Црвенорак тамарин

(Пренасочено од Црвенодланкест тамарин)
Црвенорак тамарин[1]
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Цицачи
Ред: Примати
Семејство: Канџести мајмуни
Род: Тамарин
Вид: Црвенорак тамарин
Научен назив
Saguinus midas
(Linnaeus, 1758) [3]
Распространетост на црвеноракиот тамарин

Црвенорак тамарин, наречен и златнорак тамарин или црвенодланкест тамарин (науч. Saguinus midas) — примат од семејството на канџестите мајмуни (Callitrichidae) наречен црвенкасто-портокаловата крзно на стапалата и шепите. Потекнува од шумовитите предели северно од Амазон во Бразил, Гвајана, Француска Гвајана, Суринам и можеби Венецуела.[2] Јужно од Амазон живеат тамарини кои немаат екстремитети во поинаква боја, и за кои се сметало дека припаѓаат на овој вид, но подоцна е утврдено дека се работи за видот црн тамарин.

Примероци од ова животно може да се видат во Зоолошката градина во Скопје.[4]

Физички особености

уреди

Ова животно е долго 20,5-28 см без опашката, а 31-44 см со неа. Тежи 400-550 г. Живее околу 10 години во дивина и 16 во заробеништво.

Поведение и размножување

уреди

Живее во групи од 4 до 15 единки кои меѓусебно соработуваат дотолку што во рамките на групата нема конкуренција, дури ни меѓу мажјаците. Кога ќе дојде сезоната, во групата се пари само една женка, а другите го потиснуваат инстинктот. Бременоста трае 140–170 дена и се раѓаат обично по две младенчиња. За мајмунчињата претежно се грижи таткото, и ги дава на мајката само на цицање, но во негата помага целата група. Најголем приоритет на групата е безбедноста, и кога една единка е во неволја, цела група доаѓа на припомош. Црвеноракиот тамарин е територијално животно и знае да биде агресивен, со остри очници и канџи на сите прсти освен на палците на нозете.

Имаат исклучителни искачувачки способности и највеќе време проведуваат на ползавците и гранките на дрвјата. Се одликуваат со голема брзина и подвижност, како и способност за скокање на земја од високо (до 18 м) без да се повредат. Се хранат со плодови, цветови, инсекти, жаби, пајаци, гуштери и нектар.[2] Природни непријатели им се малите мачки, грабливите птици и змиите.

Територија

уреди

Територијата на црвеноракиот тамарин се шири за сметка на онаа на двобојниот тамарин, истиснувајќи го по пат на меѓувидова конкуренција.[2][5]

Наводи

уреди
  1. Groves, C. (2005). Wilson, D. E., & Reeder, D. M (уред.) (уред.). Mammal Species of the World (III. изд.). Baltimore: Johns Hopkins University Press. стр. 135. ISBN 0-801-88221-4.CS1-одржување: повеќе имиња: список на уредници (link)
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Saguinus midas. IUCN Red List. Version 2008. International Union for Conservation of Nature. 2008. Посетено на 2 January 2009.
  3. Linnaeus, Carl (1758). Systema naturæ. Regnum animale (10. изд.). стр. 28. Посетено на 19 November 2012.
  4. „Цицачи“. Зоо Скопје. Посетено на 30 мај 2015.[мртва врска]
  5. Röhe, F. (2006). Área de contato entre as distribuições geográficas de Saguinus midas e Saguinus bicolor (Callitrichidae-Primates): a importância de interações e fatores ecológicos. Dissertação de Mestrado — INPA/UFAM. стр. 71.

Надворешни врски

уреди