја убие, а потоа се оженил со неа; набргу, таа останала бремена, но го убила бебето, поради што била осудена на смрт, а нејзиниот сопруг, џелатот, ја закопал жива. Потоа, во меаната влегол измамникот Ласе, кој тврдел дека една ноќ, од местото каде се извршувале погубувањата ископал корен од едно растение, кое му овозможувало успешно да краде.[1]

Вечерта, салата се наполнила со луѓе, кои се воодушевувале од присуството на џелатот. Голем дел од присутните носеле униформи и оружје и зборувале за неопходноста од војната и за користа од неа, како и за изградбата на Нов Свет во кој еден народ ќе господари со другите. Тогаш, во салата влегле двајца убијци, кои биле пречекани со восхит, а една млада, непозната жена седнала до џелатот. Еден вооружен господин им забранил на црните музичари да јадат во истата сала во која седат белците, а кога тие му се спротивставиле, настанала тепачка, по што белците почнале да пукаат во црните музичари, убивајќи неколкумина. Најпосле, еден од вооружените белци почнал говор во чест на џелатот, кој воопшто не му одговорил на пофалбите. Тогаш, џелатот, кој цело време молчел, станал и го почнал да зборува, жалејќи се на својата проклета судбина - вечно да убива во името на човештвото; единствената негова утеха била непознатата девојка, која постојано го чекала во неговиот дом, исполнета со љубов кон него; исто така, тој раскажал како морал да го убие синот божји, а потоа отишол кај господ за да го замоли да го ослободи од крвничката работа; меѓутоа, таму ја нашол само камената статуа на бога и сфатил дека бог е мртов, а дека тој е живиот божји син; најпосле, џелатот го завршил говорот проколнувајќи го човештвото, посакувајќи тоа да биде уништено, зашто само тогаш ќе заврши неговата мачна судбина. Потоа, џелатот ја напуштил меаната во придружба со девојката која го сакала.[2]

Осврт кон делото

уреди

Околу 1930 година, Лагерквист ја предвидел заканата на нацизмот и станал еден од најангажираните и најодлучните противници на нацистичката идеологија, а „Џелатот“ е најизразениот пример на неговата реакција на тогашните политички злучувања. Сепак, доследен на своите творечки определби, тој им дал поширока рамка на своите политички ставови и напишал модерна парабола за човековото зло, за неговите корени и видови, како и за односот на човекот кон злото во различни временски периоди. „Џелатот“, кој може да се опише како симболична повест за озаконетото зло, во прв ред е приказна за човековиот однос кон злото. Притоа, во првиот дел на новелата е опишан средновековниот однос кон џелатот, додека во вториот дел совршено прецизно се зборува за современиот однос кон злото. Така, во полумрачната меана, луѓето наивно и суеверно се обидуваат да ја протолкуваат страшната сила на џелатот, припишувајќи му ја на Сатаната; потоа, во модерниот бар, џелатот е во центарот на вниманието и присутните го почитуваат како олицетворение на општоприфатената идеологија. Во делото, авторот не го слика толку џелатот, колку луѓето околу него при што со широки и прецизни потези на ангажиран писател немилосрдно го осудува системот на насилната дехуманизација, дезинтеграцијата на човечките вредности и моралното распаѓање на цивилизацијата. Но, тој не се задоволува ниту со едноставна конфронтација, ниту со непосреден политички ангажман, туку на својата повест ѝ дава општа димензија, продлабочена со монологот на џелатот.[3]

Наводи

уреди
  1. Per Lagerkvist, Krvnik – Vječni smiješak. Beograd: Rad, 1964, стр. 5-32.
  2. Per Lagerkvist, Krvnik – Vječni smiješak. Beograd: Rad, 1964, стр. 32-56.
  3. Dušan Puvačić, „Per Lagerkvist“, во: Lagerkvist, Krvnik – Vječni smiješak. Beograd: Rad, 1964, стр. 127-128.