Студентски демонстрации во Југославија (1968)

Студентските демонстрации во Југославија во 1968 година биле дел од протестите кои се случуваа во многу земји во 1968 година и најмасовен јавен протест во СФР Југославија по крајот на Втората светска војна. Најголемите протести се случуваа во Белград, додека помала раздвиженост на студентите имало и во Сараево, Загреб, Љубљана и Скопје. Протестите траеле од 2 до 9 јуни 1968 година. Барањата на студентите биле насочени против растечките злоупотреби на власта и неисполнувањето на социјалистичките принципи.

Случувања

уреди

Во текот на 1960-тите години, во Југославија настапи своевидна економска криза како резултат на економската реформа на власта. Невработеност почна нагло да расте, фирмите да пропаѓаат, а многу од работниците иако вработени, со месеци не земаа плата. Граѓаните од сите републики масовно заминуваа на работа во странство, особено низ Европа, за да ја избегнат кризата во Југославија.

Тензиите растеа и граѓаните не беа задоволни. Тоа непосредно доведе до немири, како дел од револуционерниот бран кој се ширеше низ цела Европа.

Непосредниот повод за изблик на наталоженото студентско незадоволство се случи на 2 јуни 1968, кога на студентите им беше забрането да присуствуваат на една приредба поради недоволно простор, кој им беше дозволен на бригадирите кои имаа предност за влез во халата. Оние кои останаа надвор почнаа да протестираат и наскоро дојде до физичка пресметка помеѓу студентите и бригадирите. Приредбата беше прекината и полицијата толку брутално делуваше, што студентите наскоро се свртеа против полициските сили.

Тој ден жарот се разгоре, а тоа беше доволно за веќе наредниот ден да се организираат неколку илјади студенти на марш од Студентскиот град кон Белград. Началникот на белградската полиција издаде строги наредби студенти да не се пуштаат во градот, но студентите не се откажуваа, па крајот доби крвави димензии. Полицијата ги напаѓаше студентите со огнено оружје, а тие запалија противпожарна цистерна. Имаше и повредени, еден студент бил погоден во двете нозе, друг во колкот, а ранета е и една студентка.[1]

Истата вечер на Филозофскиот факултет е одржан итен состанок и е донесена одлука за општ штрајк на Универзитетот и прекин на наставата. Секој ден се печатеа вонредни броеви на студентскиот весник „Студент“. Седум дена, колку што траеше штрајкот, Универзитетот беше опколен со полиција, а студентите влегуваа и излегуваа само со индекс.

Студентите ја имаа поддршката и на професорите. Секојдневно се одржуваа трибини на кои професорите и студентите дискутираа за проблемите во општеството. Демонстрациите имаа изразена левичарска конотација. Белградскиот универзитет се преименува во „Црвен универзитет Карл Маркс“. Направен е список со студентски барања кои вклучуваа ослободување на уапсените студенти, слобода на говорот, смена на шефот на полицијата и укинување на економските реформи кои доведоа до невработеност и пораст на социјалните разлики.

Во сите новински редакции и телевизии беше воведена цензура. Секој издаден весник беше строго контролиран, па во весниците можеше да се прочитаат наслови од типот: „група криминалци протестираат“; „на студентите не им се учи“ итн.

На седмиот ден од демонстрациите претседателот на Југославија, Јосип Броз Тито, излезе на телевизија со говор, преку кој ги повика студентите да се повлечат од протестите и им вети исполнување на нивните барања. Голем дел од студентите му поверуваа и ги прекинаа протестите.

Демонстрантите скапо го платија повишувањето на својот глас. На поактивните студенти во протестите им беа одземени пасошите а некои завршија во затвор во следните години.[2] Исто така, дел од професорите кои го поддржаа протестот ги изгубија своите работни места.

Наводи

уреди

Литература

уреди
  • Милан Недков, Димитар Мирчев, „Студентската 1968 година (избор на текстови)“, „Студентски збор“, Скопје, 1970.
  • “Jun - lipanj 1968: dokumenti”, Hrvatsko filozofsko društvo, Zagreb, 1971.
  • Mirko Arsić, Dragan R. Marković, "Studentski bunt i društvo: '68", Istraživačko-izdavački centar SSO Srbije, Beograd, 1984.
  • Nebojša Popov, "Contra fatum: 'slučaj grupe profesora' Filozofskog fakulteta u Beogradu (1968-1988)", Scientia Yugoslavica-Asicijacija naučnih unija Jugoslavije, Zagreb, 1988.
  • Vesna Đukić (ur.), "Beogradski univerzitet i `68.: zbornik dokumenata o studentskim demonstracijama", Centar za marksizam Univerziteta, Beograd, 1989.
  • Nebojša Popov, "Sukobi: društveni sukobi - izazov sociologiji", Centar za filozofiju i društvenu teoriju, Beograd, 1990.
  • Živojin Pavlović, “Ispljuvak pun krvi”, “Dereta”, Beograd, 1990.
  • Ivan Miladinović, "1968.: tajna i opomena", "Draganić", Beograd, 2003.
  • Danilo Udovički, "Treći juni 1968: od kritike svega postojećeg, do uništenja svega postignutog, „Kiša“, „Prometej“, Novi Sad, 2008.
  • Ivan Miladinović, "1968: poslednji veliki san, "Filip Višnjić", Beograd, 2008.
  • Ilija Moljković, "'Slučaj' Student: dokumenti", "Službeni glasnik", Beograd, 2008.
  • Ђорђе Малавразић (ур.), „Шездесет осма – личне историје“, РТС – Радио Београд 2, „Службени гласник“, Београд, 2008.

Надворешни врски

уреди