Црвен крст на Македонија

(Пренасочено од Црвен крст на РМ)

Црвениот крст на Република Македонија е доброволна, масовна и независна хуманитарна организација на граѓаните на Република Македонија и дејствува и работи како невладина и непартиска организација и како единствена организација на територијата на Република Македонија.

Црвен крст на Република Македонија
Лого на Организацијата
КратенкаЦКРМ
Основана17 март 1945
Видхуманитарна организација (невладина)
Седиштебул. „Кочо Рацин“ бр. 13
Место1000 Скопје, Р Македонија
Претседателд-р Милчо Трајков
Буџет56,3 млн ден. (2009)
Мреж. местоckrm.org.mk

Историја

уреди

Црвениот крст на РМ е формиран на 17 март 1945 година, а како самостојна невладина организација делува од 21 мај 1992 година. Црвен крст на РМ од Меѓународниот комитет на Црвениот крст е признат на 1 ноември 1995 година, а во Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина е примен во 27 ноември 1995 година како 169 членка.[1]

Основни задачи

уреди

Основни задачи на националната организација се:

  • Помош на Националните друштва во исполнување на програмските активности во случај на катастрофа,
  • Координација на активностите помеѓу Националните друштва, и
  • Координација на активностите со меѓународните организации.

Работата и ексклузивноста на Црвениот крст на Македонија е регулирана со Закон објавен во „Службен весник на Р.М.” број 41/94 од 5 август 1994 г.

Организација

уреди
 
Лого на Црвениот крст на Град Скопје

Според Статутот, Црвениот крст на Република Македонија е организиран на:[2]

  • Државно ниво
  • Општинско ниво
  • На ниво на Град Скопје
  • Основно ниво

Раководната структура ја сочинуваат:

  • Собрание
  • Претседател
  • Потпретседател
  • Извршен одбор
  • Финансиска комисија

Највисоко раководно тело на Црвениот крст на РМ е Собранието на Црвениот крст на РМ кое брои вкупно 75 члена. Мандатот на членовите во Собранието е четири години со можност за повторен избор. Собранието е составено од:

  • Избрани членови предложени од општинските организации на Црвениот крст.
  • Избрани членови предложени од Младите на Црвениот крст.
  • Претседателите на собранијата на општинските организации на Црвениот крст.

Извршниот одбор на Собранието на Црвениот крст на РМ е орган на Собранието кој раководи со националното друштво помеѓу седниците на Собранието. Бројот на членовите на Извршниот одбор е 15. Мандатот на членовите на Извршниот одбор трае четири години со можност за повторен избор, но не повеќе од два последователни мандати.

Членовите на Финансиската комисија се бираат од редот на членовите на Собранието на Црвениот крст на РМ, со мандат на членовите на Финансиската комисија од четири години со можност за повторен избор но не повеќе од два последователни мандати.

Извршниот одбор формира постојани и / или времени советодавни тела. Постојани советодавни тела се:

  • Комисија за развој и организационо-кадровски прашања
  • Комисија за дисеминација
  • Комисија за здравствено-превентивна дејност и крводарителство
  • Комисија за социјално-хуманитарна дејност
  • Комисија за подготвеност и дејствување при катастрофи
  • Комисија за службата за барање
  • Комисија за информирање и комуникации
  • Комисија за маркетинг
  • Комисија за статут и нормативни акти

За извршување на секојдневната оперативна работа, Собранието формира Стручна служба, која ги врши стручните, материјално-финансиските и административно-техничките работи. За управување со стручните служби се избира Генерален секретар кој професионално ја извршува функцијата која се утврдува со Статутот.

Членовите на Црвениот крст на РМ опфатени во подмладокот и младината се организираат во Млади на Црвениот крст на Македонија. Учеството на младите во организацијата на Црвениот крст на РМ се регулира со Правилник за организација и работа на Младите на Црвениот крст.

Надлежностите на органите за раководење се утврдени со Статутот.

Програми на Црвениот крст

уреди

Црвен крст во акција - Промоција на хумани вредности

уреди

Црвен крст во акција-Промоција на хумани вредности (ЦКА-ПХВ) претставува алатка за регрутирање и задржување нови волонтери во Општински организации на Црвен крст (ООЦК) на територијаta на Република Македонија. Програмата е поддржана од Меѓународниот комитет на Црвениот крст, Бирото за развој на образованието на Македонија  а се спроведува преку Црвениот крст на Град Скопје. ЦКА-ПХВ со имплементирање на своите активности започнува во 1998 година, a во текот на своето постоење променил неколку модели и годишни циклуси на функционирање.  

Преку програмата 1.200 млади волонтери секоја година се стекнуваат со соодветна едукација за препознавање на потребите на заедницата, изработка на проекти и самостојно организирање пракса на терен. Потоа младинците во период од 3 месеци преку директно пружање помош на ранливото население, на годишно ниво реализираат околу 150 мали проекти и помагаат на околу 3.000 лица. Преку дисеминација за знаења за Црвен крст, промоција на култура на дијалог, тимска работа и директно работење со ранливото население, како и преку изработка на мали проекти, младите волонтери се стекнуваат со едукација и мотивација за понатамошна хуманитарна пракса во рамките на организацијата. Исто така младите луѓе од различно религиозно, национално и социјално потекло имаат ретка можност заедно и преку интерактивен пристап да учат за културата, комуникацијата и за Црвениот крст.  

Како автори на проектот се сметаат: Екатерина Џајковска, Херби Елмази и Дарко Јорданов додека координатор на програмата е Александра Ристовски

Историја

уреди

Во првата фаза од имплементирањето, односно до 2003 година, одржани се преку 400 нагледни часови во 84 средни училишта, во кои учествувале преку 8.000 ученици, 920 професори, а организирани се повеќе од 100 тридневни ЦКА-ПХВ работилници на кои присуствувале над 3.000 ученици, 520 професори и стотици младинци и дисеминатори на Црвен крст на Македонија.  

Според договорот меѓу Црвен крст на град Скопје и Министерство за образование и наука претставувано од Бирото за развој на образование, во учебната 2004/05 година проектот се изведуваше во 11 гимназии од 9 градови, во рамките на проектните активности по македонски, односно албански или турски јазик и литература, на тема новинарство или етнологија. Во учебната 2005/06 година проектот беше имплементиран во 6 училишта од 5 градови во Р Македонија, но исто така преку новиот модел за дисеминација за млади како пилот проект влезе преку општинските организации на Црвен крст Карпош, Гостивар, Охрид, Кочани и Тетово.

Со започнувањето на ЦКА - ПХВ циклусот 2006/07 во септември 2006 година, ЦКА-ПХВ програма беше имплементирана во сите 34 општински организации на Црвениот крст во Македонија. После овој успешно имплементиран циклус, ЦКА-ПХВ програмата континуирано се спроведува на територија на цела Р Македонија, секоја година обучувајќи 1200 младинци на возраст од 13 до 18 години од сите ООЦК во Р Македонија.  

Мисијата на ЦКА-ПХВ програмата е “Промовирање култура на дијалог како основа за интеркултурно општество, преку промовирање на вредностите на Црвен крст и промовирање активни знаења, а како основа за активен пристап кон животот.“  

Меѓународно искуство

уреди

Програмата една година беше имплементирана во Србија и Албанија. Во Босна и Херцеговина започна да се имплементира во 2008 година и сѐ уште трае со поддршка на Меѓународен комитет на Црвениот крст, а по моделот на програмата развиена во Македонија. Во 2010 година програмата беше имплементирна во Шри Ланка со поддршка на германскиот Црвен крст, каде престојуваше тим од двајца инструктори кој направи проценка на состојбата и потребите, како и план на активности.

Наводи

уреди
  1. „Историјат на ЦКРМ“. ЦКРМ. Посетено на 27 јануари 2021.
  2. „Структура на ЦКРМ“. ЦКРМ. Посетено на 27 јануари 2021.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди

Македонски

уреди

Странски

уреди