Сказна за мртвата царска ќерка и за седумте јунаци
„Сказна за мртвата царска ќерка и за седумте јунаци“ (руски: Сказка о мёртвой царевне и о семи богатырях) — бајка во стихови на Александар Пушкин, напишана во 1833 година.
Содржина
уредиЕден цар заминал на далечен пат, а жена му во меѓувреме родила ќерка. Таа нестрпливо го чекала враќањето на царот, а кога тој дошол дома, од преголема возбуда, таа умрела. По една година, царот се оженил со преубава жена, која имала волшебно огледало. Одвреме-навреме, таа го прашувала огледалото која е најубавата жена на светот, а тоа секогаш одговарало дека таа била најубава на светот. Царската ќерка пораснала и еден принц ја побарал за жена, па царот ги почнал подготовките за свадбата. Еден ден, сопругата на царот повторно го прашала огледалцето, но тоа ѝ одговорило дека царската ќерка била најубава на светот. Тогаш, царицата се налутила и ѝ наредила на слугинката да ја однесе девојката во шумата и да ја врзе на некое дрво за да ја изедат ѕверовите. Меѓутоа, слугинката се смилувала на молбите на девојката и ја ослободила, а на царицата ѝ кажала дека ја извршила наредбата. Царската ќерка скитала низ шумата и дошла до една куќа. Кога влегла внатре, таа забележала дека куќата е неуредна и почнала да ја чисти и уредува, а потоа, уморна, таа заспала. По некое време, во куќата дошле седум браќа, кои забележале дека некој бил во куќата, а кога се појавила царската ќерка, тие ѝ дозволиле да живее со нив. Така минувале деновите, а царската ќерка вредно се грижела за домаќинството, додека браќата оделе на лов. Еден ден, тие ѝ признале дека сите биле вљубени во неа, нудејќи ѝ да се омажи за еден од нив, но таа им кажала дека веќе била омажена. Еден ден, царицата повторно го прашала своето огледало, а тоа ѝ кажало дека царската ќерка била најубава на светот. Потоа, слугинката ѝ ја признала на царицата својата измама, а таа ѝ наредила да ја најде царската ќерка и да ја убие. Така, слугинката се претворила во старица и дошла до куќата на седумте браќа. Нивното куче го насетило злото и силно лаело на неа, но царската ќерка се смилувала на старицата, давајќи ѝ леб, додека таа ѝ дала јаболко и си заминала. Подоцна, девојката каснала од јаболкото, кое било отровно, и веднаш умрела. Кога се вратиле дома, браќата ја пронашле девојката мртва, а кучето го изело јаболкото и веднаш умрело, а така тие сфатиле дека јаболкото било отровно. Браќата ја жалеле царската ќерка три дена, а потоа ја закопале во планината, во кристален ковчег. Кога царицата го прашала волшебното огледало, тоа ѝ кажало дека таа била најубавата жена на светот. Во меѓувреме, принцот Елисеј шетал низ светот, барајќи ја своата невеста од која никаде немало ни трага. Очаен, тој се обратил до сонцето и месечината за помош, а тие го упатиле на ветрот, кој му кажал дека неговата сакана лежи мртва во планината. Елисеј го нашол местото каде била закопана царската ќерка, го отворил ковчегот, ја бакнал и таа наеднаш оживеала. Потоа, принцот ја однел невестата дома. Царицата, пак, дознала од огледалото дека царската ќерка била жива и умрела од мака. Штом ја закопале злобната царица, принцот и царската ќерка се венчале и приредиле голема гозба.[1]
Наводи
уреди- ↑ А. С. Пушкин, Рибарот и рипката и други сказни, Просветно дело, Редакција „Детска радост“, Скопје, 2004, стр. 81-104.