Св. Никола летен / Св. Талалеј во село Крстец, Прилепско
Св.Никола летен (Св.Талалеј) во село Крстец, Прилепско е културно наследство со национална класификација за Духовно културно наследство- обичаи од годишниот циклус 3.1.2.4.1. [1]
Датирање
уредиДатирањето не може со сигурност да се определи, затоа што не постојат сигурни податоци во научната литература во научната литература и во останатите пишани извори.Можеме да претпоставиме дека доброто започнало да се практикува со подигнувањето на селската црква " Свети Никола " кон крајот на 18 и почетокот на 19 век.
Опис на доброто
уредиСелото Крстец се наоѓа на 12 километри оддалеченост од Прилеп во подножјето на врвот Козјак на планината Баба. Потребно е да нагласиме дека тоа денес е сосема раселено, но иселениците во последната деценија ги реконструираат своите куќи во викендици од една страна, а од друга страна дел од нив развиваат и свои стопански фарми.Досега с.Крстец не било предмет на етнолошки истражувања, како од духовен, така и од материјален и социјален аспект. Tоа значи дека за првпат во етнолошката наука регистрираме и претставуваме еден сегмент од нивната религиозна пратика – селската слава Св.Никола Летен/ Св.Талалеј која се прославува на 2 јуни секоја календарска година од страна на иселените жители од селото.
Празнувањето запчнува утрото со служење на литургија во селската црква Свети Никола, по кој чин се излегува во дворот на црквата, каде се „врти" погачата и се избира нов домаќин, кој ќе ја организира прославата за следната година. По правило, за нов домаќин се избира оној, кој прв ќе се јави/викне по прашањето од свештеникот :„Кој сака да биде домаќин до година?" Потоа се носат „Крстите" , односно се изведува молитвената обиколка за дожд и бериќет, а учесници се сите присутни (иселениците од селото и нивните гости), при што напред оди свештеникот, по него „клепачот" , кој клепа на клепалото, бајрактарот, кој го носи црковното знаме, па помладите кои ги носта иконите од црквата и потоа повозрасните мажи и жени. За разлика од изворниот обред, сега крстите се носат само во Долна чешма, каде свештеникот ја свети водата. Потоа три пати се обиколува црквата и домаќинот го служи обредниот ручек на дрвената трпеза поставена во тремот на црквата. Истиот најчесто се состои од печено јагнешко месо или „јавнија" (манџа, припремена од телешко месо со компири и зеленчук). Откако ќе заврши ручекот започнува селската веселба со песни и ора на средселото.
Оваа совемена обичајна форма на прославување на славата започнува да се практикува во последната деценија или поконкретно од 2003 па наваму.
Сè до раселувањето во 80-те години од минатиот век селската слава се празнувала слично како и во останатите селски средини во Македониа.Имено празнувањето во неговиот изворен облик се одвивало на следниот начин :Утрото, на самиот ден на славата , домаќините заедно со гостите кои пристигнувале од другите соседни населени места (Прилеп, Оревоец, Плетвар, Леништа, Никодин, Ракле, Топлица, Беловодица и Присад) оделе во селската црква Свети Никола каде се служела литургија. По „службата" се носеле „Крсти " – обичај чија основна цел е измолување на дожд и бериќет од Бога. Напред одел свештеникот, по него клепачот (оној што удирал на клепалото), бајрактарот и возрасните мажи, ергените, девојките и децата што ги носеле иконите од црквата, а омажените жени се враќале дома за да ги пречекуваат „визитарите" откако ќе завршат Покрстите. Постоел обичај во наддавање пари „лицитација" за носењето на бајракот и се внимавало тоа да биде ерген за женење зашто „демек малце беше ко чест поголема". Поворката започнувала од црквата и се движела кон Долна чешма каде се светела водата, потоа по Долни пат преку Тумбата се спушала во Провишта и кај Големиот даб се застанувало да се поткасни „колку за адет, симболично-лебче, сиренце". По ручањето откако попот „че испее" покрстарите се упатувале на горе по ливадите кон Дабра, па Црквишта, Мали рамништа и Горна чешма, каде исто така се светела водата.
Во текот на носењето на крстите по селото и полето се пеела песната „Крсти носам, бога молам“ :
" Крсти носам, бога молам,
Господи помилуј.
Да зароси ситна роса,
Господи помилуј.
Ситна роса, бериќетна,
Господи помилуј.
Беричето по полето,
Господи помилуј.
Од три класта,шимник жито,
Господи помилуј.
Од три грозда, бочва вино,
Господи помилуј.
По планиње мед и млеко,
Господи помилуј."
Потоа поворката три пати ја обиколувала црквата и со враќањето на иконите во црквата завршувале „Крстите". После овј чин мажите во групи (секој домаќин со своите гости) ги посетувале сите домаќинства во селото и по „визитата" следувала обредната трпеза во гостинската соба во секое едно домаќинство. Обредниот ручек се состоел најчесто од јагнешко месо потпечено во тепсии со овча маст. Пред започнувањето на ручекот домаќинот на куќата крстејќи се благословувал:„За многу години да ни е славата, Господ бериќет по полето да дава,да се множи стоката, да се живи фамилиите." По завршувањето на ручекот се одело на средсело каде се играло и пеело „до мрак." Гостите, најчесто вечерта останувале да преспијат кај домаќините зашто празнувањето продолжувало и следниот ден на 3 јуни кога се слави црковниот празник Св.Константин и Елена. Утрото повторно се одело во црква и по отслужената литургија „пак на средсело се играше и пееше".
Посебни карактеристики
уреди- Доброто се практикува во природна животна средина, која има голем потенцијал за развој во "воздушно лекувалиште", но и за развој на планински туризам;
- Речиси сите раселени жители на денот на практикувањето на доброто се враќаат во родното место, поради што истото може да послужи во насоа на локален, рурален, културен и економски развој;
- Поради блискоста со Прилеп доброто може да влезе во неговата туристичка понуда;
- Доброто се практикува континуирано, од почетокот на 19 век до денес;
- Секоја година се избира по еден домаќин кој треба да биде организатор за следната година;
- Се изведува обичајот „Покрсти" и се свети вода (иако обиколката се сведува само на средселото);
- Се служи обреден ручек од јагнешко месо;
Потекло
уредиСлавата претставува празнично -обреден комплекс поврзан со почитувањето на одреден христијански светител, кој се смета за пкровител на индивидуата или колективната заедница (фамилијарна, селска, градска, црковна). Научниците, до пред извесен период, беа единствени во ставот дека славата има древен пагански производ чија основа е култот кон покојните претци и кон хероите. Но, од друга страна, потеклото на славата треба да се бара во старозаветната традиција и почитувањето на старозаветните патријарси и пророци. Божјата слава, непозната на античките и паганските народи, најрано е документирана во Втрата книга Мојсиева (Исход) и истата се споменува и во другите старозаветни и новозветни текстови од Светото Писмо.
Оттука,според религиското и теолошкото поимање на славата на светителите, можеме да заклучиме дека истата има библиско-христијанско потекло, зашто меѓу другото ни сведочи и неприсуството на какви и да било пагански или нехристијански елементи.
Во конкретниот случај селската слава Св.Никола Летен/ Св.Талаллеј во с.Крстец најверојатно се развила и возникнала под влијание на општоселскиот храмов празник.
Вредности и значење на доброто
уреди- Културно- национална и
- Општетвено-социјална вредност .
Доброто има големо значење поради неговата културно-национална вредност, во насока на зачувувањето на националното духовно културно наследство на Р Македонија од една страна,и од друга страна, поради фактот што истото пртставува еден од најзначајните елементи кои придонесуваат за одржување, јакнење и развој на чувството на припадност кон дадената територијално-родова заедница во услови на комплетна раселеност на селската заедница.
Критериуми врз кои е извршена валоризација на доброто
уредиВалоризацијата на доброто е извршена врз основа на член 3 од Правилникот за валоризација, категоризација и ревалоризација на културното наследство, и тоа според неговата етнолошка вредност
Kритериумите кои се однесуваат на својството на дoброто
уреди- Интегралноста-изразена преку степенот на интеракција на доброто со локалната средина во која се практикува;
- Зачуваноста -изразена преку степенот на загрозеност во однос на изворното практикување на доброто;
- Староста-изразена преку траењето на доброто од околу две столетија;
Kритериумите кои се однесуваат на функциите на добротo
уреди- Културната;
- Комуникациската;
- Воспитно-образовната;
Kритериумите кои се однесуваат на значењето на доброто
уреди- Културното;
- Општественто;
- Научното;
Критериуми за категоризација на доброто
уреди- Документарност - доброто е интересно за проучување не само од етнолошки и фолклорен аспект,туку и особено од социолошки аспект,прку кои може да се следат историско-културните и општествените прилики на локалниот развој на населеното место.
- Повторливост – празнувањето на селските слави во Р Македонија е масовно застапена појава и поради таа приина доброто е исклучено во категоризирање на една од повисоките категории, одосно поткатегории на заштита на нематеријалното културно наследство.