Богородичната црква во Париз
Богородичната црква во Париз (француски: Notre-Dame de Paris) e роман од француски писател Виктор Иго, издаден во 1831. Романот е познат и како Ѕвонарот од Богородичната црква или Грбавецот од Богородичната црква. Дејството се одвива во Париз во 1482. година, во и околу Богородичната црква, од каде потекнува и насловот. Се раскажува за фиктивниот ѕвонар од Богородичната црква, Квазимодо и сиромашната убавица, Циганката Есмералда која станува жртва на Клод Фроло, моќен архиѓакон. Книгата била напишана со намера да се подигне јавното мислење во заштита на црквата од уривање или модернизирање, на кои се противел Иго.
Илустрација од Victor Hugo et son temps (1881) | |
Автор | Виктор Иго |
---|---|
Изворен наслов | Notre-Dame de Paris |
Илустратор | Лук-Оливер Мерсон (оригинал) |
Земја | Франција |
Јазик | Француски |
Жанр | Романтизам |
Издадена | 14 Јануари, 1831 |
За романот
уредиИго започнал да го пишува романот во 1829 година, а го завршил во февруари 1831. Го насловил само како Богородичната црква во Париз (фр. Notre-Dame de Paris), но преведувачите на разни јазици насловот го адаптирале како Грбавецот од Богородичната црква (англ. The Hunchback of Notre Dame) или во поновите преводи Ѕвонарот од Богородичната црква. Иго го претпочитал насловот што го одбрал за книгата, бидејќи сметал дека самата црква е главен лик во романот.
Голем дел од романот ја опишува црквата, и го осудува нејзиното напуштање по оштетувањата кои ги претрпела за време на Француската револуција кога толпите, сметајќи ја за симбол на стариот систем, ја вандализирале и ги уништиле инвентарот, внатрешноста и голем дел од прозорците. Описот на црквата е живо олицетворение на идеите на романтизмот. Тоа не е само голем архитектонски споменик, туку е и жив гигант под чии нозе се престигнуваат вековите и поколенијата. Џиновската кула на катедралата е некој вид симбол на вечноста, кој се открива во некои појави. Со истата таа желба кон вечното писателот им приоѓа и на своите личности, кои се борат, страдаат и се радуваат во подножјето на бесмртниот џин.
Кратка содржина
уредиВо центарот на романот е Есмералда, Циганка полна со грација и наивна дивина. Таа е родена во циганските черги, далеку од културата и буката на големите градови. Спротивно на неа, Квазимодо, ѕвонарот на Богородичната црква во Париз е изрод. Единственото нешто што навистина го љуби се ѕвоната, кои за жал му го одземале слухот. Третиот лик, Клод Фроло неизмерно образован човек и архиѓакон на готската катедрала, иако згрозен од разобличеноста на Квазимодо го одгледал како свој син.
На т.н. плоштад на гревот, Квазимодо претходно претепан и омаловажен од страна на парискиот народ, моли за вода, но добива само смеа и пцовки. Од ведро небо, Есмералда му приоѓа и му дава вода. За првпат во неговиот живот Квазимодо се преобразува во човек и длабоко се вљубува во неа. Истовремено Клод Фроло гледајќи низ прозорецот од катедралата ја забележува Есмералда како го изведува својот цигански танц. Ненајдено е освоен од похотни чувства и решава дека мора да ја има.
Есмералда згрозена од грдотијата на Квазимодо и настраноста на Фроло, се осврнува кон физички прекрасниот Фебус, војник за француската армија, но простодушен човек. По сплет на настани, Фроло сфаќајќи дека никогаш нема да ја има, ја користи својата моќ како архиѓакон и ја обвинува Есмералда за вештерство. Со што ѝ следува смртна казна - спалување на парискиот плоштад. Квазимодо успева да ја спаси и ја носи на врвот од катедралата. Во средниот век, каде што е и сместено дејството во романот, црквите и катедралите биле свети места каде ниту еден закон не важел, со тоа катедралата претставувала засолниште за Есмералда.
Квазимодо се грижи за неа сè додека, група бунтовници не решат да влезат во катедралата и ја грабнат Есмералда. Квазимодо со сета своја моќ се обидува да ја спаси, но не успева. Таа е одведена на јавниот плоштад каде џелатот и го скратува животот. Во тој момент Квазимодо исчезнува. Авторот го завршува романот со два трупа најдени години подоцна, едниот долг и човечки, а другиот силно стиснат за првиот разобличен и згрбавен, кога луѓето се обиделе да ги раздвојат телата, тие се претвориле во пепел.
Значење и влијание
уредиГете го прочитал романот „Ѕвонарот на Богородичната црква“, но според неговото признание, му било потребно големо трпение за да го издржи мачењето кое му го предизвикала оваа книга која ја оценил како „најодвратната книга напишана кога и да било“.[1]
Врз основа на романот се снимени повеќе филмови, како што се: „Ѕвонарот на црквата Нотр-Дам“ од 1956 година.[2]
Наводи
уреди- ↑ J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 63.
- ↑ (пристапено на 21.1.2023)
Надворешни врски
уреди„Богородичната црква во Париз“ на Ризницата ? |
- Ѕвонарот на Богородичната црква во Семрежниот архив и Гугл Книги, multiple English translations (scanned books original editions color illustrated)
- Notre-Dame De Paris на Проектот „Гутенберг“, 1888 English translation by Isabel Florence Hapgood (plain text and HTML)
- The Hunchback of Notre Dame at LibriVox, 1888 English translation by Isabel Florence Hapgood (audiobook)
- Notre Dame de Paris Harvard Classics
- (француски) Notre-Dame de Paris at Wikisource (HTML)
Оваа статија од областа на книжевноста е никулец. Можете да помогнете со тоа што ќе ја проширите. |