Центар за култура „Антон Панов“ – Струмица
Центар за култура „Антон Панов“ — културна национална установа во Струмица.
НУЦК „Антон Панов“ – Струмица има за цел да го организира, консолидира и води целокупниот културен живот во Струмица, едукација на граѓаните, анимирање на нивната културна креативност, зачувувавање и негување на традиционалното културно наследство и творештво и создавање на културолошки чувствителна и образована публика.[1]
Установата е основана во 2004 година со спојување на три претходно самостојни организации: Дом на културата, Уметничка галерија и Народен театар „Антон Панов“, согласно Законот за култура на Република Македонија. Седиште на установата е Домот на културата во Струмица, кој се наоѓа на градскиот плоштад „Гоце Делчев“.
Историјат
уредиНароден театар „Антон Панов“
уреди- Основањето на струмичкиот театар
На 1 мај 1949 година во Струмица е изведена драмата „Бегалка“ (од Васил Иљоски) во режија на Димитар Колчаков. На тој ден годишно се одбележува основањето на театарот. Подготовките за неговото основање започнуваат на крајот на 1948 година, кога локалната самоуправа во Струмица донесува одлука за формирање театар и дозвола за изградба на театарска зграда. Градски народен театар – Струмица е првиот професионален театар основан во Источна Македонија. Театарската зграда, денес позната како Стариот театар, е изградена на улицата „Боро Џони“ во централното градско подрачје, во близина на киното „Балкан“.
По првата изведба на „Бегалка“, на 25 мај струмичкиот театар ја изведува и „Сомнително лице“ (од Бранислав Нушиќ), повторно во режија на Колчаков. На 5 ноември, во режија на Коле Чашуле, во Струмица премиерно е изведена и претставата „Печалбари“ (од Антон Панов), која пак е најпосетуваната претстава во историјата на струмичкиот театар.
- Првите децении на струмичкиот театар
Во првата деценија по основањето на театарот, во 1950-тите се изведувале седум до десет премиери годишно. Ова било време на голем театарски ентузијазам. Репертоарот на струмичкиот театар во тој период бил ориентиран кон битовиот драмски модел, кон неговата сценичност, која во најголема можна мера има непосреден и близок контакт со публиката. На репертоарот на струмичкиот театар имало и комедии, како што се популарните комедии на Бранислав Нушиќ. Во тоа време немало образовани режисери во струмичкиот театар, освен Димитар Колчаков, кој најчесто режирал и кој бил на кратка специјализација од областа на режијата во поголеми театри во тогашната држава. Во 1954 година Колчаков ја добил тогашната Републичка награда за најзаслужни режисери во Македонија. Кон крајот на 1950-тите години, во Стариот театар се изведувале и авангардни претстави од автори како Арман Салакру и Џон Пристли, во режија на Ацо Алексов, кој пак се школувал во Белград. Во тој период значително се подобрило нивото на професионализам на струмичкиот театар. Во 1957 година средношколецот Ристо Шишков дебитирал на струмичката театарска сцена во претставата „Ноќи на гневот“ (од Арман Салакру) во режија на Ацо Алексов.
Писателот Кочо Урдин бил директор на струмичкиот театар во сезоната 1962/63, а потоа и од 1967 до 1970 година. На негово инсистирање, салонот на театарската зграда бил реконструиран и адаптиран, а исто така на негова иницијатива за патрон на струмичкиот театар бил прогласен истакнатиот македонски драмски писател Антон Панов, кој починал во 1968 година во Струмица. На краток период од три години, од 1963 до 1966 година, струмичкиот театар бил интегриран во Работничкиот универзитет во Струмица. Во 1964 година, претставата „Матуранти“ (од Жозе Андре Лакур), во режија на младиот режисер Бранко Ставрев, ги освоила сите девет награди на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, по што следувале и други успеси на струмичкиот театар на истиот фестивал. Критиката тогаш вистински започнала да ја следи продукцијата на струмичкиот театар. Во 1964 година била основана и Уметничката галерија на Струмица.[2] Репертоарот на струмичкиот театар од 1960-тите години вклучувал драми од американскиот модернизам, егзистенцијализмот на Албер Ками и други драми, вклучително и драми од домашни автори. Во 1970-тите години театарот од Струмица и учесниците во претставите биле наградувани на театарските игри во Прилеп неколку години по ред. Во 1975 година, струмичкиот театар ја добил и републичката награда „Климент Охридски“.
- Напуштање на Стариот театар, години без дом и преселување во Домот на културата
Во 1977 година е издадена забрана за јавна употреба на театарската зграда во Струмица поради дотраеност. Бараки спроти поранешната автобуска станица во Струмица станале привремено седиште на струмичкиот театар; таму се одржувале дел од пробите. Вработените во струмичкиот театар се обиделе да не ги прекинат врските со старата театарска зграда така што, и покрај забраната, понекогаш таму ги изведувале пробите за претставите. Сепак, по напуштањето на Стариот театар, повеќето проби и премиерните изведби на струмичкиот театар се одржувале во Домот на ЈНА во Струмица. Желбата да се одржи Стариот театар не згаснува. Во јуни 1981 година, во напуштената театарска зграда премиерно била изведена претставата „На крајот на патот“.
Како дел од урбаното проширување на Струмица во 1970-тите години, во центарот на градот започнал да се гради и дом на културата. Домот на културата „Благој Јанков Мучето“ – Струмица бил свечено пуштен во употреба на 1 мај 1986 година.[3]
По девет години без дом, Народниот театар „Антон Панов“ конечно бил преселен во новоотворениот Дом на културата во Струмица. Во 1980-тите години се зајакнал и глумечкиот тим на струмичкиот театар. Во 1986 година, во Стариот театар, Телевизија Скопје ја снима претставата „Власт“, со која доајените Стојан Гогов и Александар Думов го одбележале нивното пензионирање. Есента 1986 година во режија на Бранко Ставрев е прикажана претставата „Големиот смок“ (од Митко Маџунков), претстава која има голем успех и заедно со уште неколку претстави ја враќа струмичката публика во театарот.
НУЦК „Антон Панов“ – Струмица
уредиПочнувајќи од 6 април 2004 година, со измените на одредбите на новиот Закон за култура на Република Македонија, трите претходно самостојни организации во Струмица: Дом на културата, Уметничка галерија и Национален театар „Антон Панов“ биле интегрирани во заедничка организација под името Национална установа Центар за култура „Антон Панов“ – Струмица.
Наводи
уреди- ↑ „НУЦК Антон Панов - Струмица“. Посетено на 2021-07-28.
- ↑ „Институции – Општина Струмица“. Посетено на 2021-07-28.
- ↑ „Дом на култура - Струмица / Б. П. Тофовска и В. Н. Кочовска 1976-81 – МАРХ“. Посетено на 2021-07-28.
Библиографија
уреди- СЦЕНА, светлини: 70 години Народен театар „Антон Панов“ – Струмица: монографско издание. Струмица: НУЦК „Антон Панов“ – Струмица. 2019. ISBN 978-608-66227-8-7.