Федерална унија на европските националности
Федерална унија на европските националности (англиски: Federal Union of European Nationalities), скратеница ФУЕН — меѓународна невладина организација, основана во 1949 година по формирањето на Советот на Европа, која работи на зачувување и унапредување на идентитетот, јазикот, културата, правата и традициите на националните малцинства, националностите и јазичните групи во Европа. Како чадор организација, ФУЕН има над 100 организации членки кои ги претставуваат етничките, јазичните и националните малцинства во Европа. Организацијата имала клучна улога во охрабрувањето на Советот на Европа да ја усвои Европската повелба за регионални или малцински јазици и Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства. Седиштето на ФУЕН е во Фленсбург, Германија, а организацијата има канцеларии и во Берлин и во Брисел, Белгија.
Од Македонија, организации членки на ФУЕН се Унијата за култура на Власите од Македонија со седиште во Скопје, Центарот за ромска заедница „ДРОМ“ во Куманово, Асоцијацијата за демократски развој на Ромите „СОНЦЕ“ во Тетово и Здружението за правата на Ромите во Штип. Во ФУЕН членуваат и организациите на Македонците во Грција и во Албанија, Виножито со седиште во Лерин и Македонското движење за унапредување на мајчиниот јазик „Крсте Мирисков“ во С’ботско[1] и Македонското друштво „Илинден“ во Тирана, сите дел од Работната група на словенските малцинства при ФУЕН.[2] Во 2023 година ФУЕН за прв пат објавила документ на македонски јазик.[3]
Наводи
уреди- ↑ „Македонско движење за унапредување на мајчиниот јазик „Крсте Мирисков"“. agsm.fuen.org.
- ↑ „List of member organisations“. FUEN.
- ↑ „Федералната унија на европските националности по првпат објави документ на македонски јазик“. 360 степени. 22 октомври 2023. Посетено на 22 октомври 2023.