Недржливост на мочта
Недржливост на мочта или слабост на мочниот меур (наречена уринарна инконтиненција, од латински: incontinentia urinae)) — губењето на способноста за складирање и задржување на урината во мочниот меур без загуба, како и способноста за волево одредување на времето на празнење. Според дефиницијата на стручните здруженија, недржливостта е официјално присутна уште при губење/испуштање на една капка урина.
Уринарна инкотиненција | |
---|---|
Синоними | Неволно уринирање |
Анатомија на долниот уринарен тракт и гениталниот систем. Горниот дијаграм го прикажува женскиот уринарен систем, а долниот го прикажува машкиот уринарен систем. | |
Специјалност | Урологија, гинекологија |
Облици на недржливост на мочта
уредиНајчестите облици се ургентна недржливост, стресна недржливост и преливна недржливост.
Ургентна недржливост (принудна недржливост)
уредиСе одликува со ненадеен, силен нагон за мокрење што често е невозможно да се стигне до тоалетот пред да дојде до неволно губење на урината. Причините се, на пример, контракции на мускулатурата одговорна за празнење на мочниот меур, често предизвикани од локални воспалителни процеси (на пример циститис - воспаление на бешиката), дебелина, дијабетес мелитус или оштетување на нервите кои ги контролираат овие мускули, како кај Алцхајмеровата болест, мултиплекс склероза (МС), Паркинсонова болест или после мозочен удар.
Се прави разлика помеѓу моторна недржливост поврзана со неволна контракција на детрузорот (=контракции на мазната мускулатура на ѕидот на мочниот меур одговорна за празнење на мочниот меур, т.н. детрузор или M. detrusor vesicae) и сензорна недржливост без детрузорна контракција.[1]
Стресна недржливост
уредиВо случај на стресна недржливост, зголемениот внатрешен абдоминален притисок предизвикан од напрегање од различни причини (кревање, носење, качување по скали, смеење, кашлање, кивање, испуштање гасови) предизвикува повеќе или помалку изразено неволно губење на урината.
Постојат три степени на сериозност (според Стејми):
- 1. степен: недржливост при кашлање, кивање, смеење
- 2. степен: недржливост при нагли движења на телото, при стоење, седење, кревање тешки предмети
- 3. степен: недржливост при движења без напор, лежење, целосно празнење за време на спиењето
Кај жените, стресната недржливост често е резултат на повеќекратни раѓања, што доведува до прекумерно истегнување и опуштање на лигаментите во карлицата и на карличниот под. Ова резултира со спуштање (десцензус) на органите на малата карлица. Зголемениот внатрешен абдоминален притисок и понатаму делува врз мочниот меур, но во исто време повеќе не може да влијае на уретрата (мочниот канал) и повеќе не го поддржува неговиот притисок на затворање. Кај мажите, од друга страна, оваа форма на недржливост обично е резултат на трауматско оштетување на надворешниот сфинктер на мочниот меур при операции (на пример радикална простатектомија - остранување на простатата и семените жлезди) или несреќи.
Во благи случаи на женска стресна недржливост, фокусот е ставен на конзервативните опции за третман. Антидепресивот дулоксетин, на пример, е погоден за ова.[2] Во потешки случаи, достапни се голем број хируршки методи. Првите операции за стресна недржливост беа објавени во 1878 година.[3] Во 1912 година, Хауард Атвуд Кели извршил попречно собирање на вратот на мочниот меур.[4] Денес, минимално инвазивна процедура, таканаречената TVT-операција (Tension-free vaginal tape), при која, под општа анестезија се поставува лента околу уретрата (мочниот канал) и се фиксира во пределот на срамната коска.
Во една 6-годишна студија, беа забележани стапки на успех од околу 74 проценти за TVT-операцијата. Кај 1.6 % од жените лентата морало да биде отстранета по процедурата поради компликации. Околу 5% од жените и понатаму имале нарушувања на празнењето и покрај операцијата.[5] Една холандска студија ја спореди TVT-операцијата со физикална терапија (вежби на карличниот под), што претставува опација за конзервативен третман. Операцијата TVT е супериорна во однос на физиотерапијата во овој поглед, а жените се исто така позадоволни.[6] Само околу една од 10 жени претрпеле помали хируршки компликации како што се модринки или ургентна недржливост.
Кај мажите, може да се направи обид за минимално инвазивна операција на сфинктерот (кружниот мускул во пределот на вратот на бешиката одговорен за задршка на урината). Во потешки случаи каде конзервативната терапија не помага, може да се вгради вештачки сфинктер - маншета околу уретрата во пределот под бешиката, кој може се надувува или празни со помош на пумпа.
Дуга метода со инјектирање на хијалуронска киселина во уретрата доведува до подобрување кај околу половина од пациентите во првата година, но долгорочниот успех на овој третман е низок, а стапката на компликации е висока.[7]
Употребата на механички помагала, како што се ленти за пенисот или оклузери за недржливост, кои се прикачуваат надворешно на пенисот и вршат притисок врз уретрата (мочниот канал) и на тој начин го спречуваат несаканото губење на урината, е докажана терапија за недржливост на мочта.
Мешана недржливост
уредиОвде се комбинираат ургентната и стресната недржливост.
Недржливост кај хронични нарушувања на одливот на мочниот меур
уредиНедржливостта со хронични нарушувања на дренажата на мочниот меур (исто така: недржливост со хронична уринарна ретенција т.е. хорнична задршка на урина) е предизвикана од недоволно празнење на уринарниот меур со резултат на резидуална (остаточна) урина во мочниот меур. Причините можат да бидат од механичка природа, како што е зголемена простата, која често се јавува кај мажите, која ја стеснува уретрата (мочниот канал) додека минува низ простатата. Сепак, постојат и функционални (невролошки) причини, како што е нарушување на координацијата на притисокот во мочниот меур и сфинктерите на мочниот меур при мокрење.
Проблемот со постојаното формирање на резидуална урина е тоа што таа може да се акумулира. Ова може да доведе до зголемен притисок на мочниот меур кој е толку висок што целиот систем за празнење станува нестабилен и сфинктерите на мочниот меур се пренапрегнати, што може да доведе до недржливост од различни степени. Оттука и терминот недржливост со прелевање.[8]
Сепак, главниот ризик од акумулирана резидуална урина не е развојот на недржливост, туку насобирање и застоја на урина во уретерите и бубрезите. Ова повлекува непосреден и најчесто незабележлив ризик за постепено губење на функцијата на бубрезите до степен на уремија (бубрежна инсуфициенција и потреба за дијализа). Во овој поглед, секое сомневање за недржливост од овој тип е алармен сигнал што треба што поскоро да се разјасни кај специјалист уролог.
Урологот може многу лесно да го процени степенот на формирање на резидуална урина, а со тоа и нивото на опасност, користејќи ултразвук. Доколку е потребно, причината потоа може да се елиминира, на пример во случај на стеснување поради зголемена простата. Ако насобраната урина веќе стигнала до бубрезите, веднаш треба да се вметне катетер преку кој мочниот меур може се празни и потоа да се носи додека не се отстрани опструкцијата.
Рефлексна недржливост
уредиРефлексната недржливост е предизвикана од нарушување или уништување на патеките на поттиснување на мокрењето (инхибициски патишта) кои доаѓаат од мозокот, така што преовладува импулсната активност на рефлексниот лак помеѓу мочниот меур и центарот за микција во сакралниот дел на ’рбетниот мозок (S2-4). Во овој случај рефлексниот лак за мокрење меѓу ’рбетниот мозок и мочниот меур повеќе не е контролиран од големиот мозок и работи автономно. Тоа резултира до контракции на мускулатурата на мочниот меур и неволно (неконтролирано) истекување на урина.
Друг проблем е недостатокот на координација на мускулатурата која го контролира празнењето на мочниот меур, што често резултира со нецелосно празнење со резидуална урина (диссинергија на детрузорниот сфинктер).
Таквата состојба се јавува, на пример, по параплегија на ниво над центарот за микција (мокрење) во ’рбетниот мозок (лезија на горниот моторен неврон или 1. неврон). Дегенеративните промени во централниот нервен систем, на пример кај луѓе со мултиплекс склероза, може да го имаат истиот ефект. Во случај на лезија на долниот моторен неврон или 2. неврон, од друга страна, се јавува флакциден (млитав), целосно денервиран мочен меур со преливна недржливост.
Терапијата се базира првенствено на лекови. Самостојната катетеризација (самостојно внесување на катетар во мочниот меур) од време на време овозможува празнење без заостанување урина во мочниот меур (резидуална урина). Приоритетна цел на самостојната катетеризацијата, покрај празнењето на мочниот меур, е, првенствено заштита на горниот уринарен тракт (бубрезите).
Екстрауретрална недржливост
уредиВо случај на екстрауретрална недржливост, не постои инсуфициенција на апаратот за затворање на уретрата (мочниот канал), оттаму и името екстрауретрална. Природниот тек на урината е „заобиколен“, на пример, со вродена малформација на уретерот зад сфинктерот, цистоцела, уретроцистоцела или фистула поврзана со повреда, како што е фистула помеѓу мочниот меур и правото црево или мочниот меур и вагината, како резултат на операција или зрачење. Терапијата се спроведува со помош на оперативна корекција.
Синдром на прекумерно активен мочен меур
уредиСиндром на прекумерно активен мочен меур или раздразлив мочен меур (англиски: overactive bladder, OAB) не претставува форма на недржливост. Раздразливиот мочен меур не е форма на недржливост. Кога губењето на урината се јавува како дел од симптомите на раздразлив мочен меур, тоа се нарекува ургентна недржливост. Но, текот на болеста може да се одвива и без губење на урината и да се манифестира со непријатен и чест нагон за мокрење.
Формата на болеста е дефинирана според номенклатурата на ICS (International Continence Society) со ненадеен, неиздржлив нагон за мокрење, кој го принудува засегнатото лице веднаш да оди во тоалет. Фреквенцијата на празнење за OAB мора изнесува најмалку 8 × на 24 часа. Се прави разлика помеѓу OAB со недржливост и без недржливост.
Старата номенклатура за ова е:
- сензорна недржливост: овде е нарушена перцепцијата за полнење на мочниот меур, во смисла на предвремено чувство на исполнетост е, на пример поради воспаление, камења во мочниот меур или опструкција на уринарниот тракт.
- моторна недржливост: овде еферентните нервни импулси за детрузорниот мускул (мускул од мазни мускулни клетки во ѕидот на мочниот меур, одговорен за празнење на мочниот меур) се неинхибирани (не се потиснати), што доведува до предвремена, понекогаш спазматична контракција на детрузорот.
OAB може да биде резултат на воспаление на долниот уринарен тракт (мочен меур, уретра), опструктивни (стеснувачки) промени како на пример стриктури на уретрата (стеснувања на мочниот канал), бенигно или малигно зголемување на простатата или невролошки нарушувања како на пример деменцијални заболувања. Кај повеќето заболени пациенти причината е непозната.
Терапијата е делумно каузална (причинска), но делумно и само симптоматска, односно се состои само во ублажување на симптомите.
Недржливост од смеење
уредиНедржливостта од смеење се смета за независна форма на недржливост на мочта. Типично, овој тип на недржливост се јавува на возраст од 5 до 7 години и е особено чест кај девојчињата на почетокот на пубертетот.[9] Кога се смеат, засегнатите ја губат контролата врз функцијата на мочниот меур и мочниот меур целосно се празни. За разлика од другите форми на недржливост, мочниот меур и околните органи се целосно здрави. Нагонот за мокрење не се чувствува пред мокрењето. Вистинската причина за недржливост од смеење сè уште не е конечно истражена, постојат неколку можни објаснувања. Третманот може да вклучува лекови, меѓу другото лекот метилфенидат или преку физиотерапија, особено вежби на карличниот под.[10]
Психолошко значење на недржливост
уредиБидејќи воспитувањето за лична хигиена има релативно висок приоритет во општеството, недржливостта често води до социјална изолација, особено затоа што многу заболени од недржливост дури и избегнуваат да се консултираат со лекар (уролог, гинеколог) од срам. Поради оваа причина, мора да се претпостави голем број на непријавени случаи на заболени од недржливост.
Помагала за недржливост
уредиПомагалата за недржливост се нудат во неколку варијанти во аптеки, продавници за медицински материјали и во специјализирани нарачки по пошта. Помошните средства се или апсорбирачки влошки (подлоги) кои врзуваат мирис и кои се ставаат во долната облека и се фиксираат со лепливи ленти, или специјални гаќи за недржливост кои се носат како нормална долна облека. Алтернативно, има и панталони со пелени за возрасни, во различни големини, кои меѓу другото ги користат и лицата со попреченост и оние на кои им е потребна грижа. Висината и тежината на телото, полот, количината на пиење и потребната сила на вшмукување се одлучувачки за изборот на најсоодветните производи.[11]
Наводи
уреди- ↑ Andreas J. Gross, Rolf-Hermann Ringert: Urogenitale Symptome. In: Eberhard Aulbert, Friedemann Nauck, Lukas Radbruch (Hrsg.): Lehrbuch der Palliativmedizin. Schattauer, Stuttgart (1997) 3., aktualisierte Auflage 2012, ISBN 978-3-7945-2666-6, S. 439–456; hier: S. 444.
- ↑ Depression : Duloxetin wirkt zweifach. In: Pharmazeutischen Zeitung. 6/2005.
- ↑ Horst Kremling: Die Belastungs-(„Streß“-)Inkontinenz. Historische Betrachtungen. In: Würzburger medizinhistorische Mitteilungen. Band 14, 1996, S. 5–10; hier: S. 7 ff.
- ↑ Horst Kremling: Gynäkologisch-urologische Grenzfragen. In: Würzburger medizinhistorische Mitteilungen. 23, 2004, S. 208.
- ↑ N. Kuuva, C. G. Nilsson: Long-term results of the tension-free vaginal tape operation in an unselected group of 129 stress incontinent women. In: Acta Obstet Gynecol Scand. 85(4), 2006, S. 482–487. PMID 16612712
- ↑ Julien Labrie, Bary L. C. M. Berghmans, Kathelijn Fischer, Alfredo L. Milani, Ileana van der Wijk, Dina J. C. Smalbraak, Astrid Vollebregt, Ren P. Schellart, Giuseppe C. M. Graziosi, J. Marinus van der Ploeg, Joseph F. G. M. Brouns, E. Stella M. Tiersma, Annette G. Groenendijk, Piet Scholten, Ben Willem Mol, Elisabeth E. Blokhuis, Albert H. Adriaanse, Aaltje Schram, Jan-Paul W. R. Roovers, Antoine L. M. Lagro-Janssen, Carl H. van der Vaart: Surgery versus Physiotherapy for Stress Urinary Incontinence. In: New England Journal of Medicine. 369, 2013, S. 1124–1133. doi:10.1056/NEJMoa1210627
- ↑ F. Lone, A. H. Sultan, R. Thakar: Long-term outcome of transurethral injection of hyaluronic acid/dextranomer (NASHA/Dx gel) for the treatment of stress urinary incontinence (SUI). In: International urogynecology journal and pelvic floor dysfunction. Band 21, Nummer 11, November 2010, S. 1359–1364, ISSN 1433-3023 . doi:10.1007/s00192-010-1211-4. PMID 20571764.
- ↑ Maurice Stephan Michel, Joachim W. Thüroff, Günther Janetschek, Manfred Wirth: Die Urologie. Springer-Verlag, Berlin/ Heidelberg/ New York 2016, ISBN 978-3-642-39940-4, S. 878.
- ↑ Christopher S. Cooper: Voiding Dysfunction Clinical Presentation. Medscape, 2010.
- ↑ Архивирано на {{{2}}}. ZDF, abgerufen am 11. Februar 2014.
- ↑ Inkontinenzhilfen auf Rezept: Wann die gesetzliche Krankenkasse zahlt vom 16. September 2021 Verbraucherzentrale, aufgerufen am 1. November 2022