Кармина Бурана (Орф)

(Пренасочено од Carmina Burana (Орф))

„Кармина Бурана“ (латински: Carmina Burana) — сценска кантата на германскиот композитор Карл Орф, компонирана помеѓу 1935 и 1936 г. Се заснова е на 23 песни од збиркаta средновековни текстови и песни Кармина Бурана, пронајдена во манастир во јужна Германија. Го носи и нејзиното име. Кантатата е дел од Орфовиот триптих кантати пишувани врз латински текстови „Трионфи“, заедно со Кармина Катули и Трионфо ди Афродите. Најпознатото парче од ова дело е „Фортуна Императрикс Мунди“ („О фортуна“), со кое се отвора и затвора ова дело.

Насловната страна на „Кармина Бурана“, на која е претставено тркалото на божицата Фортуна.

Популарност

уреди

Кантатата првпат била изведена во Франкфурт од Франкфуртската опера на 8 јуни 1937 г. Делото доживеало огромен успех. Толку многу што, Орф му пишал на својот изведувач со барање да ги уништи сите дела кои дотогаш му ги дал за печатење, затоа што сметал дека со ова дело почнува неговиот вистински опус (за среќа издавачот не го исполнил барањето).

Многу од дискутабилноста околу компонирањето на делово доаѓа од фактот дека е создадено во периодот на врвот на предвоената нацистичка власт. Делото ги вознемирува нацистите поради фактот дека премногу експлицитно се вметнати еротски и сексуални елементи, но го преминуваат преку тоа кога го увидуваат ентузијазмот со кој народот го прифаќа делото. Тоа станува најпопуларното парче компонирано за време на Нацистичка Германија. Дека уметноста не препознава режими и граници, популарноста на Кармина Бурана продолжува и после војната, па до шеесеттите години на 20 век станува етаблирано дело во класичниот репертоар.

Структура

уреди

Поделена е на 5 поголеми дела, и содржи вкупно 25 става. Помеѓу секој став на нумерите има јасно одвоена пауза.

Првиот дел Fortuna Imperatrix Mundi (Фортуно, Владетелке на Светот) е составен од два става, посветени на Фортуна, односно на судбината и среќата која владее со човековиот живот:

  • 1. O Fortuna
  • 2. Fortune plango vulnera

Вториот дел е Primo Vere (Во Пролет), во кој Орф одбира песни од средновековната збирка посветени на доаѓањето на пролетта и заживувањето на природата:

  • 3. Veris leta facies
  • 4. Omnia sol temperat - баритон соло
  • 5. Ecce gratum

Третиот дел е Uf dem Anger (На Ливадата). Во оваа секција во ставовите 8, 9 и 10 се среќаваме со песни на дијалектните говори:

  • 6. Tanz (инструментален став)
  • 7. Floret silva
  • 8. Chramer, gip die varwe mir
  • 9. - Reie
    • - Swaz hie gat umbe
    • - Chume, chum, geselle min
    • - Swaz hie gat umbe (репетиција)
  • 10. Were diu werlt alle min

Четвртиот дел In Taberna (Во Кафеаната) е слика на исмевање и иронија со човековите пороци, особено алкохолот:

  • 11. Estuans interius - баритон соло
  • 12. Olim lacus colueram - тенор соло
  • 13. Ego sum abbas - баритон соло
  • 14. In taberna quando sumus

Петтиот дел е Cour d'amours (Двор на љубовта) комплетно е посветен на љубовните маки и сласти на човекот:

  • 15. Amor volat undique - детски хор
  • 16. Dies, nox et omnia - баритон соло
  • 17. Stetit puella - сопран соло
  • 18. Circa mea pectora - баритон и хор
  • 19. Si puer cum puellula - баритон и хор
  • 20. Veni,veni, venias
  • 21. In trutina - сопран соло
  • 22. Tempus est iocundum - баритон, хор и детски хор
  • 23. Dulcissime - сопран соло

Овде имаме парче од завршниот дел наречен Blanziflor et Helena:

  • 24. Ave formosissima

Крајот е реприза на првиот став:

  • 25. O Fortuna

Музичкиот аспект

уреди

Мора најпрвин да се напомене дека Орф воопшто не се обидувал да навлезе во дешифрирање на неумите запишани во пронајдениот манускрипт. Целокупното дело е лично негов печат и дешифрирање на сопствените импресии предизвикани од содржината на песните.

Многу од мотивите укажуваат на тотална непосредност и директност. Орф демонстрира стриктност и јасност, неговиот ритам и пулсација се забележителни низ целото дело, како еден вид рамка од која тој не отстапува. Нема импровизација, избегнати се сите хармонски сложености, а тоналноста не е доведена во ниту еден миг во прашање. Во период кога атоналноста на Шенберг пенетрира во изразот на современиците на Орф, великани како Стравински, Прокофиев, Шостакович и станува стил на времето во кое живеат, тотално тоналниот потег во Кармина Бурана е крајно храбар чекор. Музичката сила, енергијата која извира од неговата музика го прават делото да ги надмине бариерите на времето, и на свој начин, навраќајќи се наназад, како во средниот век според содржината на манускриптите, така и неколку децении наназад, преку изразот кој не отстапува од тоналноста, и да го направат делото засекогаш бесмртно во пантеонот на најголемите музички творби воопшто напишани.

Изведувачкиот аспект

уреди

Хорот е застапен во 16 нумери . Баритонот има 4 нумери и три заедно со хорот. Сопранот има 3, а тенорот една. Шестата нумера е инструментална.

Солистичките делници се премногу храбри: тенорската арија Olim lacus colueram мора целосно да биде пеена на фалсет, со што би се демонстрирало страдањето на карактерот. Ариите на баритонот се екстремно тешки: целата Estuans interius е напишана во висок, речиси тенорски регистар, G2 е застапено 12 пати (ако се земе дека во цела Риголето на Верди која е една од најтешките баритонски рољи истиот тон го има само 2 пати!)! Dies nox et omnia има крајно високи тонови, кои Орф бара да бидат пеени во фалсето, единствен пример во баритонската пракса! Сопранската Dulcissime содржи екстремно високи тонови, но Орф бара сопранот да биде лирски, не колоратура - уште една голема задача за изведувачите - за тензијата да биде уште поголема! Хорските парчиња се исклучиво побарувачки: делото бара голем хор од најмалку 100 хористи. Во Tempus est iocundum има два хора кои се преплетуваат со своите мелодии.

Една од најголемите инвенции кои Орф ги прави со Кармина Бурана секако е и вклучувањето на додатни ударни инструменти во големиот симфониски оркестар, нешто што досега така не било сублимирано. Имаме:

  • тимпани (5 тапани на еден изведувач, вклучително и пиколо-тимпани)
  • 2 добоша
  • 1 бас тапан
  • 1 триангал
  • чинели
  • кастањети
  • дајре
  • кресела
  • ѕвончиња
  • гонг
  • спирални ѕвона
  • ѕвоно
  • глокеншпил
  • ксилофон

Сето тоа додадено на голем симфониски оркестар, како и две пијана и челеста.

Овие услови бараат организирање на голем проект, кој за многу мали театри е неизводлив. Поради тоа самиот композитор во 1956 одобрува опција во драстично намален перкусионистички состав.

Најчесто, ова огромно дело оди исклучиво концертно. Но, замислата на поголемите театри, покрај вокалниот аспект, вклучува и сценски аспект, односно вклучување на балетски ансамбли, со одредени творби и замисли поврзани со тематиката на средновековниот текст.


  Статијата „Кармина Бурана (Орф)“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).