Еразмо Охридски
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Св. Еразмо Охридски (или Лихнидски) — христијански маченик од крајот на III и почетокот на IV век по потекло од Антиохија кој извесно време претстојувал во Лихнид (Охрид), Македонија. Неговиот култ ги поминал локалните граници на Македонија и се проширил не само во другите места на Балканот туку и пошироко во Европа. Денес, Св. Еразмо подеднакво е почитуван од Римокатоличката и Православната црква.
Св. Еразмо Охридски | |
---|---|
Роден(а) | Антиохија |
Слава | 2 јуни (стар стил) 15 јуни (нов стил) |
За животот на Еразмо и неговиот престој во Лихнид дознаваме од двете негови житија сочувани во повеќе верзии во кои е опишана неговата мисионерска дејност и маченичка смрт во времето на Диоклетијан и Галериј. За престојот и мисионерската дејност на Еразмо во градот Лихнид и неговата околина, освен пишани извори постојат и многубројни народни преданија настанати неколку века по неговата маченичка смрт. На него е посветна познатата средновековна црква „Св. Еразмо“ во Охрид.
Овие изворни податоци соопштуваат дека Еразмо, кој бил епископ во градот Антиохија, стравувајќи за својата безбедност побегнал во Либанските гори каде живеел седум години. Но, римските власти успеале да го фатат и да го затворат под обвинение дека е христијанин. Според преданието, непосредно пред да биде извршена смртната казна, Еразмо бил спасен од ангел кој го упатил да замине, според едни извори во Сидугридум, според други во Охрид, според трети во Лоукридос, а според приложното житие во Москополскиот зборник во градот Лихнид. И покрај контрадикторноста на изворните податоци во врска со местата каде што престојувал Еразмо по неговото заминување од Антиохија, врз основа на археолошките податоци пронајдени при ископувањата на наоѓалиштата во Охрид и Охридско, како и врз основа на раширеното народно предание и култ кон светецот, речиси без исклучок се смета дека античкиот Лихнид бил градот каде што Еразмо еден подолг период ја извршувал својата мисионерска дејност.
Тој таму се задржал повеќе години работејќи како мисионер, вршејќи разни чуда меѓу месното население од кои најкарактеристично е воскреснувањето на синот на видниот Лихнидиец Анастас и покрстувањето на 40.000 нови верници. Неоспорна е големата улога и влијание што го одиграл култот на Св. Еразмо во ширењето и зацврстувањето на христијанството на овие простори.
Дознавајќи за големиот успех што го постигнал во неговата мисионерска работа, царот Галериј им наредил на локалните власти веднаш да го затворат Еразмо, а потоа лично го сослушал и наредил да биде однесен во градот Соурмитана. Но и таму Еразмо продолжил со својата дејност при што успеал да преобрати 30.000 нови верници пред да биде повторно затворен и мачен. Според легендата, повторно од затворот го спасил ангел, по што Еразмо според житието сочувано во Москополскиот зборник заминал во градот Фримос во Кампанија и оттаму во Хермелеја каде што и умрел, а пак во сите други житија сочувани во латинските извори се кажува дека од Соурмитана преку Драч или о стровот Крк, Еразмо заминал за Италија каде по седум дена од неговото пристигање починал во градот Формија каде што и бил погребан. Во IX век градот Формија настрадал од Сарацените при што моштите на светецот биле пренесени во соседниот град Гаета.