Кармина Бурана (латински: Carmina Burana) е името на голема колекција на средновековни поеми од 12. и 13. век, зачувана во еден доцен средновековен ракопис пронајден во манастирот во Бенедиктбојерн (германски: Benediktbeuern) во 1803 година во јужна Германија. Самото име во превод од латински значи „Песните од Бура“ (по латинското име на манастирот Бура санкти Бенедикти). Овие поеми, кои ги има повеќе од 200 на број (поточно 254), се чини дека биле музички напеви користени од секојдневните луѓе во секојдневниот живот.

Тркалото на Фортуна римската божица на среќата, слика од пронајдениот манускрипт. Можат да се забележат и прочитаат четири состојби од тркалото кое постојано се врти: на врвот Regno (владеам), лево е Regnabo (ќе владеам), десно е Regnavi (владеев) и долу Sum sine regno (без царство сум).

Ракописот под некои поеми имал и некаков вид на музичка нотација (неуми), која подоцна разни фолклористи се обидувале да ја дешифрираат и да ја доловат оригиналната замисла на запишувачот, меѓутоа тие сѐ уште остануваат нерешлива загатка.

Главниот јазик е латински. Неколку поеми се напишани на германски и макаронски (мешавина од гатински и дијалектен германски или француски).

Денеска манускриптот „Кармина Бурана“ најповеќе е познат по истоимената кантата на Карл Орф, напишана во 1937 година, во која тој искористува 23 од изворните поеми.

Содржина

уреди

Поемите Кармина Бурана се пишувани и дополнувани во период од два века. Се верува дека се пишувани и компонирани од страна на таканаречените „Патувачки интелектуалци“, или познати под името Ordo Vagorum, како и од „Голијардите“ (група на студенти по теологија на универзитетите низ Германија, Франција, Англија и Италија, кои со своето песничко творештво изразувале силно негодување против големите проблеми во Католичката црква, како пропаста на Крстоносните војни и финансиските малверзации). Тоа била интелектуална елита на учени и ученици кои патувале низ средновековна Германија од еден училиштен центар до друг. Овие „патувачки интелектуалци“ биле главно без конкретни обврски и дејност на занимавање, без конкретна инволвираност во општеството и неговите конвенции, со тоа не мајќи потреба на оджување на одреден социјален статус. Зачудува ставот кој пишувачите го заземале и кој едвај кореспондира со средниот век: аморалниот пристап кон сексот, уживањето во земните задоволства и конзумирањето на пороците (пиење, коцка), восприемањето на природата како свежа разонода, огромното непочитување спрема црквата и црковните догми, исмевањето на човековите слабости, исмевањето со тогашните државни институции, храброста со која се осмелувале да влезат во отворен конфликт доколку некоја работа не им се допаѓа, сето тоа укажува многу повеќе на современа парафраза на општеството во XIX или XX век. Тие пишуваат за моментот во кој живеат, сегашноста, моменталните емоции и искуства, несреќи и радости.

Поделени се на три групи:

- моралистички и сатирички (исмевање на човечките недостатоци и неприликите во светот прикажани преку злоупотребите правени од црквата);

- љубовни песни и пасторали;

- „кафеански“ песни и песни за коцкањето.

Повеќето поеми се на латински, поради неговата етаблираност и распространетост, еден вид „есперанто“ на Средниот Век. Според тоа, тој бил и јазикот на „Ордо Вагорум“, затоа што јазиците на наречјата од каде тие потекнувале или каде патувале, сѐ уште не биле соодветно етаблирани како софистивирани средства за литературно изразување. Сепак, Кармина Бурана е пишувана од луѓе на кои латинскиот им бил усвоен јазик, па се среќаваме со голем број нејанотии и комплетно погрешна лексика, која и на современ практикант по Латински јазик би му била тешко да ја разбере.

Поемите од Кармина Бурана не се напишани во метриката на класичната латинска поезија (што се подразбира соодветно аплицирање на долги и кратки стихови). Овдека имаме едноставни строфи со рима која кореспондира со различни модели. Ритамот на одредени поединечни стихови е одреден од акцентите на зборовите.

Денеска колекцијата се чува во Државната Библиотека во Минхен. Кармина Бурана, заедно со Кармина Кантабригенсија, претставуваат најголемите збирки на средновековни патувачки и голијардски поеми.

О Фортуна

уреди
Латински текст
Македонски превод

1. O FORTUNA

O Fortuna,
velut Luna
statu variabilis,
semper crescis
aut decrescis;
vita detestabilis
nunc obdurat
et tunc curat
ludo mentis aciem;
egestatem,
potestatem,
dissolvit ut glaciem.

Sors immanis
et inanis,
rota tu volubilis,
status malus,
vana salus
semper dissolubilis;
obumbrata
et velata
mihi quoque niteris;
nunc per ludum
dorsum nudum
fero tui sceleris.

Sors salutis
et virtutis
mihi nunc contraria;
est affectus
et defectus
semper in angaria.
hac in hora
sine mora
cordae pulsum tangite!
quod per sortem
sternit fortem,
mecum omnes plangite!

(О Судбино)

О Фортуно,
како Месечината
променлива,
секојпат растеш
или исчезнуваш;
омразениот живот
час го тиранизираш
час го тешиш
според твојот игрив разум;
сиромаштијата
или моќта
ги уништуваш како лед.

Среќо страшна
и празна,
ти тркало превртливо,
бедо,
непостојана добрино
која секојпат може да изчезне,
скриена
зад маската
и мене ме труеш;
сега поради твоите игри
својот разголен грб
го поднесувам на твојата злоба.

Коцката на спасот
и доблеста
сега е против мене,
сакајќи
или не сакајќи,
секојпат сме нејзини робови.
И во овој час
без одлагање
повлечи ги струните;
затоа што од судбината
покосен беше силниот,
Со мене сега тажете сите!