Шинел
Шинел или Шинела (руски: Шинель) е расказ од рускиот писател Николај Васиљевич Гогољ, објавен во 1842 година. Расказот е дел од циклусот познат како „Петроградски раскази“.
Содржина
уредиАкакиј Акакиевич Башмачкин работи како ситен службеник во една канцеларија, совесно извршувајќи ја својата еднолична работа, без никакви амбиции. Поради неговиот повлечен и скромен карактер, неговите колеги постојано му се потсмеваат и прават шеги на негова сметка, а тој мирно го трпи сето тоа. Со доаѓањето на студените денови, Акакиј сфаќа дека треба да го замени својот стар, искинат шинел што повеќе не може да се поправа. Бидејќи нема доволно пари за нов шинел, Акакиј зпаочнува вредно да штеди, намалувајќи ги своите секојдневни трошоци. Еден ден, среќата му се насмевнува и тој добива поголем додаток на платата од очекуваниот, така што набргу успева да собере пари за новиот шинел. Кога конечно го добива шинелот, Акакиј е најсреќниот човек на светот и гордо оди во канцеларијата, каде сите му упатуваат пофални зборови. Притоа, еден од неговите колеги го поканува на вечерна седенка и Акакиј ја прифаќа проканата. Доцна во ноќта, додека се враќа пешки во својот стан, го напаѓаат силеџии кои му го земаат шинелот. Разочараниот Акакиј замолува еден влијателен службеник да му помогне во пронаоѓањето на шинелот. Во тој миг, влијателниот разговара со својот пријател од младоста и, за да се покаже пред него, на Акакиј му се обраќа со најстрог тон. Уплашениот Акакиј оди во својот дом, но патем се разболува поради големиот студ и набргу умира. Истовремено, влијателниот службеник го гризе совеста за лошото однесување кон Акакиј и тој изразува желба да му помогне, но дознава дека тој во меѓувреме умрел. Неколку дена по смртта на Акакиј, низ Петроград започнуваат да се шират приказните за мртвиот службеник кој ги напаѓа минувачите и им ги краде шинелите. Една ноќ, влијателниот службеник го здогледува мртовецот и го препознава ликот на Акакиј. Смртно уплашен, тој го соблекува својот шинел и му го дава на привидението.[1]
За расказот
уреди„Шинел“ е веројатно најпознатиот расказ на Гогољ во кој е опишана суровата реалност на ситниот руски службеник. Сепак, дури и најчистиот реализам Гогољ го зачинил со неверојатен, неочекуван пресврт изразен во појавата на привидението, оставајќи ги читателите во неизвесност, дали се работи за фантазија или за хумор.[2]
Во „Шинел“ Гогољ го дал најсилниот протест против понижувањето на „малиот човек“. Токму овој расказ го означува почетокот на една долга традиција во руската книжевност - темата на „понижените и навредените“ (според изразот на Достоевски), темата која се покажала толку неисцрпна, што руската книжевност никогаш повеќе не ја напуштила. Гогољевата критика е многу остра и тој ги исмејува аристократијата, високите државни службеници и малограѓаните. Притоа, описот на „високата личност“ е една од најострите сатири во руската книжевност. Поради тоа, Гогољ бил изложен на цензурата и морал да ја ублажи сцената на претсмртното бунило на Акакиј Акакиевич. Така, во првобитниот текст на расказот, пред да умре, Акакиј пцуел и се заканувал дека ќе му го грабне шинелот на генералот, велејќи: „Не ми е грижа што сте вие генерал.“[3] Расказот извршил големо влијание на рускиот реализам и врз целокупниот развој на руската книжевност, за што сведочи познатата реченица на Достоевски: „Сите ние излеговме од под 'Шинелот' на Гогољ“.[4][5][6]
Врз основа на расказот, во 1926 година е снимен истоимениот филм во режија на Григори Козинцев и Леонид Трауберг.[7]
Изданија на македонски јазик
уредиПрвото издание на „Шинел“ на македонски јазик се појавило во 1947 година, од издавачката куќа Култура. Расказот е објавен како самостојна книга, испечатена во септември 1947 година во печатницата „Култура“.[8]
Наводи
уреди- ↑ N. V. Gogolj, Petrogradske pripovetke. Beograd: Rad, 1964, стр. 71-103.
- ↑ Nana Bogdanović, „N. V. Gogolj“, во: N. V. Gogolj, Petrogradske pripovetke. Beograd: Rad, 1964, стр. 132.
- ↑ Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XXXVI-XXXVII.
- ↑ Nabokov, Vladimir (1981). Lectures on Russian Literature. New York: Harcourt Brace Jovanovich. стр. 54. ISBN 0-15-149599-8.
- ↑ Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XXXVI.
- ↑ Вељко Радовић, „Смешне згоде у Потемкиновом селу“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Ревизор. Београд: Рад, 1986, стр. 6.
- ↑ The Overcoat (1926) movie (пристапено на 12.2.2024)
- ↑ Н.В. Гогољ, Шинела (расказ). Скопје: Култура, 1947.