Слобода на две тркала
„Слобода на две тркала“ е документарен филм од македонско потекло снимен во 2015 година во продукција на karas4training.com и здружението ВЕЛОЕВРОПА. Дејствието е во времетраење од 18 минути и е поделено на 4 дела.
„Слобода на две тркала“ | |
---|---|
Плакатот за филмот | |
Режисер | Игор Д. Јовановски |
Продуцент | Игор Д. Јовановски (karas4training.com) |
Сценарист | Слободан Трајковски Игор Д. Јовановски |
Главни улоги | Слободан Трајковски Теодор Неделковски Надица Димовска Марко Митиќ Гоце Шутевски Андон Сикавица |
Времетраење | 18 мин. |
Земја | Македонија |
Јазик | Македонски |
Содржина
уредиФилмот зборува за велосипедскиот туринг како начин на патување, а Македонската Тур де Франс Експедиција (МТДФЕ) е искористена како инструмент за да се доловат убавините, предизвиците и предностите од овој начин на патување. Своите искуства во однос на турингот ги раскажуваат членовите на МТДФЕ: Марко Митиќ (член на МТдФЕ 2011), Гоце Шутевски (2011), Надица Димовска (2013), Андон Сикавица (2013), Теодор Неделковски (2015) и Слободан Трајковски кој е организатор и водач на сите пет експедиции и воедно организатор на познатиот велосипедски фестивал Mariovo Off-Road Experience. Двајца членови на експедицијата не се појавуваат во филмот од различни причини. Филмот е поделен на четири поглавја. Во првото поглавје „Зошто велосипед?“ раскажувачот (Слободан Трајковски) на прозаичен начин зборува за предностите и значењето на велосипедот. Во вториот дел „А зашто туринг?“ зборуваат членовите на МТдФЕ и ги споделуваат нивните погледи во однос на туринг велосипедизмот и раскажуваат искуства коишто ги доживеале на Алпите. Третиот дел „Експедицијата“ е аудио интермецо каде што се користени снимки направени од Слободан Трајковски (2013) и Теодор Неделковски (2015) и каде се доловува атмосферата при следењето на Тур де Франс етапите. Четвртиот дел „Поуки“ учесниците ги изнесуваат нивните гледишта и искуства во однос на експедицијата и туринг велосипедизмот.
Продукција
уредиФилмот е снимен во продукција на karas4training.com, а во соработка со здружението ВЕЛОВРОПА. Режисер на филмот е Игор Д. Јовановски, според сценарио напишано од Слободан Трајковски и Игор Д. Јовановски. Монтажата на филмот е на Игор Д. Јовановски, а графичкиот дизајн на Катерина Николовска. Снимките од воздух се извршени од Бубе дрон пауер. Во филмот се користени снимки направени од Слободан Трајковски (2013), Теодор Неделковски (2015), Љубомир и Игор Јовановски.
Локации
уредиВо создавањето на филмот користени се снимки направени за време на МТДФЕ 2013 и 2015, и снимки направени од Игор Д. Јовановски на локации во околината на Пехчево и Берово и Скопска Црна Гора.
Буџет
уредиФилмот е снимен без буџет.
Премиера
уредиФилмот премиерно беше прикажан на отворањето на ЕХО фестивалот на планински филмови на 2 ноември 2015 година, во киното „Милениум“ во Скопје.