Шумски пожар над Струмица (2012)
Шумскиот пожар над Струмица од 2012 година бил пожар кој ја зафатил боровата шума на планината Еленица која е сместена веднаш над градот Струмица. Причината за пожарот бил човечки фактор, а истиот бил подметнат во периодот помеѓу 11 и 12 часот на 23 јули 2012 година. Во пожарот загинале двајца спасители, вработени во ЈП „Македонски шуми“ и двајца цивили кои доброволно се вклучиле во гаснењето на пожарот. Повредени биле десетина лица од кои седум биле деца.
Шумски пожар над Струмица (2012) | |
---|---|
Локација | Струмица, Македонија |
Координати | 41°25′21″N 22°36′34″W / 41.42250° СГШ; 22.60944° ЗГД |
Статистика | |
---|---|
Дата | 23 јули - 31 јули 2012[1] |
Причина | Палба на стари алишта во близина на грмушки |
Загинати | 2 цивили 2 спасители |
Повредени | 14 |
По повод загинувањето на двајцата волонтери и двајцата спасители, во Општина Струмица на 25 јули 2012 година бил прогласен ден на жалост. Исто така, во чест на загинатите на главниот булевар во центарот на градот е изграден споменик од страна на општината, а во близина на местото каде што загинале од страна на фамилиите на загинатите е подигната мала црква-спомен.
Почеток и развивање
уредиНа 23 јули 2012 година помеѓу 11 и 12 часот, 24-годишна жена од Струмица на 50-тина метри од последните куќи во градот, во близина на ниски растенија кои растат во групи од повеќе стебла запалила стари алишта.[2][3] Таквиот акт предизвикал пожар кој по неколку часа се раширил низ боровата шума на планината Еленица, сместена над градот. Во ширењето на пожарот дополнително придонеле и неповолните услови со ветар.[4]
Околу 19 часот заврнало краткотраен дожд. Поради таквите временски услови била оневозможена интервенција на авионите за гаснење пожар во текот на истиот ден.[5] Вечерта околу 21 часот поголемиот дел од пожарот згаснал. Службите за спасување останале на терен во текот на ноќта со цел да се спречи повторно избувнување на пожарот. Противпожарните возила поради непристапниот терен привремено биле стационирани кај манастирот „Свети Илија“.[6]
Во текот на денот биле повредени вкупно 18 лица од кои петмина биле хоспитализирани во Градската болница во Скопје, а останатите во Струмица. Први жртви кои подлегнале на повредите биле Блажо Стојков и Пено Стојанов од Рич, вработени во ЈП „Македонски шуми“.[7] По седум дена, на повредите подлегнал и Мите Ѓоргиев кој доброволно учествувал во гаснењето на пожарот.[8] На 5 август починал и Војо Гркљанов од Вељуса, четвртата и последна жртва на пожарот, вработен во ЈП „Македонски шуми“.[9]
По два дена повторно избувнал пожар во близина на месноста викана „Двата пата“. Истиот бил на непристапен терен, а постоела опасност да се прошири кон населените места. Поради тоа, по барање на градоначалникот Зоран Заев, откако конечно се создале временски услови, од Дирекцијата за заштита и спасување биле активирани два противпожарни авиони „Канадери“ кои истурале вода на зафатените непристапни места.[10] Истиот бил локализиран во 16 часот.[11]
Пожарот продолжил низ текот на неделата.[12][13] Спасувачките екипи на теренот ископале ровови со цел да се спречи ширењето на пламените јазици.[14] Конечно, по борба од цела седмица и со четири смртни случаи и над десетина повредени, меѓу кои седум од нив деца,[15] пожарот над Струмица целосно стивнал на крајот од месец јули.[1]
Реакции
уредиНа селските гробишта во Рич, Струмичко по два дена од трагичниот настан, во родното село биле погребани првите две жртви на пожарот, Блажо Стојков на 50-годишна возраст и Пено Стојанов на 46 години.[16]
По повод трагичната смрт на зафатените од огнената стихија, била донесена одлука денот среда, 25 јули 2012 година да биде прогласен за ден на жалоста во Општина Струмица, при што знамињата во општината биле истакнати на половина копје. Истиот ден, Советот на општина Струмица едногласно донел одлука за потребите на семејствата, општината да додели парична помош од 100,000 денари на семејствата на загинатите и 20,000 денари на семејствата на повредените.[17]
Веднаш по целосното локализирање на пожарот, од страна на тогашниот градоначалник Зоран Заев и Општина Струмица се развила идејата за изградба на споменик за четирите жртви на пожарот. За таа цел бил повикан Григориј Потоцки, познат вајар и сликар од Русија и автор на споменикот Македонија.[18]
По истиот повод, фамилиите на загинатите од сопствен буџет изградиле мал споменик во налик на црква, сместен во близина на месноста „Двата пата“, местото каде што загинале нивните блиски. Во чест на загинатите, традиционално, секоја година претставници на општината, фамилиите на загинатите и граѓаните положуваат свежо цвеќе и пред споменикот во центарот на градот, но и пред малата црква-спомен.[19]
Поврзано
уреди„Шумски пожар над Струмица (2012)“ на Ризницата ? |
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 „Струмица конечно здивнува - нема нови пожари“. MK News. 31 јули 2012. Посетено на 4 јануари 2018.
- ↑ „Кривична за струмичанката која го предизвика струмичкиот пожар“. Денешен. 25 јули 2012. Посетено на 4 јануари 2018.[мртва врска]
- ↑ „Млада девојка го предизвикала пожарот кај Струмица“. МКД.МК. 25 јули 2012. Архивирано од изворникот на 2012-11-03. Посетено на 4 јануари 2018.
- ↑ „Жителите на Струмица во акција со пожарникарите против пожарот кај месноста „Два пата"“. Фама. 23 јули 2012. Архивирано од изворникот на 2014-08-02. Посетено на 4 јануари 2018.
- ↑ „Голем пожар во Струмица“. Факултети. 23 јули 2012. Посетено на 4 јануари 2018.[мртва врска]
- ↑ „Голем шумски пожар гори над Струмица“. Weather 4 All. 23 јули 2012. Посетено на 4 јануари 2018.
- ↑ „Двајца повредени од пожарот во Струмица починаа, еден во животна опасност“. Радио Слободна Европа. 24 јули 2012. Посетено на 4 јануари 2018.
- ↑ „Почина и третиот повреден во пожарот кај Струмица“. Факултети. 29 јули 2012. Архивирано од изворникот на 2012-09-01. Посетено на 4 јануари 2018.
- ↑ „Четврта жртва од пожарот во Струмичко“. 24 Вести. 5 август 2012. Посетено на 4 јануари 2018.
- ↑ „Над Струмица повторно пожар“. Радио Слободна Европа. 25 јули 2012. Посетено на 3 јануари 2018.
- ↑ „Канадерите го локализираа пожарот во Струмица“. Фама. 25 јули 2012. Архивирано од изворникот на 2016-08-20. Посетено на 4 јануари 2018.
- ↑ „Денеска повторно пожар во Струмица кај „Гогова шечма" - изгаснат е“. MK News. 28 јули 2012. Посетено на 4 јануари 2018.
- ↑ „Изгаснат пожарот кај Струмица“. Кајгана. 28 јули 2012. Архивирано од изворникот на 2012-07-30. Посетено на 4 јануари 2018.
- ↑ „Пожар повторно беснее над Струмица“. A1он. 29 јули 2012. Посетено на 4 јануари 2018.[мртва врска]
- ↑ „Седум дечиња се повредени во пожарот кај Струмица“. МКД.МК. 23 јули 2012. Посетено на 4 јануари 2018.[мртва врска]
- ↑ „Рич се прости од браќата Блажо и Пено, во Струмица ден на жалост“. Југоинфо. Посетено на 5 јануари 2018.
- ↑ „Службен гласник на Општина Струмица“ (PDF). 25 јули 2012. Посетено на 3 јануари 2018.
- ↑ „Во Струмица ќе се гради споменик за четирите жртви од пожарот“. Фама. 13 август 2012. Архивирано од изворникот на 2016-09-29. Посетено на 4 јануари 2018.
- ↑ „Три години од Смртта на Четворицата Загинати во Пожарот во Струмица“. Струми.ца. 23 јули 2015. Посетено на 4 јануари 2018.