Тома Фиданчев

лекар и политичар

Тома Фиданчев или Тома Фиданчевиќ (српски: Тома Фиданчевић) — југословенски лекар и политичар, градоначалник на Струмица од 1927 до 1931 година, југословенски народен пратеник од Струмичкиот срез од 1931 до 1935 година.

Животопис

уреди

Роден е во 1896 година во градот Струмица, тогаш во Османлиската империја. Гимназиско образование завршува во Ќустендил, Царство Бугарија, потоа студира медицина во Виена, а апсолвира во Росток, Германија. По докторирањето се враќа во Струмица, која тогаш се наоѓа во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, и работи како лекар, а се истакнува и како општественик.[1]

Во 1927 година е избран за претседател на општина Струмица како кандидат на Народната радикална партија (НРП), која тогаш е најголемата политичка партија во кралството.[2] По Шестојануарската диктатура од 1929 година, неговиот мандат како претседател на општината е потврден и така тој продолжува да ја извршува оваа функција.[3] Додека е претседател на општина Струмица, во февруари 1930 година е уапсен заедно со Михаил Ефтимов, потпретседател на општината, Григор Самарџиев, втор потпретседател, и Тасо Костов, секретар на општината, обвинети дека издавале лажни легитимации и со тоа ја помагале ВМРО.[4] Со поддршка од полицијата, во 1931 година е избран за народен пратеник од Струмичкиот срез како кандидат на листата на Југословенската национална партија (ЈНП), која тогаш е единствена политичка партија во кралството.[5] Во 1935 година повторно се кандидира на листата на ЈНП, но полицијата го поддржува Јордан Аќимовиќ.[5] Од 1936 година активно ја поддржува Југословенската радикална заедница (ЈРЗ) на тогашниот премиер на Југославија Милан Стојадиновиќ.[5]

По Марсејскиот атентат од 1934 година, во кој е убиен југословенскиот крал Александар I Караѓорѓевиќ, Фиданчев, кој тогаш е народен пратеник, учествува на тајна панихида за атентаторот Владо Черноземски од ВМРО, која се одржала во домот на Кирил Калкашлиев во Струмица.[6]

Наводи

уреди
  1. Митриновић, Чедомил М. (1931). Прво југословенско Народно претставништво изабрано 8. новембра 1931. године. Београд. стр. 137.
  2. Пандевски, Манол; Стоев, Ѓорѓи (1969). Струмица и Струмичко низ историјата. Струмица. стр. 322.
  3. Пандевски, Манол; Стоев, Ѓорѓи (1969). Струмица и Струмичко низ историјата. Струмица. стр. 322–323.
  4. Михайловъ, Иванъ (1973). Спомени IV. Освободителна борба 1924 – 1934 г. (продължение) (PDF). стр. 620.
  5. 5,0 5,1 5,2 Пандевски, Манол; Стоев, Ѓорѓи (1969). Струмица и Струмичко низ историјата. Струмица. стр. 323.
  6. Ристески, Стојан (1995). Судени за Македонија (1945–1985). Охрид. стр. 141.