Радин мост — камен мост во градот Кратово. Мостот ја минува Манцева Река, притока на Кратовска (Табачка) Река.[1] Заведен е како културно наследство на Македонија во „Списокот на заштитени добра“ од 2012 година под реден број 23 во Кратово.[2].

Радин мост
Поглед на Радин мост
ПреминуваМанцева Река
МестоКратово
Зашт. статускултурно наследство на Македонија
Особености
Материјалкамен
Вкуп. должина30 м
Ширина4 м
Висина29 м
Распони2
Историја
Завршен1833
Местоположба
Карта

Се наоѓа на крајот на градот, во Чаир Маало. Изграден е на две кули високи 28 и 29 метри.[1] Мостот е опеан во народна песна. Се користи за пешачки и автомобилски сообраќај и денес е во добра состојба.

Историја уреди

 
Радин мост, пред 1912

Уште кон крајот на 14 век, познатиот мајстор Раде изградил мост, кој бил познат како Радев мост. На двете страни имало стражарници и се наплаќала патарина во натура-со јајца, мед, сирење, урда. Но, околу 1820 година, мостот бил погоден од гром и уништен. Така, патниците останале отсечени, а трговските врски со околните градови биле отежнати и морало да се кружи преку Аргулички мост. Затоа, Дубровчаните и Сасите, кои живееле во Кратово, издејствувале средства од Дубровник и почнала изградбата на легендарниот Радин мост, непосредно над разурнатиот Радев мост од кој сè уште стојат остатоци.[3]

Мостот бил пуштен во употреба на 16 септември 1833 година од познатиот скопски Хавзи-паша. Со овој мост е поврзана и историската случка со револуционерот Јосиф Даскалов, кој бил уапсен од турскиот аскер. Тој се фрлил од овој мост за да не ја предаде организацијата, а со себе повлекол двајца турски војници.

Денес, на мостот се направени мали измени од страна на општинскиот центар во Кратово со цел за подолго опстојување на самиот мост.[1]

Легенда за мостот уреди

Според приказната, мостот го граделе деветмина браќа, но преку ноќ, тој постојано паѓал. Затоа, една вечер се договориле која од сопругите ќе им донесе ручек утредента, таа да ја заѕидаат во темелите на мостот, верувајќи дека тој повеќе нема да паѓа. Сите браќа им кажале на сопругите утре да не им носат ручек – освен најмладиот кој заборавил. Утредента, младата Рада го зготвила ручекот и го однела на мајсторите. Како што бил договорот така и направиле. Младиот брат ги молел, ги преколнувал браќата да не го прават тоа, ја молел и Рада да му прости бидејќи заборавил да ѝ каже, но веќе било доцна. Последната желба на младата Рада била да и ја остават десната града да си го дои малото си машко дете, која и била исполнета. Оттогаш до ден денес се прераскажува легендата за младата Рада, која е заѕидана во темелите на „Радин мост“ кој оттогаш наваму се нема срушено.[1]

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 д-р Милевски, Ивица (18 март 2014). „Кратово – град на средновековни кули и мостови“. ИГЕО-ПОРТАЛ - Институт за географија. Посетено на 31 март 2022.
  2. „Национален регистар на објекти кои се заштитено културно наследство“. Министерство за култура. 2012. Архивирано од изворникот 2021-08-09. Посетено на 31 март 2022.
  3. Цветковска, Жаклина (17 јануари 2021). „Радин мост- легенда што не престанува да ги привлекува туристите“. Kumanovonews. Посетено на 31 март 2022.