Слободна територија Трст
Слободна територија Трст (на италијански: Territorio libero di Trieste, на словенечки: Svobodno tržaško ozemlje, на хрватски: Slobodni teritorij Trsta, на српски: Cлободна Териорија Трста) — поранешна независна територија во Средна Европа помеѓу северна Италија и Југославија, која излегувала на Јадранското Море. Територијата била воспоставена по Втората светска војна, под директна одговорност на Советот за безбедност на ООН.
Територијата била формирана на 10 февруари 1947 година со протокол на Договорот за мир со Италија, со цел етнички и културно мешаното население да се стави во неутрален и независен ентитет. Намерата била да се смират територијалните аспирации на Италија и Југославија произлезени од стратешката важност за трговија со Средна Европа. Територијата станала постоечка на 15 септември истата година. Администрацијата била поделена на две области: едната (Зона А) била сместена во пристанишниот град Трст со тесен крајбрежен појас на северозапад, другата (Зона Б) опфаќала мал дел од северозападниот дел на Истрискиот Полуостров.
Слободната територија де факто прекинала да постои во 1954 година и била поделена помеѓу Италија и Југославија. Овој чин бил официјализиран многу подоцна со билатералниот Договор од Осимо од 1975 година, ратификуван во 1977 година.[1]
Наводи
уреди- ↑ Drašček, Nuša. "Slovenska zahodna meja po drugi svetovni vojni", diplomsko delo, Univerza v Ljubljani, Ljubljana, 2005
Оваа статија е никулец. Можете да помогнете со тоа што ќе ја проширите. |