Симфонија на мирот (Скопје)

Симфонија на мирот претставува бронзена скулптура на три птици гулаби кои стојат врз Земјината топка. Се наоѓа во центарот на Скопје и е поставена во 2005 година. Оваа скулптура е посветена на жртвите на холокаустот во Македонија и според авторот, познатиот македонски вајар Томе Серафимоски, таа е антитеза на ужасите на војната и на безумието што таа со себе го носи, на прогонствата и на стравот, на измачувањата и на смртта, како и на сите оние за човек недостојни состојби од времето кога човечноста била поразена, а од кое, како од отворената утроба на нашето сопствено крваво минато, сè уште се шири гнасна реа.

Поглед кон скулптурата

Скулптурата била поставена по повод Денот на холокаустот на плоштадот Слобода во Скопје во спомен на депортацијата на скопските Евреи. Таа била откриена од тогашниот претседател на Македонија, Бранко Црвенковски, а на свеченоста се обратил професорот д-р Самуел Садикарио и градоначалникот на Скопје, Ристо Пенов.[1]

Наводи

уреди
  1. "Симфонија на мирот" на плоштадот Слобода“. Дневник. 2005. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2011-08-14.

Надворешни врски

уреди