Службена верзија (филм од 1985)

„Службена верзија“ или „Официјална верзија“(шпански: La historia oficial) - аргентински филм од 1985 година, во режија на Луис Пуенцо (Luis Puenzo), кој е автор и на сценариото, заедно со Аида Бортник. Главните улоги ги толкуваат: Норма Алеандро (Norma Aleandro), Ектор Алтерио (Héctor Alterio) и Чунчуна Виљафање (Chunchuna Villafañe). Филмот освоил вкупно 25 награди, меѓу кои и „Оскар“ и „Златен глобус“ за најдобар странски филм, како и две награди на Канскиот филмски фестивал (наградата на Екуменското жири и наградата за најдобра глумица).[1]

Синопсис

уреди

Дејствието на филмот се одвива во 1983 година, за време на последните месеци од владеењето на воената хунта во Аргентина. Алисија (ја игра Алеандро), средношколска учителка по историја, нејзиниот сопруг Роберто (го игра Алтерио), државен службеник и нивната петгодишна посвоена ќерка Габи живеат во Буенос Аирес. Додека низ градот се случуваат демонстрации против власта која е одговорна за смртта на многу невини луѓе, Алисија не е свесна за државниот терор и затоа реагира бесно кога нејзините ученици ја критикуваат власта и официјалната историја напишана во учебниците. Меѓутоа, Алисија се среќава со старата пријателка Ана (ја игра Виљафање), која долго време живеела во Европа и која ѝ кажува дека била уапсена и измачувана од власта и дека во затворот видела жени на кои им биле одземени децата и дадени на богати семејства. Тогаш, Алисија почнува да истражува со цел да ја пронајде биолошката мајка на својата посвоена ќерка. Притоа, таа се поврзува со организацијата која ги бара одземените деца и се запознава со Сара, чија ќерка родила бебе кое ѝ било одземено. Сара верува дека Габи е нејзината внука, а кога Алисија ја кани во својот дом, Роберто избувнува и бара Сара да ја напушти куќата. Еден ден, Алисија и Роберто се расправаат во врска со потеклото на Габи при штој ја удира, а тогаш се јавува Габи, која се наоѓа кај дедо ѝ. Додека Роберто зборува со Габи, Алисија ја напушта куќата.[2]

Наводи

уреди